173/2002-0-1

173/2002-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 19 март 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 14 во делот “што го утврдува Адвокатската комора на Република Македонија на начин и постапка уредена со Статутот на Адвокатската комора”, член 21 став (2) и член 23 став (2) точка 4) во делот “што го утврдува Адвокатската комора на Република Македонија” од Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2002).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 3 во делот ” составување на исправи за правни дела”, член 23 став (3) и член 40 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за оценување уставноста на член 4, член 16 во делот ‘’и вршење јавни овластувања’’ и во делот ‘’ кое адвокатот сам го заверува со својот печат’’, член 38 и член 42 од Законот.

4. Ленче Панчевска, нотар од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредби од членовите на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителката на оваа иницијатива оспорувајќи ги наведените членови од Законот најпрво се задржува на причините и аргументите поради кои смета дека членот 42 од Законот е противуставен и предлага Судот да го укине.

Имено, коментирајќи ги причините за донесување на Законот за адвокатурата, со кој практично се укинувал нотаријатот како самостојна и независна јавна служба, подносителката смета дека јавните овластувања што и се доверени на адвокатурата со членот 4 од овој закон не коренспондират со статусот и функцијата на адвокатурата утврдени во членот 53 од Уставот. Во прилог на ова свое мислење таа наведува дека составувањето на исправи со изјава за потврда на факти и другите јавни овластувања пред донесувањето на Законот за вршење на нотарските работи се однесувале за вон процесни работи кои спаѓале во судска надомест, а сега со изземање на овие работи од Нотаријатот и со нивното пренесување во надлежност на адвокатурата фактички значело дека поранешната вонпроцесна судска надлежност се пренесува на странката бидејќи адвокатот пред судот секогаш застапува странка и тоа врз основа на издадено полномошно. Тоа со други зборови значело дека адвокатите сами создавале докази и истовремено ги употребувале во постапките пред судовите и другите органи, што практично таквите докази биле без доказна вредност.

Исто така, и отсуството на одредби за одговорноста на адвокатите за вршењето на наведените јавни овластувања е аргумент плус поради кои се оспорува нивното одземање од Нотаријатот и пренесување на адвокатурата.

Понатаму, во иницијативата се предлага оценка на уставноста и на членот 3 од Законот во делот според кој правната помош што ја даваат и обезбедуваат адвокатите се состои и во составување исправи за правни дела. Според подносителката составувањето на исправи можело да биде само во делокруг на нотарот, а не и на адвокатот, бидејќи дури со нотарската заверка исправите составени од адвокатите, а по барање на странката, можеле да станат јавни исправи.

Ако е неспорно дека адвокатот има јавно овластување да ја застапува странката, тогаш е контрадикторно и противуставно адвокатот врз основа на полномошно од странката која ја застапува да прибира податоци и за спротивната странка, смета подносителката на иницијативата во врска со јавното овластување утврдено во членот 4 став (1) точката 2) од Законот.

Оспорувајќи го и ставот (2) на членот 4 од Законот, во иницијативата се наведува дека со одредбите на овој став, според кои адвокатот остварува службени контакти во текот на целото работно време се навлегувало во правото на секој орган и служба самостојно да го организира своето работно време со странки.

Членот 14 од Законот се остварува од причини што утврдувањето на реципроцитет за давање на правна помош од страна на адвокати од други држави, според Уставот и закон било во надлежност на Министерството за правда, а не на Адвокатската Комора.

Решението на член 16 од Законот, според кое овластувањата за вршење јавни овластувања, адвокатот поединец и адвокатите здружени во адвокатско друштво ги добиваат со полномошно издадено од странка, кое адвокатот сам го заверува со свој печат, не било во согласност со Уставот бидејќи адвокатот, како јавно овластување можел врз основа на полномошно да пружа само правна помош која странката и единствено можела да ја побара од него, а не и да составува јавни исправи.

Со оглед дека во Уставот било определено кои државни функционери уживаат имунитет, а адвокатите не биле дел од државната власт, ниту обавувале функција, според подносителот на иницијативата тие немале право на имунитет, какво што им било утврдено во членот 21 став 2 од Законот.

Оспорената одредба на членот 23 став (2) точка 4) од Законот не била во согласност со член 9 од Уставот бидејќи одземањето на деловна способност, за сите граѓани било во судска надлежност па затоа и постапката за одземање на деловната способност на адвокатите не можела да е во надлежност на Адвокатаската комора. Во однос на оспорената одредба од ставот (3) на истиот овој член од Законот се наведува дека со неа не се обезбедува двостепеност во одлучувањето по жалбата, бидејќи комората се јавувала во улога на првостепен и на второстепен орган.

Оспорувањето на членот 38 од Законот, во кој се предвидени казнени одредби, во основа е поврзано со причините поради кои се оспоруваат другите одредби од Законот. При тоа се наведува дека ставот 1 на овој член посебно бил контрадикторен и со членот 40, бидејќи според овој член од Законот примената на членот 6 била одложена за шест месеци од влегувањето во сила на овој закон, а додека казнувањето за постапување кое е спротивно на овој член, според членот 38 не било одложено.

Исто така, во членот 38 не можело да се предвиди прекршок поради неблаговремено давање на податоци и известувања на адвокатот, а при тоа да не е дефиниран, односно однапред определен рокот во кој тие треба да му се дадат.

5. Судот на седницата, разгледувајќи ја оваа иницијатива, утврди дека со своја Одлука У.бр.134/2002 од 22 јануари 2003 година, по повод други иницијативи, а во некои делови и по сопствена иницијатива, ги укина: член 2 став (1) во делот ‘’единствено”; член 4 став (1) и (2); член 6 став (1) во делот ‘’исклучиво’’; член 16 став (1) во делот ‘’и вршење јавни овластувања’’ и во делот ‘’лкое адвокатот сам го заверува со свој печат’’; член 34 став (3); член 35 точката 5); член 38; член 42 и член 43 од Законот за адвокатурата (‘’Службен весник на република Македонија’’ бр.59/2002), затоа што оцени дека наведените одредби од Законот не се во согласност со Уставот.

Оваа одлука е објавена во Службен весник на Република Македонија бр.10/2003, од кога таа произведува правно дејство.

Со оглед дека веќе ја оценувал уставноста на одделни одредби од Законот кои се оспоруваат со оваа иницијатива, и при тоа со горецитираната одлука истите и ги укинал, Судот одлучи иницијативата во делот со кој што се бара оценување на уставноста на член 4, член 16 став (1) во деловите ‘’и вршење јавни овластувања’’ и ‘’кои адвокатот сам го заведува со свој печат’’, член 38 и член 42 од Законот, согласно член 28 од Деловникот, да ја отфрли, бидејќи наведените одредби од Законот повеќе не постојат, односно не се дел на правниот поредок на Републиката.

6. Во однос на другите одредби од Законот, кои што прв пат се оспоруваат со оваа иницијатива и не биле предмет на уставно-судска оценка, Судот го утврди следното:

а) Во членот 3 од Законот, меѓу таксативно наброените работи од кои што се состои правната помош што ја обезбедуваат и пружаат адвокатите е утврдено дека правната помош се состои и во составување на исправи за правни дела, во кој дел и се оспорува овој член.

Од овој член на Законот произлегува дека составувањето на исправи за правни дела, како што се договори, спогодби, тестаменти, разни изјави, понуди и слично преставува само еден вид, односно облик на стручна правна помош што адвокатите им ја пружаат и обезбедуваат на граѓаните и правните лица по нивно барање, а не врз основа на јавно овластување кое им е доверено со закон.

Според тоа, и исправите за правни дела составени од адвокатите имаат карактер на приватни, а не на јавни исправи во смисла на одредбите на Законот за парничната постапка, Законот за вонпарнична постапка и Законот за општата управна постапка, како што смета подносителот на оваа иницијатива.

Инаку, овој вид на правна помош не преставува новина што е воведена со овој закон, но таа беше предвидена на соодветен начин и во поранешните закони за адвокатурата, според кои адвокатите и досега ја пружаа, а се сретнува во законите за адвокатура и на другите земји.

Поради наведеното Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел на членот 3 од Законот со Уставот, од аспект на причините поради кои се оспорува неговата уставност.

б) Во член 14 од Законот е утврдено дека адвокати од други држави можат да даваат правна помош и да вршат адвокатска дејност на територијата на Република Македонија под услови на реципроцитет, што го утврдува Адвокатската комора на Република Македонија на начин и постапка уредена со Статутот на Адвокатската комора.
Во однос на овој член Судот утврди дека реципроцитетот како услов адвокатите од другите држави да даваат правна помош односно да вршат адвокатска дејност на територијата на Република Македонија не е спорен. Меѓутоа, според мислењето на Судот утврдувањето на реципроцитетот не може да се делегира на Адвокатската комора, бидејќи ова прашање според меѓународното право спаѓа во исклучива надлежност на државните органи и се регулира со склучување на билатерални договори меѓу државите за пружање на правна помош. Согласно ова, работите што се однесуваат на меѓународната правна помош спаѓаат во надлежност на Министерството за правда и истите се остваруваат во координација со Министерството за надворешни работи.

Поради наведеното, пред Судот основано се постави прашањето за уставноста на делот од член 14 од Законот според кој реципроцитетот го утврдува Адвокатската комора на Република Македонија на начин и постапка уредена со Статутот на Адвокатската комора.

в) Според оспорениот член 21 став (2) од Законот, адвокатот во вршењето на адвкатската дејност има имунитет. Ова законско решение преставува новина во однос на решенијата содржани во членот 17 од претходниот Закон за адвокатурата, во кој скоро на идентичен начин беа уредени сите други прашања што се уредени во останатите ставови на членот 21 од овој закон.

Имено, според член 21 од Законот, адвокатот не може да биде повикан на одговорност за искажано мислење при давањето правна помош (став (1); не може да биде лишен од слобода ниту притворен за кривично дело сторено во вршењето на адвокатската дејност без претходна согласност од Адвокатската комора на Република Македонија (став 3); претресувањето на адвокатската канцеларија може да се врши само во присуство на адвокатот и овластен претставник на Адвокатската комора (став 4) и претресувањето на адвокатската канцеларија може да се врши само во однос на писмената изрично наведена во решението за претрес донесено од надлежен судија во кривична постапка, а овластените службени лица немаат пристап во другите пишани материјали, списи, предмети и архивата.

Од наведените одредби на член 21 од Законот произлегува дека во нив се определени условите под кои адвокатот не може да се повика на одговорност, не може да биде лишен од слобода или притворен и да може да се врши претресување на неговата канцеларија, како и списите и другите пишани материјали. Сите овие одредби се во функција на обезбедување слобода, самостојност и независност на адвокатот во неговата работа и кореспондираат со член 53 од Уставот според кој адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Обезбедувајќи ја и на овој начин самостојноста и независноста, како и слободното вршење на адвокатурата, Судот смета дека ставот (2) на членот 21 од Законот не само што сам за себе е излишен, но и од уставен аспект може да се доведе во прашање неговото опстојување. Ова од причини што според Уставот уживањето на имунитет е резервирано само за определени носители на јавни функции и тоа утврдени во самиот Устав, а не и за носители на други функции утврдени со закон, како што тоа е утврдено за адвокатите во конкретно оспорената одредба од Законот.

г) Во ставот (2) точката 4) на член 23 од Законот е утврдено дека правото на вршење на адвокатска дејност на адвокатот му престанува ако биде лишен од деловна способност или трајно ја загуби способноста за вршење адвокатска дејност, што го утврдува Адвокатската комора на Република Македонија.

Во однос на оваа законска одредба Судот утврди дека таа по својата формулација отстапува, односно се разликува од другите точки на ставот (2) на член 23 од Законот. Исто така, според мислењето на Судот ваквата нејзина формулација не е доволно прецизна и јасна во однос на прашањето дали Адвокатската комора, освен за утврдување трајна неспособност на адвокатот за вршење адвокатска дејност, е надлежна да одлучува и за лишување на адвокатот од деловна способност (како што впрочем смета и подносителката на иницијативата), поради што остава простор за нејзино различно толкување.

Со оглед дека за лишување од деловна способност е надлежен да одлучува судот во вонрпоцесна постапка, а не Адвокатската комора, а оспорената одредба на членот 23 од Законот во тој поглед не е сосема јасна и прецизна, пред Судот основано се постави прашањето за нејзината согласност со принципите на владеењето на правото и на поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија во членот 8 од Уставот.

д) Во оспорениот член 23 став (3) од Законот, утврдено е дека против одлуката за престанок на правото на вршење на адвокатската дејност од ставот (1) на овој член е дозволена жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката до надлежниот орган на Адвокатската комора на Република Македонија.

При оценувањето на уставноста на оваа оспорена одредба Судот го имаше предвид следното:

Според член 33 и 34 од Законот, Адвокатската комора е облик на организирање на адвокатите, која има својство на правно лице и која во својата работа е самостојна и независна.

Основен акт на Адвокатската комора е статутот, со кој, според членот 37 од Законот се уредуваат, особено делокругот, организацијата и работата на органите на Комората, начинот и постапката за упис во именикот на адвокатите, надлежните органи што ја водат дисциплинската постапка и др.

Со оглед дека, според наведените одредби од Законот Адвокатската комора е посебен правен субјект кој самостојно ја уредува својата организација и ги утврдува своите органи и нивната надлежност, интенцијата на законодавецот со оспорената одредба на членот 23 став (3) е двостепеноста во одлучување по жалбата против одлуката за престанок на правото на вршење адвокатска дејност да се обезбеди во рамките на организацијата на Адвокатската комора. Оттука, во таа смисла толкувајќи ги термините ‘’до надлежниот орган на Адвокатската комора на Република Македонија’’, употребени во оваа одредба од Законот, Судот не го постави прашањето за нејзината согласност со член 15 од Уставот.

ѓ) Бидејќи причините за оспорување на членот 40 од Законот непосредно се поврзуваат со одредбите на член 38, кој што Уставниот суд го укина со напред наведената одлука, Судот смета дека со укинувањето на овој член се надминати состојбите на кои се укажува во иницијативата за контрадикторноста меѓу овие два члена од Законот.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски, со тоа што решението во однос на членовите од точките 2 и 3, како и членот 14 од точката 1 го донесе едногласно, а во однос на другите членови од Законот наведени во точката 1, со мнозинство гласови.

У.бр.173/2002
19 март 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply