183/2002-0-0

183/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 19 март 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за вршење на нотарските работи во целина, член 2, член 3, член 42 и Глава ЏИИИ (“Службен весник на РМ” бр. 59/96, 25/96 и 6/2002).
2. Адвокатската комора на Република Македонија застапувана од адвокатот Анета Батева од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за поведување постапка за оценување уставноста на Законот за вршење на нотарските работи во целина, член 2, член 3, член 42 и Глава ЏИИИ од наведениот закон.
Според наводите од иницијативата нотарите не се уставна категорија односно тие не се самостојна независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавните овластувања врз основа на закон по барање на граѓанинот, тоа можат да бидат единствено адвокати (член 3 од Законот).
Нотаријатот не може да биде самостојна и независна јавна служба кога се формира со одобрение на орган на Владата, кој ги одредува нејзините седишта, а го одредува и надоместокот за извршените услуги.
Членот 2 од Законот за вршење на нотарските работи е во спротивност со член 51 и 53 од Уставот затоа што нотарот, нотарските работи не може да ги врши независно самостојно и стручно кога тој е орган на извршната власт, а некогаш и не поседува стручна квалификација за тоа (положен правосуден испит).
Во одредени случаи нотарот не само што не е компетентен да ја врши оваа јавна служба туку и им ја зема работата на стручни и компетентни лица како што се адвокатите. Нотаријатот е орган на извршната власт а ги зема парите приватно.
Членот 42 од Законот не е во согласност со член 15 од Уставот затоа што против нотарскиот акт донесен во смисла на член 42 не постои правен лек, односно граѓанинот без никаков приговор или жалба е должен да се повинува на барањето на нотарот што е сосема погрешно.
Со оглед на тоа се поставува прашањето за што се третира нотарот: судски орган, управен орган или здружение на граѓани.
Спрема законските прописи излегува дека е тој здружение на граѓани или дел од адвокатурата, а тие како такви немаат овластување да донесуваат акти кој се задолжителни за граѓаните.
Глава ЏИИИ од Законот е во спротивност со член 98 од Уставот. Основна премиса на овој член е дека е забрането делегација на судската власт односно забранети се вонредни судови.
Освен вонпроцесната со одредбите од Глава ЏИИИ се отвара пат на извршната власт да ги прсели кај нотарите и дел од другите постапки. Граѓанско судските постапки со Уставот и со закон се утврдени како надлежности на Судот. Тие во никој случај не можат да бидат во надлежност на јавна служба, нарочито не во служба на орган на Владата, затоа што ќе се создаде ситуација кадија те тужи кадија те суди.
На овој начин се дерогираат одредбите од Уставот за поделба на власта на законодавна, извршна и судска.
Со дополнување на иницијативата од 25 декември 2002 година се бара Судот да изрече времена мерка.
3. Судот на седницата утврди дека со Законот за вршење на нотарските работи се уредува вршењето на нотарските работи, се определуваат условите и постапката за основање на нотаријатот и за именување на нотари и се утврдува делокругот на работата на нотаријатот.
Во членот 3 од Законот е предвидено дека:
1) нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања врз основа на закон по барање на граѓаните, државните органи, правните лица и други заинтересирани институции.
2) Нотарот ја врши својата служба како основно занимање за времето за кое е именуван.
Според член 53 од Уставот адвокатурата е утврдена како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Од уставната одредба произлегува дека целта на член 53 од Уставот е да го утврди статусот и положбата на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон, односно адвокатурата е јавна служба во обезбедување на правна помош но тоа не го прави во вид на јавно овластување, туку таквите овластувања можат да бидат пренесени со посебен закон.
При тоа оваа уставна одредба не треба да се толкува дека таа ја исклучува можноста правна помош да обезбедуваат и други субјекти. Имено во прашање е залагање Уставот да се толкува креативно односно идејата за пренесување на вршењето на јавните овластувања врз недржавни институции не само што не му е туѓа на Уставот, туку неа тој ја претпочита.

Со вакво толкување на Уставот може да се дојде до уставниот основ на нотаријатот како јавна служба, и да се даде одговор дека вршењето на работи во вид на јавни овластувања можат да се пренесат и на служби кои не се споменуваат во Уставот.
Впрочем, во Уставот и не можат односно ирационално е да се спомнат сите можни служби на кои ќе им бидат пренесени јавни овластувања.
Според правната наука јавните овластувања се функции на државата чие вршење се доверуваат на установи, организации и заедници и најчесто се однесуваат на одделни односи од пошироко значење (решавање во поединечни управни работи, водење на евидфенција, издавање на јавни исправи и сл.)
На овие субјекти правото да вршат јавно овластување им се пренесува со закон и се регулира со закон.
Во вршењето на јавното овластување државата го задржува правото да врши надзор над законитоста на работењето на субјектите на кого му е доверено тоа овластување.
Според тоа, законодавецот поаѓајќи од уставните овластувања со Законот за вршење на нотарските работи определени судски и управни надлежности ги пренесол на нотаријатот како нова самостојна и независна јавна служба.
Во одговор на прашањето зошто законодавецот определени судски и управни работи ги доверил на нотаријатот како нова самостојна, независна јавна служба, а не на адвокатите односно адвокатурата како јавна служба Судот утврди дека нотарските работи се всушност судски надлежности и управни надлежности кои се пренесени на нотаријатот, а давањето на правна помош при остварување на правото на граѓаните пред судовите и управните органи каква обезбедуваат адвокатите никогаш и не биле судска или управна надлежност.
Поаѓајќи од наведеното нотарот скоро во секој конкретен случај врши јавно овластување, а адвокатот може да врши јавно овластување само ако тоа со закон му е доверено. Токму поради тоа сосема е јасно дека постои голема разлика меѓу овие две инстиутции и неможност од спојување на овие две служби.
Со оглед на изнесеното, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на Законот за вршење на нотарските работи во целина и член 3 со Уставот.
4. Судот исто така утврди дека во член 2 од Законот за вршење на нотарските работи (“Службен весник на РМ” бр.59/96, 25/96 и 6/2002) нотарот, нотарските работи ги врши слободно, независно, самостојно, стручно и непристрасно врз основа на закон, други прописи и општи акти засновани врз закон.
Согласно член 58 став 2 од Уставот според кој учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципот на стручност и компетентност, законодавецот со Закон за вршење на нотарски работи (член 10) ги утврдил условите што треба да ги исполнува лицето кое може да биде именувано за нотар меѓу кои услови е предвиден и условот лицето да има положен нотарски испит.
Законодавецот за нотарот предвидел положен нотарски испит, а не правосуден испит – како за адвокатите.
Притоа и самиот закон во член 141 предвидел дека при определување на содржината на нотарскиот испит да се води сметка за содржината на правосудниот испит за да се избегне повторно полагање на правната материја која била опфатена со правосудниот испит.
Со оглед на тоа Судот смета дека доколку едно лице има положено нотарски испит а нема положено правосуден испит не значи дека тоа лице не е стручно да врши нотарска дејност се разбира доколку е именувано.
Со оглед на наведеното а имајќи ја предвид одредбата од член 58 став 2 од Уставот, содржината на член 141 и оспорената одредба од член 2 од Законот, Судот смета дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.
5. Понатаму Судот утврди дека во член 42 од Законот е предвидно дека:
1) нотарскиот акт е извршна исправа ако во него е утврдена определена обврска за чинење за која странките можат да се договорат и ако содржи изјава на обврзникот за тоа дека врз основа на тој акт може заради остварување на чинењето по пристигнување на обврската непосредно да спроведе присилно извршување;
2) ако нотарскиот акт од овој член е составен врз основа на полномошно или овластување тие мораат да бидат приложени кон оригиналот или заверениот препис.
Полномошното или овластувањето треба да имаат иста форма (на јавен акт) што законот ја бара за нотарскиот акт на кој се однесува полномошното или овластувањето.
3) Врз основа на нотарскиот акт во кој е содржана обврска за засновање, пренос, ограничување или престанок на некое стварно право може да се изврши упис во јавна книга ако должникот изрично се согласил за тоа во нотарскиот акт.
4) Врз основа на нотарскиот акт врз основа на која е запишана хипотека на недвижност во јавна книга, може непосредно да се бара извршување врз таа недвижност заради наплата на обезбеденото побарување, по пристигнувањето на обврската ако должникот со тоа во актот изрично се согласил.
5) Ако обврската зависи од услов или рок кој не е одреден календарски, за извршноста на нотарскиот акт, потребно е со јавна исправа да се докаже дека настапил условот, односно настапил рокот, а ако тоа не е можно тогаш се утврдува со пресуда во парнична постапка.
6) Исто правно дејство како и исправата од ставот (1) на овој член има приватната исправа со таква содржина што ја потврдил нотарот. Доколку приватната исправа не ја содржи изјавата на должникот за тоа дека врз основа на неа може да се спроведе присилно извршување, таквата изјава ја внесува нотарот во согласност со странките и условите од одредбите на членот 44 од овој закон.
7) Во случаите од ставовите (1), (3) и (5) на овој член нотарот на барање на странката на исправата ќе стави потврда за нејзината извршност.
8) Судот ќе го одложи извршувањето во случаите кога ќе утврди дека при составувањето или издавањето на нотарскиот акт не се почитувани условите кои мораат да бидат исполнети за тој акт да добие сила на јавна исправа или да стане извршен.
Едно од централните прашања кое е уредено со Законот за вршење на нотарските работи е делокругот на дејноста која треба да ја вршат нотарите.
Согласно Законот, нотарите составуваат нотарски исправи за правни работи и изјави, службено заверуваат и потврдуваат приватни исправи, примаат на чување исправи, пари и хартии од вредност заради нивно предавање на други лица или на надлежни органи и вршење на работи по барање на судовите или други органи и тела.
Нотарските акти се исправи за правни работи и изјави кои ги составил нотарот и тие се најважниот вид на нотарски исправи.
Нотарскиот акт за правни работи согласно Законот за вршење на нотарски работи може да има својство на извршна исправа ако во нотарскиот акт е утврдено определена обврска за чинење за која странките можат да се договорат и ако содржи изјава на обврзникот за тоа дека врз основа на тој акт може заради остварување на чинењето по пристигнување на обврската непосредно да спроведе присилно извршување. Странките можат да договорат обврска на чинење само ако тоа не е спротивно на присилните прописи, на јавниот морал или на меѓународни договори ратификувани во согласност со Уставот.
За да биде исправата извршна, нотарскиот акт мора да содржи клаузула на извршност.
За полноважност на нотарскиот акт како извршна исправа потребно е во нотарската исправа да е определена обврска за чинење; обврската за чинење да е од таква природа за која странките можат да се договорат; лицето кое треба да го изврши чинењето, изречно да изјави дека непосредно врз основа на таа нотарската исправа може да се спроведе присилно, извршување заради остварување на чинењето по пристапување на обврската за нејзино извршување.
Освен тоа за полноважност на извршноста на нотарската исправа потребно е да бидат почитувани одредбите за формата, содржината и начинот на нејзиното составување определени со Законот за вршење на нотарски работи како и одредбите за формата и содржина на специфични правни дела определени со посебни закони.
Од наведеното произлегува дека договорните странки по своја диспозиција преку нотарската извршна исправа, можат правно да ја артикулираат својата волја во креирањето на нивниот облигационен или имотно правен однос до ниво на извршна исправа избегнувајќи судски спор.
Имајќи во предвид дека договорните странки можат да постигнат согласност нотарската исправа да добие клаузла на извршност, како и фактот што оваа исправа согласно член 15 став 2 точка 3 од Законот за извршната постапка преставува извршна исправа, произлегува дека на договорните странки им стојат на располагање сите правни средства предвидени во Законот за извршната постапка вклучувајќи ја и жалбата.
Имено, поаѓајќи од фактот што извршната исправа е основ за донесување на решение за извршување од страна на судот против кое решение странките имаат право на жалба односно приговор Судот смета дека со изричното непредвидување на право на жалба по однос на нотарскиот акт кој има клаузула на извршност во самиот Закон за вршење на нотарските работи, не се доведува во прашање остварувањето на правото на жалба на граѓаните утврдено во член 15 од Уставот.
6. Исто така Судот утврди дека во Глава ЏИИИ од Законот се регулирани прашањата кои се однесуваат на “Нотарите како повереници на судовите и другите органи”. Во поднасловот на оваа глава “Спроведување на оставинска постапка” во член 127 е предвидено дека овластувањата на нотарите за расправање на оставината се уредуваат со законот кој ја уредува таа постапка.
Други работи кои можат да му се доверат на нотарот
Член 128
1. Судот или друг орган може на нотарот да му ги довери сите работи што се утврдени со посебен закон.
2. Доверената работа може во секое време, од оправдани причини, да му биде одземена на нотарот.
3. Нотарот одговара за штетата која како повереник на било кој орган им ја направил на странките.
Правната положба на нотарот како повереник
Член 129
1) На нотарот како повереник на судот или на друг орган на соодветен начин се применуваат правилата со кои се уредува постапката во која у е доверено вршењето на определени работи, особено правилата за изземање, за достава, барање правна помош, податоци итн.
2) По извршувањето на определено службено дејство нотарот е должен без одлагање да му поднесе извештај на органот кој му ја доверил работата.
Надзор над работењето на нотарот како повереник
Член 130
Надзорот над работењето на нотарот како повереник на одреден орган го врши самиот тој орган. Органот е овластен да му нареди на нотарот да ги предаде актите и по службена должност присилно да го изврши таквиот налог.
Чување на актите
Член 131
Актите на службените дејствија кои нотарот ги извршил како повереник на судот или на некој друг орган се чуваат во архивата на тој орган одвоено од другите акти.
Според член 8 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок, како темелна вредност е утврдена и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска.
Според член 98 од Уставот судската власт ја вршат судовите кои се самостјни и независни и судот врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
Организацијата на судовите е единствена.
Забранети се вонредни судови.
При анализата на оспорената Глава ЏИИИ од Законот за вршење на нотарски работи која подносителот ја оспорува во целина, пред се прво треба да се нагласи дека иако членот 127 од Законот е поместен во Глава ЏИИИ “Нотарите како повереници на судовите и другите органи” Судот смета дека тој не се однесува на работи кои нотарот ги врши како повреник на судот или друг орган. Со ова законско овластување всушност законодавецот упатува дека со законот (Закон за вонпроцесна постапка) ќе бидат уредени прашањата за овластување на нотарите за расправање на оставината односно за пренесено јавно овластување кое останува во надлежност на нотарите додека не биде одземено повторно со закон.
Во членовите од 128 до 131 од Законот се уредени прашањата кои се однесуваат на други работи кои можат да му бидат доверени на нотарот.
Од анализата на наведените уставни одредби како и од анализата на одредбите од Законот за вршење на нотарски работи, а кои се однесуваат на тоа дека судовите и другите органи можат да му доверат на нотарот и други работи утврдени со посебен закон, Судот смета дека не се повредуваат наведените уставни одредби имајќи предвид пред се што вршењето на доверените работи треба да е утврдено со посебни закони, нотарот тие работи односно дејствија ги презема во името на судот односно органот и доверените работи во секое време можат од оправдани причини да му бидат одземени.
Имено, Судот смета дека со ваквото законско овлатување нотарите да можат да се јават како повереници на суд или друг орган, интенцијата на законодавецот не била на нотарот да му бидат пренесени еднаш за секогаш судски и управни надлежност, туку да му бидат доверени одредени работи односно дејствија во одреден момент за одредена првна работа која останува и понатаму во надлежност на судот или органот.
Според тоа од оспорените одредби не произлегува дека на судовите и другите органи им се одземаат поединечните дејствија што припаѓаат во нивна надлежност, туку дека поединечни дејствија судовите и другите органи можат да им ги доверат на нотарите или поконкретно кажано нотарите во име и за сметка на судот или органот ги преземаат дејствијата што му се доверени.
Кои, пак, се дејствија можат да бидат доверени на нотарот оставено е да се уреди со посебните закони.
Според тоа Судот смета дека со вака доверените работи на нотарот во име и за сметка на судот односно органот да презема одредени дејствија не се доведува во прашање надлежноста на судот односно органот, туку на овој начин се овозможува поефикасно, поекономично и побрзо преземање на потребни дејствија.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека со наведените законски одредби не се доведува во прашање начелото на поделба на власта на законодвна, извршна и судска, ниту начелото за единствена организација на судовите.
7. Во однос на барањето за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на законот, според член 27 од Дел овникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот утврди дека со оглед на тоа што за оспорените одредби од законот не се поведува постапка и нема основ за изрекување на времена мерка.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.183/2002
19 март 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply