96/2002-0-0

96/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 26 март 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 48 став 4 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/01 и 5/03).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување меѓусебната согласност на одделни членови од законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата одредбите од став 3 и став 4 од Законот за одбрана биле несогласни со одредбите од членот 28 став 3, членот 26 точките 2 и 3 и членот 25 став 1 од истиот закон.
Имено, подносителот на иницијативата ја оспорува меѓусебната согласност на одредбите од овој закон од причина што смета дека министерот за одбрана не бил овластен да учествува во Генералштабот во обезбедувањето на остварувањето на виталните функции на Армијата, туку дека за тоа бил надлежен исклучиво Генералштабот, каква што надлежност предвидувале членовите: 28 став 3, 26 точка 2 и точка 3 и членот 25 став 1 од истиот закон.
4. Судот на седницата утврди дека согласно членот 48 став 4 од Законот за време на штрајкот учесниците во штрајкот се должни да останат на своите работни места и да ги извршуваат активностите неопходни за остварување на виталните функции на Армијата.
5. Согласно член 38 став 1 од Уставот, се гарантира правото на штрајк.
Ставот 2 на овој член од Уставот предвидува дека со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.
Од наведенава уставна одредба произлегува дека Уставот, начелно, го гарантира правото на штрајк за потоа, веднаш да ги предвиди органите во кои можат да се ограничат условите за остварување на ова право. Меѓу тие органи спаѓаат и вооружените сили (што во конкретниов случај е актуелно).
Според тоа Судот смета дека одредбата од ставот 4 на член 48 од Законот која предвидува учесниците за време на штрајкот во Армијата да не ги напуштаат своите работни места, не значи дека тие не смеат да штрајкуваат и да го изразат својот јавен протест, туку дека тоа може да го прават во ограничени услови, како што предвидува Уставот, а со цел да не се попречи извршувањето на активностите што се неопходни за остварување на виталните функции на Армијата.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на одредбита од ставот 4 на членот 48 од Законот за одбрана.
6. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ја оценува согласноста на законите со Уставот и согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.
Со оглед на тоа дека подносителот на иницијативата ја оспорува меѓусебната согласност на одделни членови од овој закон, согласно погоре наведената одредба од Уставот, тоа прашање излегува надвор од доменот на надлежноста на Судот, поради што Судот оцени дека иницијативата треба да биде отфрлена.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Мих ајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.96/2002
26 март 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply