112/2002-0-0

112/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 5 март 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на
Уредбата за евиденција на жените – воените обврзници
распоредени во територијалната одбрана (“Службен весник на СРМ” бр.32/78);
– Уредбата за висината на еднократната парична помош во случај на повреда или смрт на лицата во резервен состав за време на служба во територијалната одбрана (“Службен весник на СРМ” бр.32/78);
– Уредбата за содржината и начинот на вршење на заеднички инспекциски надзор во областа на општонародната одбрана од делокругот на републичките органи на управата (“Службен весник на СРМ” бр.1/88);
– Уредбата за висината на надоместокот што им припаѓа на граѓаните, самоуправните организации и заедници за материјални средства земени за потребите на вежби на територијалната одбрана, цивилната заштита, службата за набљудување и известување и врските за раководење (“Службен весник на СРМ” бр.33/85);
– Уредбата за висината и условите под кои ќе се исплатува еднократна парична помош на обврзниците на обучување за општонародната одбрана (“Службен весник на СРМ” бр.34/86) и
– Уредбата за постапката за утврдување на способноста на работните луѓе и граѓани за учество во општонародната одбрана (“Службен весник на СРМ” бр.40/88).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорените уредби се однесувале на територијалн ата одбрана, општонародната одбрана и самоуправните организации и заедници, а такви институции и термини во Уставот на Република Македонија и во Законот за одбрана не постоеле.
3. Судот на седницата утврди дека првооспорената Уредба е донесена врз основа на член 69 точка 16 од Законот за народна одбрана кој го овластуваше Извршниот совет на Собранието на СР Македонија да го пропишува водењето на евиденција на жените – воени обврзници, распоредени во територијалната одбрана.
Со Уредбата се утврдуваат начинот и постапката за водење на евиденција на жените – воени обврзници кои, според Законот за воената обврска (“Службен лист на СФРЈ” бр.22/74) подлежат на обврска за служење во територијалната одбрана и се распоредени во територијалната одбрана.
Второоспорената Уредба е донесена врз основа на член 261 став 3 од Законот за народна одбрана според кој висината на еднократната парична помош (за обврзниците на обука за одбрана и заштита) и условите под кои таа се исплатува ги пропишува Извршниот совет на Собранието на СР Македонија.
Со оваа Уредба се пропишува висината на еднократната парична помош што се исплаќа во случај на повреда или смрт на обврзниците на обука за одбрнаа и заштита настанати за време на оспособување, обука и вежби.
Третооспорената Уредба е донесена врз основа на член 87 точка 25 од Законот за општонародна одбрана според кој Извршниот совет на Собранието на СР Македонија врши работи во областа на општонародната одбрана што му се ставени во надлежност со закон.
Со оспорената Уредба се утврдува содржината и начинот на вршење на заеднички инспекциски надзор во областа на општонароднаа одбрана од делокругот на републичките органи на управата.
Четвртооспорената Уредба е донесена врз основа на членот 87 точка 15 од Законот за општонародна одбрана според кој Извршниот совет на СР Македонија ја пропишува висината на надоместокот што им припаѓа на граѓаните и самоуправните организации и заедници за материјалните средства земени за потребите на вежби на територијалната одбрана, цивилната заштита, службата за набљудување и известување и врските за раководење.
Со оспорената Уредба се уредуваат токму овие прашања кои со Законот за општонародна одбрна се ставени во надлежност на Извршниот совет на СРМ.
Петтооспорената Уредба е донесена врз основа на член 281 став 3 од Законот за општонародна одбрана според кој висината на еднократната парична помош (за обврзниците на обучување кои за време на обучувањето без своја вина се повредат и од тоа ќе настапи повредување на организмот) и условите под кои ќе се исплатува ги пропишува Извршниот совет на Собранието на СР Македонија.
Со оваа Уредба се пропишува висината и условите под кои ќе се исплатува еднократна парична помош.
Шестооспорената Уредба е донесена врз основа на членот 87 точка 24 од Законот за општонародна одбрана според кој Извршниот совет на Собранието на СР Македонија донесува прописи за потребните уреди што се должни да ги обезбедат електростопанските, водостопанските и другите организации на здружениот труд и другите организации и заедници кои користат хидросистеми заради навремено известување и тревожење на населението на загрозените правци на кои постои опасност од уривање високи брани и насипи.
Со неа се уредува постапката за утврдување на способноста на работните луѓе и граѓаните и за учество во општонародната одбрана.
4. Имајќи ја предвид содржината на оспорените уредби, Судот оцени дека сите шест уредби се донесени во времето на важењето на Уставот на СР Македонија од 1974 година, кој, како што е познато престана да важи со донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година.
Основ за донесувањето на оспорените уредби се Законот за народна одбрана (од март 1976 година) и Законот за општонародна одбрана (од јули 1984 година).
И обата закона престанале да важат и тоа Законот за народна одбрана со влегувањето во сила на Законот за општонародна одбрана ( во 1984 година), а овој со влегувањето во сила на Законот за одбрана во 1992 година.
Значи, во конкретниов случај, предмет на оценка се акти донесени врз основа на Устав и закони кои престанале да важат.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по истата.
Со оглед на тоа што, во конкретниов случај, оспорените акти престанале да важат со престанувањето на важењето на законите што биле основ за нивно донесување, Судот оцени дека се исполнети условите од погоре посточената одредба од Деловникот, па одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.112/2002
5 март 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply