Решение У.бр.196/2002

У.бр.196/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28, 71 и 82 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 25 декември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Стојан Антевски од Скопје за поведување постапка за заштита на правото на располагање со недвижен имот.

2. Стојан Антевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за поведување постапка за заштита на правото на располагање со недвижен имот, затоа што тој се обратил до органот надлежен за геодетските работи за да изврши запишување на недвижен имот, меѓутоа, одговорните лица одбивале да го сторат тоа. Со таквото дејствие, според подносителот на барањето, спрема него се вршело дискриминација, поради што бара Уставниот суд да го заштити неговото право на сопственост.

3. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, односно ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од содржината на наведените одредби, а имајќи предвид дека барањето на Стојан Антевски од Скопје се однесува на заштитата на правото на сопственост, односно за запишување на правото на недвижен имот, кое барање се остварува во постапка пред друг орган, според мислењето на Судот, предметното барање не е во надлежност на Уставниот суд, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Су дот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.196/2002
25 декември 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply