100/2002-0-0

100/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 октомври 2002 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 23 став 1 точка 2, член 32 став 1 точка 8 алинеја 2 во делот

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.100/2002 од 17 јули 2002 година, поведе постапка за оценување уставноста на членовите 23, 32, 112, 138, 161, 162 и 220, во оспорените делови, од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со одредбите од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 23 став 1 точка 2 од Законот за супервизија на осигурување, за член на орган на управување може да се именува лице кое ќе поднесе потврда за неосудуваност за кривично дело против имотот и кривично дело од областа на финансиското работење.

Со член 32 став 1 точка 8 алинеја 2 од Законот се уредува дека кон барањето за добивање на дозвола за вршење работи на осигуруање се прикажува, меѓу другото, во однос на акционерите кои се иматели на квалификувани удели, доказ за акционерите/физички лица дека не се осудувани за кривично дело против имотот или од областа на финансиското работење.

Според член 112 став 1 точка 2 од Законот, услов за работа како овластен актуар е лицето да не е осудувано за кривично дело против имотот или кривично дело од областа на финансиското работење, а според став 3 точка 2 од овој член, министерот за финансии ќе донесе решение за одземање на дозволата за работа како овластен актуар, доколку лицето било осудувано за кривично дело против имотот или од областа на финансиското работење.

Согласно член 138 став 1 точка 3 од Законот, за добивање на лиценца за осигурителен брокер лицето треба да не е осудувано за кривично дело против имотот или од областа на финансиското работење, а според став 2 точка 2 од овој член, министерот за финансии ќе донесе решение за одземање на лиценцата за осигурителен брокер доколку на лицето му е изречена осудителна пресуда за кривично дело против имотот или од областа на финансиското работење.

Според член 161 став 1 од Законот, за спроведување на супервизија друштвата за осигурување се должни на сметката на Буџетот на Република Македонија да уплатат годишен надоместок за спроведување на суперцизијата, во износ определен со Правилникот за утврдување на надоместоци за спроведување на супервизијата на осигурување на Министерството за финансии. Според став 2 од овој член, ако друштвото за осигурување не го плати надоместокот во рокот предвиден со Правилникот од ставот 1 на овој член, судот со решение, ќе изврши присилна наплата на надоместокот од страна на друштвото за осигурување, а според ставот 3 од овој член на Законот, министерот за финансии го пропишува Правилникот за утврдување на надоместоци за спроведување на супервизијата на осигурување.

Со член 162 став 1 од Законот се уредува дека доколку на друштвото за осигурување му е одредена мерка на супервизија, согласно со одредбите од овој закон, друштвото за осигурување е должно да плати еднократен надоместок на сметката на Буџетот на Република Македонија за трошоците на постапката на супервизијата согласно со Правилникот од ставот 1 на членот 161 од овој закон.

Според член 220 од Законот, за донесување на решение за издавање на дозвола или согласност, барателите плаќаат надоместок за донесување на решение согласно со Правилникот за утврдување на надоместоци за спроведување на супервизијата на осигурување на Министерството за финансии.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, а според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдна со правосилна судска одлука, а спроед член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции, според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според ставот 2 на овој член од Уставот, секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Со член 54 став 1 од Уставот се уредува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 98 став 1 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, а спроед ставот 2 на овој член од Уставот, судовите се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Со Кривичниот законик се уредуваат прашањата што се однесуваат на правните последици од осудата, а со Одлуката на Уставниот суд У.бр.210/2001 од 6 февруари 2002 година, е укината одредбата на член 101 став 2 во делот: “и настапуваат по сила на законот со кој се предвидени”. Според член 106 став 5 од Кривичниот законик, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржинмата на членовите 23, 32, 112 и 138 од Законот за супервизија на осигурувања, во оспорените делови, според мислењето на Судот, правните последици од осудата не можат да настапуваат автоматски по сила на закон, туку дека тоа може да се прави само со правосилна судска одлука, односно дека казнено-поправниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречена казна за неговиот старател и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело, кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изрично утврдено со Уставот. Според одредбите во оспорените делови, правните последици од осудата настапуваат по сила на законот, а не како казна (забрана), што ја изрекува судот во рамките на видовите на казни, односно санкции. Понатаму, како услов за работа на овластен актуар се бара од лицето да не е осудувано за кривично дело против имотот или кривично дело од областа на финансиското работење, без притоа, на лицето да му е изречена мерка забрана за вршење на дејност, лицето не може да заснова работен однос, односно му се одзема дозволата за работа како овластен актуар и од граѓаните се бара да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност, Судот оцени дека одредбите на членовите 23, 32, 112 и 138 во оспорените делови од Законот за супервизија на осигурување не се во согласност со напред наведените одредби од Уставот.

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 33 од Уставот се уредува дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, а според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Според член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерот, меѓудругото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, а според член 64 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Тргнувајќи од наведените одредби, а имајќи ја предвид содржината на членовите 161,162 и 220 од Законот за супервизија на осигурување, во оспорените делови, според кои министерот за финансии се овластува со правилник да го утврдува годишниот надоместок за спроведување на супервизијата, трошоците на супервизијата, надоместокот за донесување на решение, како и рокот во кој друштвото за осигурување го плаќа годишниот надоместок за спроведување на супервизијата, според мислењето на Судот, таквото овластување нема уставна основа, дотолку повеќе што во Законот не се содржани никакви критериуми во однос на тие прашања. Освен тоа, ова овластување отстапува и од општиот принцип на поделбата на власта, не претставува извршување на одредби од закон, а во примената на таквиот пропис се дава можност од арбитрерност на извршната власт во однос на законодавната власт и можност од нееднаков третман кон друштвата за осигурување во спроведувањето на супервизијата, што ќе произлезат од правилникот за кој е овластен да го донесе министерот за финансии.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека одредбите на членовите 161, 162 и 220 од Законот, во оспорените делови, не се во согласност со напред наведените одредби од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.100/2002
23 октомври 2002 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов