3/2002-0-0

3/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 март 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на општина Прилеп, број 07-2034/2 од 30.11.2001 година, за донесување на Генерален урбанистички план на град Прилеп.

2. Цветан Трајкоски, Никола Трајкоски, Драган Трајкоски, Цветан Симоноски и Игорче Симоноски, сите од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Како причина за поднесување на иницијативата е наведено дека Генералниот урбанистички план на град Прилеп бил донесен спротивно на членот 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно со него не се обезбедувале мерки за заштита и унапредување на животната средина и природата, особено во делот на урбаната единица број 14 зона Б, на КП бр.9203 на ул.”Аалександар Македонски” бб, каде е предвидена бензинска пумпа од јавен карактер.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 8 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.4/96) кој е влезен во сила на 3 февруари 1996 година ги има следниве измени и дополнувања, и тоа: 1. Закон за изменување и дополнување на Законот (“Службен весник на РМ” бр.28/97) е влезен во сила на 28 јуни 1997 година; 2. Законот за изменување и дополнување на Законот (“Службен весник на РМ” бр.18/99) е влезен во сила на 8 април 1999 година и 3. Законот за изменување и дополнување на Законот (“Службен весник на РМ” бр.53/2001) е влезен во сила на 20 јули 2001 година.

Согласно член 26 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.53/2001), започнатите постапки за донесување на урбанистичките планови ќе продолжат според одредбите на овој закон.

Од доказите прибавени од страна на Судот по повод иницијативата, се констатира следново:

– Врз основа на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.4/96, 28/97 и 18/99), односно пред влегувањето во сила (20 јули 2001 година) на измените и дополнувањата на Законот (“Службен весник на РМ” бр.53/2001), е започната постапка за донесување на Генералниот урбанистички план на град Прилеп. Тој дел од постапката опфаќал:

· Врз основа на Програмата на Владата на Република Македонија од 1997 година, ДОО Заводот за урбанизам – Прилеп изработил нацрт на Генералниот урбанистички план на град Прилеп (ова согласно член 13 и член 16 став 3 од Законот);

· Со решение број 16-4802 од 31.05.1999 година на Министерот за урбанизам и градежништво е определена Комисија за вршење на стручна ревизија на Нацртот на Генералниот урбанистички план на град Прилеп, стручна ревизија е изработена од комисијата во јуни 1999 година, а одговор на стручната ревизија од изготвувачот на планот е даден во октомври 1999 година (ова согласно член 19 од Законот);

· Стручна расправа, организирана од општината била одржана на 4 ноември 1999 година за која постои записник број 24-1453/4, а на која присуствувале и учествувале релевантни субјекти (правни и физички лица) од градот Прилеп, претставници од Министерството за урбанизам и градежништво, Министерството за животна средина, изработувачите на Нацрт-планот на Генералниот урбанистички план на Прилеп, претставници на подрачните единици на министерствата и локалната самоуправа. За стручната расправа е изработен извештај број 24-2360/1 од 10 ноември 2000 година за прифатените и неприфатените забелешки (ова согласно член 17 став 5 и член 18 став 4 од Законот);

Вака започнатата постапка, како што е погоренаведено, продолжила во втората фаза односно за Предлог планот на Генералниот урабанистички план на град Прилеп, по влегувањето во сила на последните измени и дополнувања на Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.53/2001), и продолжила согласно одредбите и од овој закон. Имено, Предлог-планот е изготвен во септември 2001 година од Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање – подружница Битола, со тх.бр.19/2001 и Министерството за транспорт и врски дало согласност на Предлогот, под бр.13-11405 од 29 октомври 2001 година.

Советот на општина Прилеп ја донел Одлуката за донесување на Генералниот урбанистички план на град Прилеп бр.07-2034/2 од 30 ноември 2001 година. И овој дел од постапката е во согласност со членот 22 став 3, став 6 и став 7 од Законот за просторно и урабнистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.4/96, 28/97, 18/99 и 53/2001).

Имено, според членот 22 став 3, општината донесува урбанистички планови од членот 7 точка 2 на овој закон (генерален урбанистички план, детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општината).

Според членот 22 став 6, генералниот урбанистички план се донесува по издавање согласност на предлогот на планот од страна на министерството надлежно за работите на уредување на просторот, и според ставот 7 од истиот член, одлуката за донесување на генералниот урбанистички план се доставува до наведеното министерство со заверен примерок од донесениот план.

– Во рамките на овие согледувања, Судот констатира дека во постапката на донесувањето на Генералниот урбанистички план на град Прилеп и посебно во донесувањето на самата Одлука како акт на општината Прилеп, со која е одлучено донесувањето на планот, е постапено во согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Судот утврди дека иако во иницијативата подносителите ја оспоруваат целосно наведената Одлука сметајќи дека со неа се донесува Генералниот урбанистички план на градот Прилеп кој не води сметка за заштита на човековата средина и здравјето на луѓето и во делот на предвидената бензиска пумпа на КП бр.9203, сепак овие наводи се всушност барање за преиспитување на законитоста на Одлуката од аспект на постапката за нејзиното донесување, во која всушност и се остварува зашитата на правата и интересите на заинтересираните страни. Оттука, Судот се впушти во оценување дали оспорената Одлука е донесена во постапка пропишана со Законот за просторно и урбанистичко планирање и одредбите кои биле во важност во времето на фазите на планот кои претходеле на донесувањето на Одлуката.

Врз основа на тоа се оцени дека за оспорената одлука не може основано да се постави прашањето за нејзината согласност со членот 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Ова особено поради тоа што според членот 10 од Законот како содржина на Генералниот урбанистички план се наведени елементи (синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните единици и блокови за инфраструктурата), кои немаат допирни точки со елементите (на мерки за заштита и унапредување на средината и природата) кои ги наведуваат подносителите на иницијативата повикувајќи се на поранешни одредби од членот 10 кои се изменети и кои се ирелевантни и без значење за донесување на Одлуката. Имено, Одлуката е донесена во време на важење на членот 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.4/96, 28/97, 18/99 и 53/2001) и го донесува планот во содржински рамки какви ги предвидува овој член од Законот.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.3/2002
20 март 2002 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply