Решение У.бр.86/2001

У.бр.86/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 септември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 16 став 2 од Законот за здруженијата на граѓани и фондациите (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/98).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 16 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба се уредувало дека основачи на здруженија на граѓани не можат да бидат лица на кои со правосилна судска пресуда им е одземена деловната способност, што не било во согласност со член 9, член 20 став 1 и 2 и член 54 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 16 став 2 од Законот, основачи на здружение на граѓани не можат да бидат лица на кои со правосилна судска пресуда им е одземена деловната способност.

4. Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, а според ставот 2 на овој член од Уставот, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Со Законот за здруженијата на граѓани и фондациите се уредува начинот, условите и постапката за основање, регистрација, работење и престанок на здруженијата на граѓани и фондациите. Така, со член 2 став 1 од овој закон е уредено дека граѓаните слободно можат да се здружуваат во здруженија на граѓани и да основаат фондации заради остварување и заштита на економски, социјални, културни, научни, стручни, технички, хуманитарни, образовни, спортски и други права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и законот.

Општо познато е дека деловната способност нужно претпоставува правна способност, бидејќи за да може да се создаваат права и обврски со своја изјава на волја, треба да се има способност лицето да биде субјект на права и обврски. Имено, човекот како физичко лице е носител на права и обврски, тој е субјект на правото. Својството на човекот да биде носител на права и обврски е всушност правна способност. Секој човек е правно способен, значи, секој човек е носител на права и обврски и тоа не е условено од возраста, полот или другите својства на човекот. Меѓутоа, за разлика од правната способност, кај деловната способност на физичките лица, се бара од лицето способност да изрази правно релевантна волја да учествува во правниот промет, односно тоа да биде способно самостојно да се грижи за себе, за своите права и за своите обврски. Деловна способност не може да има секое лице, туку, тоа кое е свесно, кое може да ги свати своите постапки, да има развиена волја за да може да се однесува по неа. За таквата способност се бараат одредени услови (соодветна возраст и здравје).

Деловната способност, според Законот за семејството е дефинирана како способност на лице да изрази правно релевантна волја за учество во правниот промет.

Тргнувајќи од наведеното, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба според која основач на здружение на граѓани не може да биде лице на кое со правосилна судска пресуда му е одземена деловната способност, според мислењето на Судот, не се повредуваат уставните принципи за еднаквост на граѓаните и слободата на здружување. Определбата што произлегува од оспорената одредба, основач на здружение на граѓани да не може да биде лице на кое му е одземена деловната способност со правосилната судска пресуда, се конкретизира со самата пресуда и трае толку колку што е утврдено со таа пресуда. Поради тоа, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба на член 16 став 2 од Законот со напред наведените одредби од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.86/2001
18 септември 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply