Решение У.бр.245/2001

У.бр.245/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 3 април 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Програмата и Статутот на Организацијата на воените старешини на Република Македонија.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот што се однесува на несогласноста на Статутот и Програмата со законските одредби.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на актите означени во точката 1 од ова решение. Подносителот на иницијативата смета дека оспорените акти ги повредувале членовите 8 став 1 алинеја 3; 20 став 4 и 51 од Уставот и бара Судот да поведе постапка за оценување на нивната уставност. Меѓутоа, иако иницијаторот бара оценка на уставноста на оспорените акти, тој во образложението на иницијативата ги спротивставува оспорените акти со повеќе законски одредби. Така, според иницијаторот, Статутот предвидувал Организацијата на воените старешини на Република Македонија да има надлежности во водењето на надворешната политика вон АРМ (школување, подготвување и распоредување на кадрите) што било спротивно на одредбите на членовите 18 став 1 точка 11, 20 став 1 точки 19 и 20, 25 став 2 точки 7 и 9 и 26 точки 18 и 19 од Законот за одбрана. Со Статутот била предвидена обврска на државата да издвојува средства од Буџетот за финансирање на Организацијата што било во спротивност со членот 61 став 5 од Законот за здруженијата на граѓани и фондациите. Иницијаторот смета дека и употребеното име на државата во насловот на актите на Организацијата на воените старешини на Република Македонија не било во согласност со членот 11 од Законот за здруженијата на граѓани и фондациите. Понатаму, иницијаторот наведува дека текстот на оспорените акти е преземен од сојузниот Закон за општонародна одбрана и од Законот за општествена самозаштита кои престанале да важат што значело дека оспорените акти немале правен основ за нивно постоење, односно дека со нивното постоење се повредувал принципот на владеење на правото. Иницијаторот смета дека Организацијата на воените старешини не им припаѓа на вооружените сили на Република Македонија и го цитира членот 20 став 4 од Уставот според кој забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека оспорениот Статут е донесен од Собранието на ОВСРМ врз основа на член 20 од Уставот и членовите 54 и 76 од Законот за здруженијата на граѓани и фондации.

Со Статутот се уредува карактерот, целите, задачите, организацијата, функционирањето и финансирањето на Организацијата на воените старешини на Република Македонија.

Организацијата на воените старешини на Република Македонија е непартиско, самостојно и кадровско здружение на граѓани кое врши јавно овластување во областа на одбраната на Република Македонија.

Основна цел на ОВСРМ е организирано, континуирано, самостојно и во соработка со другите надлежни органи да ги подготвува своите членови за успешно извршување на должностите што ги имаат во одбранбениот систем на Република Македонија.

ОВСРМ ги има следните задачи: јакнење на свеста и уверувањето на членството за потребите и мо`ностите за одбрана на Република Македонија; јакнење на моралниот дух и патриотските чувства и негувањето на борбените традиции на македонскиот народ и националностите што живеат во Републиката; практично обучување на членството преку организирање на ориентациони маршеви, тактичко-технички собир, гаѓања и учество на вежби што ги организираат единиците, командите и штабовите на АРМ и цивилната заштита; запознавање на членството со новите воено-технички средства и новини во вооружувањето на АРМ; информирање на членството за актуелните воено-политички состојби во Републиката и пошироко во светот и нивното влијание на безбедноста на Републиката; во соработка со државните органи и другите субјекти се вклучува и учествува во подготовката на локалната самоуправа, претпријатијата и граѓаните за нивно ангажирање во одбранбените подготовки; во соработка со надлежните државни органи учествува во обучувањето на своите членови за остварување на задачите на ЦЗ; поттикнува активности за заштита на човековата околина; го афирмира воениот позив и учествува во предлагањето и изборот на младинци за ШРО, воените школи и Воената академија за потребите на АРМ; организира средби и манифестации кои се во функција на одбраната; учествува во одбележувањето на значајни настани и јубилеи од нашето поблиско и подалечно историско минато; информирање на членството и пошироката јавност за својата работа; ќе се грижи за остварување на правата и статусот на членовите како и подобрување на нивната материјална и социјална положба; по барање на Министерството за одбрана, вклучување на воените старешини во изведувањето на обуката со граѓаните и другите обврзници; во остварувањето на задачите, ОВСРМ соработува со Министерството за одбрана, Генералштабот на АРМ и другите др`авни органи и здруженија на граѓани кои остваруваат задачи во одбраната на Република Македонија.

Понатаму, Статутот содржи одредби за правата и обврските на членовите на Организацијата; начинот на конституирањето на органите и нивната надлежност; јавност во работата; задачи на ОВСРМ во услови на војна; меѓународна соработка; застапување и претставување; финансиски средства; знаме, амблем, членска книшка, печат и штембил; посебни одредби и преодни и завршни одредби.

Според оспорената програма ОВСРМ ќе се ангажира во остварувањето на програмските цели и задачи што произлегуваат од Статутот на Организацијата, како и од другите документи и акти со кои се уредени прашањата од областа на одбраната на Република Македонија.

ОВСРМ ќе продолжи доследно да ја остварува определбата-членството и организациите да имаат активен однос и да даваат значаен придонес во зачувувањето на мирот и внатрешната стабилност на Републиката, што ќе биде во функција на јакнењето на нејзиниот одбранбен систем.

Приоритетна задача на ОВСРМ ќе биде во своите програмски активности да опфати што поголем број членови, пред се меѓу помладите, кои имаат завршено ШРО, со цел да придонесе во нивното оспособување за успешно извршување на функциите и задачите што ги имаат во резервниот состав на АРМ.

Во текот на наредниот период, самостојно и во соработка со други органи и организации, ОВСРМ ќе се ангажира во негувањето и одбележувањето на значајните јубилеји и настани од поблиското и подалечното минато на македонскиот народ и афирмирањето на државноста на Република Македонија.

Покрај наведеното, основната цел на програмските активности во обучувањето на воените старешини во рамките на ОВСРМ, е да се придонесе во комплетното оспособување на воените старешини за успешно извршување на нивните должности во мир и во војна, односно нивно поцелосно ангажирање како активни чинители во јакнењето на одбранбениот систем на Република Македонија.

Понатаму, Програмата содржи определба дека органите и телата на ОВСРМ ќе се ангажираат за воспоставување соработка со исти или со слични организации од други држави, со цел, размена на искуства од нивната работа, како и согледување на местото и улогата во рамките на нивните одбранбени системи, како и определба за целосно, објективно и навремено информирање на членството и на пошироката јавност за позначајните активности на Организацијата.

5. Судот, исто така утврди дека Со Решение ЗГ.бр.195/98 на Основниот суд Скопје И Скопје, е утврдено дека во Регистарот на здруженија на граѓани и фондации при Основниот суд Скопје И Скопје под Рег.бр.49 се запишува Здру`ението на граѓани “Организација на воените старешини на Република Македонија” со скратено име “ОВСРМ” со седиште во Скопје.

Со Решение бр.10-765/2 на Министерството за правда се одобрува на Здружението “Организација на воените старешини на Република Македонија” да го користи изразот “Македонија” како додаток на името.

Според јавното овластување бр.02-3920/5 од Министерството за одбрана на Организацијата на воените старешини на Република Македонија и се доверува вршење на јавно овластување во остварувањето на обуката на резервните воени старешини за учество во одбраната на Република Македонија. Јавното овластување, Организацијата на воените старешини на Република Македонија да го врши со спроведување на обука на резервните воени старешини по пат на теоретски предавања за стекнување на неопходни општовоени знаења и изведување на вежбовни активности (гаѓања, ориентација на земјиште, технички собири и други облици на обука) за нивно практично оспособување, по претходно добиена согласност од Министерството за одбрана.

6. Согласно член 20 став 3 од Уставот, програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост. Според став 4 на овој член, забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Членот 110 став 1 алинеја 7 од Уставот определува дека Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Во врска со наводите во иницијативата дека несогласноста на оспорениот Статут и Програма со законските одредби го повредува уставното начело на владеење на правото како и одредбата од членот 51 од Уставот, Судот оцени дека не може да се извлекува заклучок дека оспорените акти автоматски се несогласни со Уставот, доколку се несогласни со законските одредби како што тврди подносителот на иницијативата. Уште повеќе што во конкретниот случај оспорените акти во ниеден сегмент на кој посочува иницијаторот не се во несогласност со законите. Имено од содржината на оспорениот Статут прозлегува дека Организацијата на воените старешини го популаризира воениот позив и учествува во предлагањето на младинци за школата за резервни офицери и Воената академија, но со тоа не навлегува во ингеренциите предвидени со Законот за одбрана бидејќи не учествува во поставувањето на воените старешини на формациски места (член 18 точки 11 и 12) не произведува старешини во почетен чин ниту пак, унапредува или разрешува воени старешини на должности од мајор до полковник (член 20 точки 19 и 20).

Исто така, одредбата од Статутот според која ОВСРМ се финансира од Буџетот на Републиката односно од буџетите на единиците на локалната самоуправа врз основа на програма, во целост кореспондира со одредбата од членот 61 став 4 и 5 од Законот за здру`енијата на граѓаните и фондациите.

Понатаму, од приложената документација е видно дека ОВСРМ поседува јавно овластување за вршење функции во областа на одбраната издадено од Министерството за одбрана, како и одобрение за користење на името “Македонија” во насловот на Организацијата издадено од Министерството за правда.

Што се однесува до наводите содржани во иницијативата дека ОВСРМ не им припаѓа на вооружените сили на Република Македонија и дека поради тоа е во спротивност со членот 20 став 4 од Уставот, иако нејасно сепак иницијаторот како да инсинуира дека ОВСРМ е воено или полувоено здружение.

Во одговорот на ова прашање, Судот оцени дека ОВСРМ е регистрирана како здружение на граѓани и дека како таква ОВСРМ ниту е организирана ниту, пак, функционира во Армијата. Од содржината, пак, на Статутот и на Програмата може да се заклучи дека ОВСРМ нема посебна воена организациска структура, нема воени формации и не располага со посебни униформи и вооружување, ниту, пак, нејзиното декларирање и дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на државата или кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека неможе да се постави прашањето за согласноста на оспорениот Статут и Програма со Уставот.

7. Со оглед на тоа што Уставниот суд одлучува само за уставноста на програмите и статутите на здруженијата на граѓаните, Судот оцени дека нема основи да постапува по иницијативата во делот што се однесува на несогласноста на Статутот и Програмата со законските одредби.

8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 на ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.245/2001
3 април 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply