8/2002-0-0

8/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 јуни 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 82 став 1 и 2 од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр. 59/2000, 112/2000, 34/2001 и 103/2001).

2. Сојузот на синдикатите на Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот 82 став 1 и 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Сојузот на синдикатите на Македонија е на мислење дека утврдената законска можност за распоредување на државниот службеник во пониско звање и за престанок на вработувањето (работниот однос) предвидено во членот 82 став 1 и 2 од Законот која се однесува само за државните службеници односно вработе-ните во државната управа се против уставни, бидејќи не е во согласност со членовите 9, 32 став 1, 2, 3 и 5, како и начелата на владеење на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидар-носта како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во членот 8 ставот 1, алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Македонија.

Со овозможување право на работодавецот во случај на намалување на надлежностите или на обемот на работа во органите на државната управа, да може државниот службеник да го распореди во истиот орган на работно место во пониско звање, грубо се нарушува уставниот принцип по член 58 став 2 од Уставот на Република Македонија, бидејќи се отвора можноста помалку стручни и некомпетентни државни службеници да го задржат своето звање, а други да бидат распоредени во пониско звање, а се тоа зависно од волјата на работодавецот, без да постои реална потреба на процесот на работата или објективни критериуми при распоредувањето на државните службеници во органите на управата по овој основ.

Злоупотребата на ова право од страна на работодаве-цот, што објективно е можно поради непостоењето на објективни критериуми исто така го доведува во прашање и уставниот принцип од членот 32 став 1, 2 и 3 од Уставот на Република Македонија, бидејќи не се обезбедува правен механизам за заштита на работникот во остварувањето на уставните права на работа, слободен избор на вработување и, дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а ја доведува во прашање и уставната определба од став 5 од член 32 од Уставот на РМ дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба покрај со закон се уредуваат и со колективни договори.

Сојузот на синдикатите на Македонија смета дека правото на работа, односно работниот однос, како универзално право утврдено со Уставот на Република Македонија, не смее да зависи од дејноста, областа или секторот во кои се остварува. Работниот однос (засновањето, правата и обврските и престанокот) треба еднакво да се однесува за сите работници во Република Македонија и не може со Закон да се утврдат поинакви услови за престанок на работниот однос од оние кои веќе се предвидени во член 105 од Законот за работни односи како општ закон кој ја регулира работно правната положба на граѓаните на Република Македонија и соодветните членови на колективните договори.

Имено, во член 105 од ЗРО став 1, точка 5, како еден од начините за престанок на работниот однос без волја на работникот е – поради економски, технолошки, структурални или слични промени, а во членовите 125 до 129 од Законот е уредена и постапката за престанок на работниот однос по овој основ. Поконкретно во член 129 од ЗРО е предвидено дека “структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени се утврдува врз основа на критериумите утврдени со Колективен договор на ниво на работодавец односно на ниво на гранка”.

Со ваквиот објективен пристап на регулирање на прашањето на престанокот на работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени всушност, во Законот за работните односи е запазен уставниот принцип од членот 32 став 5 од Уставот на Република Македонија дека, “остварувањето на правата на вработените и нивната положба на општ начин се уредуваат со Закон и Колективен договор”.

За разлика од ЗРО, во членот 82 став 2 од Законот за државните службеници за престанок на работниот однос по истиот основ (без волја на работникот – структурални или слични промени) е утврдена можност за субјективен приод и манипулирање со правата на работниците од страна на работодавецот при престанок на работниот однос на вработените во органите на управата, бидејќи оспорениот став од членот 82 од Законот за државните службеници не содржи услови и критериуми на кои би бил обврзан работодавецот да се придржува при престанокот на работниот однос.

Со ваквиот начин на престанок на работниот однос на вработените во органите на државната управа се загрозува правната сигурност и се ограничува можноста од заштита на работникот на кој му престанал работниот однос во случај на намалување на надлежностите или на обемот на работата на државниот орган, а во рок од еден месец не му се обезбеди друго работно место, со што се загрозува и принципот на владеење на правото утврден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 82 став 1 од Законот за државните службеници, во случај на намалување на надлежностите на органите од член 3 на овој закон или на обемот на работата и ако поради тоа има потреба од намалување на бројот на државните службеници, државниот службеник кој ги извршувал тие работи може да се распореди во истиот орган на работно место во исто или пониско звање, а според ставот 2 на овој член доколку државниот службеник во рок од еден месец не биде распореден на работно место во смисла на став (1) од овој член му престанува вработувањето.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, владеењето на правото, како и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Членот 32 од Уставот уредува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, дека секој вработен има право на соодветна заработувачка и дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Со Законот за работните односи (член 1) се уредува остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос.

Во глава ВИИ од овој закон што се однесува на престанок на работниот однос, регулирани се прашањата во врска со условите, начинот и постапката за престанок на работниот однос на иницијатива на работникот и работодавецот.

Согласно член 105 став 1 точка 5 од овој закон, на работникот му престанува работниот однос по спогодба, по истекот на времето за кое е заснован работниот однос, по сила на законот, со отказ и поради економски, технолошки, структурални или слични промени.

Прашањето пак, за престанок на работниот однос на работникот со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени е уредено во членовите 125 до 129 од овој закон, додека членот 130 уредува дека ако на работникот му престане работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени, работодавецот е должен да му обезбеди едно од следниве права: 1) вработување кај друг работодавец без огласување на работното место со преземање и склучување договор за работа на работно место кое одговара на неговата стручна подготовка односно квалификација; 2) стручно оспособување, преквалификација или доквалификација за работа кај друг работодавец ; 3) еднократен надомест во вид на испратнина во висина од едномесечна плата на работникот за секои две години работен стаж, наполнет кај работодавецот кај кого му престанува работниот однос, а најмногу 12 месечни плати остварена во претходниот месец од денот на престанокот на работниот однос на работникот што се исплатува со денот на престанокот на работниот однос.

Врз основа на наведените уставни одредби произлегува дека Уставот препуштил со закон и со колективен договор да се уредат односите од областа на социјалната сигурност и да се утврдат начела кои еднакво ќе се однесуваат на сите граѓани односно на сите вработени лица.

Во конкретниот случај со оспорените одредби од Законот за државните службеници предвидено е во случај на намалување на надлежностите на органот или на намалување на обемот на работата, државниот службеник да може да се распореди во истиот орган на работно место во исто или пониско звање, со крајно решение на државниот службеник да му престане работниот однос доколку во рок од еден месец не биде распореден.

Во врска со наводите од иницијативата дека оспорената одредба од Законот не содржи критериуми од кои ќе се раководи работодавецот при одлучувањето кои од државните службеници – извршители на работните задачи ќе бидат прераспоредени односно на кои државни службеници ќе им престане работниот однос поради тоа што нема да бидат прераспоредени на други работни места, Судот смета дека оспорената одредба не го уредува прашањето за критериумите.

Меѓутоа, според член 96 од Законот за државните службеници, со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува примената на одредбите на колективните договори по прашањата кои се уредени со овој закон.

Од друга страна, според член 129 од Законот за работните односи, структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени се утврдува врз основа на критериумите утврдени со колективен договор на ниво на работодавец односно со колективен договор на ниво на гранка, доколку работодавецот има потпишано таков договор.

Со оглед на тоа што Законот за државните службеници не ги уредува прашањата сврзани со критериумите од кои ќе се раководи работодавецот при распоредувањето на државните службеници, Судот оцени дека во тој случај ќе се применуваат одредбите од гранскиот колективен договор.

Така, согласно член 110 од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија, бројот и структурата на работниците на кои им престанува работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени, се утврдува врз основа на следните критериуми: стручна подготовка и квалификација, работно искуство, успешноста на работењето, видот и значењето на работното место, работниот стаж, возраст, здравствена состојба како и економско – социјална состојба.

Оттука произлегува дека по овој основ, државните службеници се изедначени со другите вработени кои немаат статус на државни службеници.

Согласно член 82 став 5 од Законот за државните службеници, во случај на престанок на вработувањето, државниот службеник ги има правата утврдени со Законот за работните односи и со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Врз основа на изнесеното произлегува дека сите права во случај на престанок на вработувањето на државните службеници се остваруваат согласно одредбите на Законот за работните односи идентично како и за останатите вработени кои немаат статус на државни службеници. Тоа значи дека државните службеници на кои им престанува работниот однос заради намалување на надлежно-стите или обемот на работата на соодветниот орган, се изедначени во своите права со другите работници на кои им престанува работниот однос заради економски, технолошки, структурални или слични промени.

5. Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 82 став 1 и 2 од Законот со Уставот од аспект на рамноправноста на државните службеници како и од аспект на нивната правна сигурност, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 8/2002
19 јуни 2002 год.
С к о п ј е
л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply