Одлука У.бр.252/2001

У.бр.252/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 17 јули 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 3 став 2 алинеја 2 од Правилникот за овластување на стручно лице за одобрување на семенски посеви, посеви со лукавица и клубени, лозови и овошни насади, донесен од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/2001).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Јавната научна установа – Институт за јужни земјоделски култури од Струмица со решение У.бр.252/2001 од 22 мај 2002 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 3 став 2 алинеја 2 од актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и Законот за семенски материјал, саден материјал и материјал за размножување, признавање, одобрување и заштита на сортата.

4. Судот на седницата утврди дека во Правилникот за овластување на стручното лице за одобрување на семенски посеви, посеви со лукавици и кртоли, лозови и овошни насади, донесен врз основа на член 15 став 2 од Законот за семенски материјали, саден материјал и материјал за размножување, производство, одобрување и заштита на сортата од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство е предвидено дека со правилникот се уредува издавањето и одземањето на овластувањето на стручното лице за вршење на стручна контрола на производството и одобрување на семенски посеви, посеви со лукавици и клубени, лозови и овошни насади. Овластувањето го издава министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство кое е доказ дека стручното лице е способно и може самостојно да врши контрола.

Стручното лице овластувањето може јавно да го истакне на местото каде што ја обавува основната дејност.

Во член 3 од Правилникот е предвидено дека овластувањето се издава врз основа на доставено барање до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Управа за семе и саден материјал.

Во прилог на барањето се доставува следниот доказ:

– диплома за завршен земјоделски факултет,
– диплома за завршени последипломски студии од
соодветната област,
– уверение за државјанство на Република Македонија,
– доказ за работно искуство.

Согласно член 32 став 2 од Уставот секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според ставот 5 на овој член од Уставот, остварувањето на правото на вработените и нивната положба се уредува со закон и со колективен договор.

Во член 15 од Законот за семенски материјал, саден материјал и материјал за разможување….. е предвидено дека стручна контрола на производството на семенски материјал, саден материјал и материјал за разможување и доработка може да врши стручно лице овластено за одобрување на семенски посеви, посеви со лукавица и кртоли….

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство донесува акт за овластување од став 1 на овој член.

Стручното лице од став 1 на овој член треба да е со завршен земјоделски факултет од соодветната област со работно искуство најмалку 5 години во производство и доработка на семенски материјал, саден материјал и материјал за разможување.

Од изнесеното произлегува дека со законот се утврдени условите кои треба да ги исполнува лицето кое бара акт за овластување за вршење на стручна контрола кој акт го носи министерот.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај со оспорената одредба од Правилникот министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство утврдил дополнителен услов постдипломски студии за стручното лице кое може да врши стручна контрола, Судот оцени дека тој ги пречекорил законските овластувањата, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

5. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.252/2001
17 јули 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply