82/2002-0-0

82/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 јули 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката на Владата на Република Македонија за распределба на дел од вишоците на приходите над дозволеното ниво на потрошу-вачка во 2001 година донесена на 23 април 2001 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/2002).

2. Стојан Јанков, градоначалник на Општина Неготино, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Според иницијаторот оспорената Одлука била спротивна на член 11 од Законот за локалната самоуправа, бидејќи средствата остварени од изворни приходи на општините, иако формално се насочувале кон единица на локалната самоуправа всушност биле наменети за финансирање на потреби на органите на централната власт. Иницијаторот наведува дека со доделувањето на средствата на една од општините без почитување на никакви критериуми се нарушувале уставната положба и правата на општините, односно тие се доведувале во нееднаква положба спротивно на член 87 од Законот за локалната самоуправа.

3. Судот на седницата утврди дека во точката 1 од Одлуката е определено дека дел од остварените вишоци на приходите над довзоленото ниво на потрошувачка на единиците на локалната самоуправа во 2001 година во износ од 15.000.000,00 денари се распоредуваат на единицата на локалната самоуправа Чаир.

Во точката 2 од Одлуката се задолжува единицата на локалната самоуправа Чаир, средствата од точката 1 на оваа Одлука да ги користи наменски за реализацијата на проектот за отпочнување со градба на новата управно-административна зграда на општината, во која ќе бидат сместени подрачните единици на Министерството за одбрана, Министерството за образование, Министерството за финансии, Министерството за економија, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Министерството за правда, Министерството за транспорт и врски, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и подрачните единици на Службата за општи и заеднички работи при Владата на Република Македонија и Центарот за социјални работи Чаир.

Во точката 3 од Одлуката е определено дека за наменското користење на средствата ќе се грижи Министерството за финансии. За извршената работа и наплата да се достави извештај со спецификација на извршувањето и доколку се утврдат неправилности се задолжува општината Чаир средствата да ги врати во соодветен износ.

4. Според член 1 од Законот за ограничување на изворните приходи за финансирање на јавните потреби за 2001 година, изворните приходи (без трансферните средства) за финансирање на јавните потреби за 2001 година се ограничуваат на вкупен износ од 83.025,162,00 денари. Износот на приходите е распределен на одредени субјекти во точно определен износ (Република, единици на локална самоуправа, Фонд за пензиско и инвалидско осигурување, фонд за здравствено осигурување, Завод за вработување, Фонд за патишта, Фонд за заштита и унапредување на животната средина и природата и Фонд за води).

Според членот 5 од овој Закон, приходите остварени над утврдениот износ во членовите 1 и 2 на овој закон ќе се насочуваат на посебна сметка на Република Македонија, а според ставот 2 од овој член, за користење на средствата од став 1 на овој член одлучува Владата на Република Македонија.

Врз основа на ова законско овластвување Владата ја донела оспорената одлука според која дел од остварените вишоци на приходите над дозволеното ниво на потрошувачка на единиците на локалната самоуправа за 2001 година во износ од 15.000.000,00 денари се распределуваат на единицата на локалната самоуправа Чаир.

Тргнувајќи од фактот дека право е на државата во рамките на уставните овластувања да ја уредува фискалната политика и во тие рамки да го утврдува обемот на средствата од изворните приходи за финансирање на јавните потреби, законското ограничување на изворните приходи за финансирање на јавните потреби претставува мерка на државата што таа ја презема согласно економската состојба во земјата, а со цел да создаде непречено функционирање на институциите и остварување на правата на граѓаните во соодветната област.

Оттука, разгледувајќи ја оспорената одлука на Владата во однос на Законот за ограничување на изворните приходи за финансирање на јавните потеби за 2001 година во кој е содржан и основот за нејзиното донесување, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со овој закон.

Со оглед на тоа што иницијаторот ја спори одлуката на Владата во однос на членовите 11 и 87 од Законот за локалната самоуправа Судот оцени дека наведените одредби од Законот за локалната самоуправа воопшто не се релевантен фактор за оценување на законитоста на оспорената Одлука на Владата, бидејќи тие се однесуваат на финансирањето на општините и на заштитата на уставната положба на општината, додека пак, оспорената одлука на Владата се однесува за распределба на дел од вишоците на приходите над дозволеното ниво на потрошувачка во 2001 година, донесена врз основа на Законот за ограничување на изворните потреби за 2001 година. Како пак Владата ја врши распределбата (на една или повеќе општини и за кои намени) е фактичко пршање за кое Уставниот суд нема надлежност да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.82/2002
10 јули 2002 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply