204/2002-0-0

204/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 март 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 260 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2002).
2. Самостојниот синдикат на вработените во одбраната, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот од Законот означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорениот член од Законот се одлагала примената на одредбите од членовите 183 и 184 од Законот со кои се пропишани правата и обврските за станбено обезбедување на професионалните војници и воени старешини кои вршат служба во Армијата на Република Македонија, па поради тоа оспорениот член од Законот не бил во согласност со Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека Законот за служба во Армијата на Република Македонија, со членот 260 предвидел периодот за служење во Армијата од значење за остварување на правото за доделување на службен стан, односно за остварување на правото на надоместок на трошоците за закупнина од членовите 183 и 184 од овој закон ќе започне да се смета по влегувањето во сила на овој закон.
Согласно членот 32 став 1 од Уставот на Република Македонија, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност.
Во ставот 5 од овој член од Уставот е утврдено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.62/2002), во членот 1 пропишал дека со овој закон се уредуваат статусот, правата, должностите и одговорностите на лицата на служба во Армијата на Република Македонија (во натамошниот текст: Армијата), како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.
Според членот 2 од овој закон, под служба во Армијата се смета вршење воени должности во Армијата, како и вршење други должности во Министерството за одбрана, Воената академија, други органи на државната власт, трговски друштва, јавни претпријатија, установи и служби, што ги вршат воени старешини, а исто така и вршење на должности во воени претставништва на Република Македонија во странство, како и учество во мултинационални воени сили формирани согласно со меѓународни договори кои Република Македонија ги склучила или им пристапила.
Согласно членот 3 од овој закон е предвидено дека служба во Армијата вршат воени и цивилни лица.
Во делот на одредбите од Законот кои се однесуваат на станбено обезбедување, со членот 183 е предвидено дека професионален војник и воен старешина за време на вршење служба во Армијата има право на користење на службен стан.
По исклучок од став 1 на овој член, професионален војник и воен старешина кој има стан во лична сопственост стекнат од воениот станбен фонд нема право на користење на службен стан.
За користење на службениот стан, професионален војник и воен старешина плаќа надоместок. Поблиски прописи за утврдување на критериумите, мерилата и постапката за доделување на службени станови и за определување на висината на надоместокот за користење на службен стан донесува министерот за одбрана.
Според членот 184 од овој закон, професионален војник и воен старешина на кој во период од пет години на вршење служба во Армијата не му е обезбедено користење на службен стан, има право на надоместок на трошоците на закупнина на стан.
По исклучок од став 1 на овој член, професионален војник и воен старешина кој поради потребите на службата е преместен во друго место на вршење на службата во кое нема можност да му се обезбеди користење на службен стан, има право на надоместок на трошоците за закупнина на стан од првиот месец на преместувањето.
Висината на надоместокот за закупнина на стан не може да биде поголема од висината на трошоците за одвоен живот. Поблиските прописи за определување на висината на надоместокот на трошоците за закупнина на стан донесува министерот за одбрана.
Во делот на преодните и завршните одредби од законот, предвиден е членот 260, со кој е утврдено дека периодот на служење во Армијата од значење за остварување на правото за доделување на службен стан, односно за остварување на правото на надоместок на трошоците за закупнина од членовите 183 и 184 на овој закон, ќе започне да се смета по влегувањето во сила на овој закон.
Законот е објавен во “Службен весник на РМ” бр.62/2002 на 30 јули 2002 год. и е влезен во сила на 8 август 2002 година, меѓутоа според членот 263, одредбите од “Глава ЏИИ – Станбено обезбедување” ќе се применуваат од 1 јаунари 2003 година.
Од анализата на погоре изнесените одредби од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, произлегува дека правата и обврските кои се однесуваат на станбеното обезбедување, а кои се пропишани за професионалните војници и воени старешини во одредбите од членовите 183 и 184 од Законот, ќе се применуваат од 1 јануари 2003 година.
Поаѓајќи од ваквата законска определба, произлегува дека од 1 јануари 2003 година до 1 јануари 2008 година се засметува периодот од пет години вршење служба во Армијата за професионалните војници и воени старешини, и доколку во овој период тие нема да добијат на користење службен стан, по истекот на овој период истите ќе стекнат право на надомест на трошоци за закупнина на стан. Имено, независно од периодот пред 1.01.2003 година во кој професионалните војници и воени старешини немале добиено на користење службен стан, тој не се засметува и само по овој датум започнува рокот од пет години во кој лицето може да добие службен стан на користење, а доколку и по пет години не го оствари ова право, се стекнува со право на надомест на трошоците на закупнина на стан, секако до добивање службен стан во понатамошен период.
Воедно, начинот на сметањето на периодот за служење во Армијата како што е пропишано со оспорениот член во Законот, се однесува и на оние прашања од станбеното обезбедување за кои министерот за одбрана е со Законот овластен поблиску да ги пропише со свои акти.
Од изнесените законски одредби и од содржината на оспорениот член од Законот, произлегува дека законодавецот при регулирањето на материјата од областа на станбеното обезбедување на професионалните војници и воени старешини кои служат во Армијата, пропишал права и обврски за оваа категорија на лица со работен однос во Армијата, кои можат да се остваруваат под услови и начин утврдени со самиот закон.
Имено, со оспорениот член од Законот се регулира начинот на сметање на периодот за служење во Армијата од значење за остварување на правата и обврските кои се утврдени за станбеното обезбедување на определените лица во служба во Армијата, што претставува материја која се уредува со закон, а околноста што во овој период не се засметува времето на служење во Армијата од пред 1 јануари 2003 година е исклучиво законска определба за начинот на остварување на тие права и обврски и право на законодавецот да го определи начинот на кој тие ќе се остваруваат.
Со оглед на тоа оспорениот член од Законот е во согласност со членот 32 од Уставот според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Исто така, по однос на наводите во иницијативата за несогласност на оспорениот член од Законот со уставното начело во членот 8 став 1 алинеја 8, според кое хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, како и со уставната определба за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, согласно членот 9 од Уставот и со уставната определба дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, согласно членот 51 од Уставот, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за несогласност со овие уставни норми.
Ова затоа што со одредбата од оспорениот член од Законот се регулира начинот на остварување на право утврдено со законот кое еднакво се однесува на станбеното обезбедување на сите професионални војници и воени старешини во служба во Армијата, и не се попречува хуманата, социјалната и солидарна компонента афирмирани во правото за станбено обезбедување на овие лица кое со закон е востановено.
Со оглед на изнесеното, Судот утврди дека за членот 260 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија не може основано да се постави прашањето за несогласност со Уставот.
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.204/2002
12 март 2003 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply