Одлука У.бр.170/2001

У.бр.170/2001-1 и У.бр.142/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 ноември 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 5 став 4 , член 10 во делот “може” и “дополнителни до” и член 13 од Правилникот за начинот на плаќање на здравствените услуги во примарната здравствена заштита (донесен од Управниот одбор на фондот за здравствено осигурување) (“Службен весник на РМ” бр.48/2001).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесени иницијативи на Хуманитарна организација за заштита и помош на стари лица “Живот и надеж”-Скопје, Лекарската комора на Македонија, Здружението на приватни лекари во Република Македонија, Организацијата на потрошувачите на Македонија и Сојузот на здружението на пензионерите на Македонија, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 5став 4, член 10 во делот “може” и “дополнителни до” и член 13 од правилникот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што основано се постави прашањето за согласноста на наведените членови со Уставот и Законот за здравствено осигурување.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 56 став 1 точка 3 и член 69 од Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на РМ” бр.25/2000, 34/2000 и 96/2000) Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на 11 мај 2001 донел Правилник за начинот на плаќањето на здравствените услуги во примарната задравствена заштита.

Во оспорениот член 5 од правилникот е предвидено дека плаќањето на услугите на здравствената установа на избраниот лекар од примарната здравствена заштита се врши по склучување на договор според бројот на осигурените лица кои избрале лекар во здравствената установа помножен со соодветниот број на поени на надоместокот за капитација.

Надоместокот за капитација, во смисла на овој правилник, е потенцијален месечен износ на надоместок кој осигуреното лице може да го донесе како износ кој се плаќа на здравствената установа на избраниот лекар за обезбедување на услугите од член 2 на овој правилник.

Надоместокот за капитација може да се состои од соодветен број на поени за:

1. основна капитација;
2. капитација по основ на оддалеченост;
3. капитација по основ на рурални подрачја.

Бројот на поени од став 3 на овој член неможе да биде повисок од 2500 поени по избран лекар.

Во член 10 од Правилникот е предвидено дека Фондот “може” да исплати на здравствената установа на избраниот лекар “дополнителни до” 30% од надоместокот за капитација утврден согласно член 6, 7 и 8 од овој правилник, како надоместок за следните активности:

1. превентивни мерки и активности кои произлегуваат од превентивните програми;
2. рано откривање на хронични незаразни заболувања и соодветно водење на истите;
3. активности за рано откривање на малигните болести;
4. анте-натална и постпартална контрола на здравствената состојба и грижа за женската популација;
5. рационално користење и рационално препишување на лекови;
6. рационално упатување на повисоко ниво на здравствена заштита;
7. рационално и оправдано препишување на боледување;
8. други пропишани активности.

Надоместокот од став 1 на овој член се плаќа на здравствената установа на избраниот доктор ако се исполнети активностите за постигнување на определените цели утврдени во програмите и други подзаконски акти за секое тримесечје од годината.

Понатаму Судот утврди дека во член 13 од Правилникот, Фондот насочува 2% од надоместокот на капитација утврден согласно член 9 став 1 на овој правилник на соодветните организации за реализација на континуирана медицинска едукација и континуиран професионален развој за лекарите од примарна здравствена заштита и за стручна обука на сестрите од примарна здравствена заштита.

5. Според член 53 од Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на РМ” бр.25/2000) Фондот за здравствено осигурување се основа за спроведување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување. Фондот врши дејност од јавен интерес и врши јавни овластувања утврдени со овој закон.

Во член 54 точка 5 од Законот, покрај другите работи, што му се доверени, Фондот “ги плаќа здравствените услуги за осигурените лица на здравствените установи кои ги обезбедуваат здравствените услуги”.

Според член 56 став 1 точка 3 од Законот, управниот одбор на фондот ги донесува општите акти предвидени со овој закон.

Во член 69, пак, од Законот е предвидено дека фондот со општ акт, утврдува критериуми за склучување на договори со здравствените установи и за начинот на плаќање на здравствени услуги според бројот на осигурените лица во примарната здравствена заштита, утврдените цени на здравствените услуги, програмите за одделни видови здравствена заштита односно услуги и други критериуми.

Министерот за здравствео дава согласност на општиот акт од став 1на овој член.

Според член 70 од Законот, за извршување на здравствените услуги Фондот склучува договори со здравствените установи.

Во договорот од став 1 на овој член се уредува видот, обемот, квалитетот и роковите за остварување на здравствената заштита односно здравствените услуги , начинот на пресметувањето и плаќањето на здравствени услуги, причините и условите под кои може да се раскине договорот.

Во член 63 од Законот е предвидено дека Фондот врз основа на начелото на ефикасно ефективно и економично користење на средствата ги покрива трошоците за здравствените услуги опфатени во основниот пакет на здравствените услуги што здравствените установи ги пружаат на осигурените лица, лекови, помошни медицински материјали кои служат за примена на лековите и санитетски материјал потребен за лекување утврдени со општ акт, протези, ортопедски и други помагала, помошни и санитетски справи и материјали и заботехнички средства, утврдени со општ акт; парични надоместоци; инвестициони вложувања за создавање и подобрување на условите за укажување на здравствените услуги на осигурените лица и друго.

6. Од анализата на законските одредби произлегува дека Фондот за здравствено осигурување со општ акт е овластен да ги утврди критериумите за склучување на договори со здравствените установи како и да го утврди начинот на плаќање, односно висината на здравствените услуги.

Меѓутоа, утврдувањето на критериумите и начинот на плаќање на здравствените услуги не подразбира овластување на Фондот да го определува максималниот број на поени што може да ги добие избраниот лекар; дискреционо да одлучува дали на здравствената установа на избраниот лекар ќе и исплати дополнителни 30% од надоместокот за капитација, ниту пак, можност Фондот дел од средствата од надоместокот за капитација да ги насочува за едукација на лекарите и сестрите од примарната здравствена заштита.

Со оглед на изнесеното, а имајќи ја предвид содржината на член 5 став 4, член 10 во делот “може” и “дополнителни до”, како и член 13 од Правилникот Судот оцени дека Фондот не е овластен да го утврди максималниот број на поени (2.500) што може да ги добие избраниот лекар без оглед на бројот на пациентите на кои им пружа здравствена заштита и дека со ваквиот начин на уредување на ова прашање се ограничува правото на слободен избор на лекар на осигуреникот.

Понатаму, Судот оцени дека Фондот ги пречекорил законските овластувања со тоа што тој дискреционо одлучува дали на здравствената установа на избраниот лекар ќе и исплати или не дополнителни 30% од надоместокот за капитација.

Исто така, Судот оцени дека Фондот ги пречекорил законските овластувања кога утврдил дел од средствата во висина од 2% од надоместокот на капитацијата да ги насочува за едукација на лекарите и сестрите во примарната здравствена заштита, на кој начин утврдил јавна давачка спротивно на член 33 од Уставот.

7. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.142/2001
У.бр.170/2001
20 ноември 2002 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply