36/2002-0-0

36/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 јуни 2002 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 25 став 1 точка 3, став 5 точка (6), став 6 во делот “и (6)”, став 7 во делот “(6)” и став 10 од Законот за слободни економски зони (“Службен весник на Република Македонија” бр.56/99, 41/2000 и 6/2002).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.36/2002 од 3 април 2002 година, поведе постапка за оценување уставноста на одредбите означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека согласно членот 25 став 1 точка 3 од Законот за слободни економски зони, корисникот на слободната зона остварува даночни ослободувања и олеснувања ако, меѓу другото “против него не се води прекршочна или кривична постапка во врска со вршење на стопанска дејност”.

Според ставот 5 точка (6) на овој член од Законот, е предвидено дека кон даночното барање корисникот на слободната зона е должен, меѓу другото, да приложи “уверение издадено од надлежен орган дека против корисникот на слободната зона не се води постапка заради прекршок или кривично дело сврзано со вршење на стопанската дејност”.

Во ставот 6 на овој член од Законот е утврдено, меѓу другото, дека доказот од ставот 5 точка (6), се поднесува во рок од 15 дена по отпочнувањето со работа на корисникот на слободната зона. Во ставот 7 на овој член е утврдено, меѓу другото, дека доказот од ставот 5 точка (6), се поднесува секоја година од работењето во слободната зона, најдоцна до 31 март во тековната година.

Во ставот 10 на овој член од Законот, е предвидено министерот за финансии, по потреба, поблиску да ја пропишува постапката за донесување на решението од став 8 на овој член. Имено, според ставот 8, органот за јавни приходи на корисникот му донесува решение во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на даночното барање, доколку се исполнети условите од овој член.

5. Во членот 8 став 1 од Уставот на Република Македонија е утврдено дека владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согланост со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно одредбите од членот 13 и членот 14 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука и дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според тоа, казнено-правниот однос се исцрпува во релацијата казниво дело и судски изречена казна односно санкција и натамошните последици од осудата за тоа дело не се допуштени.

Врз основа на членот 106 став 5 од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија”, број 37/1996), никој нема право да бара граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност, а според став 6 на овој член, на граѓаните по нивно барање може да им се дадат податоци за нивната осудуваност или неосудуваност само ако овие податоци им се потребни заради остварување на нивните права во странство. Согласно ставот 4 од истиот член на Кривичниот законик, податоци од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат и на државни органи, правни и физички лица ако уште траат правните последици од осудата или мерката за безбедност или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.

Имајќи го во предвид изнесеното и поаѓајќи од содржината на одредбите од Законот за слободни економски зони, означени во точката 1 на оваа одлука, Судот оцени дека како услов за остварување на даночни ослободувања и олеснувања на корисникот на слободната зона е спрема него да не се води прекршочна или кривична постапка во врска со вршењето на стопанска дејност и дека со ваквата законска формулација, во случај ако спрема корисникот се води таква постапка, истиот би се сметал за виновен пред неговата вина да биде утврдена со правосилна судска одлука. Понатаму, обврската на корисникот, кон даночното барање во определен рок по отпочнувањето со работа во слободната зона и во определен рок секоја тековна година, да приложува уверение дека не се води спрема него постапка заради прекршок или кривично дело сврзано со вршење на стопанската дејност, исто така упатува дека доколку корисникот тоа не го стори и во определените рокови не го презентира доказот кој е наведен односно перманентно не докажува дека се води или не се води спрема него постапка, без разлика на фактите по тоа прашање, тоа би значело дека самото недоставување на доказот ќе доведе до негативни последици во однос на остварувањето на даночните ослободувања и олеснувања на корисникот на слободната зона. Оттука, Судот оцени дека членот 25 став 1 точка 3, став 5 точка (6), став 6 во делот “и (6)”; став 7 во делот “(6) од Законот за слободни економски зони, не се во согласност со членот 13 и членот 14 од Уставот на Република Македонија и со овие одредби се повредува начелото на презумпција на невиност.

Во однос на одредбата од членот 25 став 10 од Законот, со која е предвидено министерот за финансии, по потреба, поблиску да ја пропишува постапката за донесување на решението од став 8 на овој член, Судот оцени дека со ова законско овластување се дозволува со акт на министерот да се пропишува постапка и да се утврдуваат права и обврски на граѓаните и другите правни лица што е спротивно со оредбите од Уставот, од вториот дел за слободите и правата на човекот и граѓанинот од кои јасно произлегува уставната определба дека правата и обврските на граѓаните можат да се пропишуваат само со закон и колективен договор. Даденото овластување на министерот за финансии со свој акт да определува постапка за одредени прашања утврдени со закон, а со тоа да утврдува права и обврски за граѓаните значи и навлегување во законодавната власт која е издвоена од извршната власт.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.36/2002
5 јуни 2002 година
С к о п ј е
сд.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply