18/2002-0-0

18/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 20.03.2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 139 од Колективниот договор на Јавното претпријатие “Македонски железници” од Скопје.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за оценување уставноста на членовите 140 и 141 од актот означен во точката 1 од ова решение.

3. Живко Николовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членовите 139, 140 и 141 од Колективниот договор на Јавното претпријатие “Македонски железници”- Скопје. Според наводите од иницијативата, оспорените одредби од Колективниот договор доведувале до разлики во плаќањето на работниците во Јавното претпријатие, а по основ надомест за службено патување. Бидејќи работниците не биле еднакво платени, по овој основ, иницијаторот смета дека оспорените одредби биле во спротивност со членот 9 став 2 од Уставот на Република Македонија и предлага нивно укинување.

4. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 139 од Колективниот договор на Јавното претпријатие “Македонски железници”- Скопје, надомест за дневница за службено патување над 10 км од местото на вработување за службени патувања во Републиката изнесува 8% од просечната месечна плата во стопанството на Републиката, исплатена во претходните три месеци.

Трошоците за ноќевање се признаваат во полн износ според приложената сметка за хотел од “Б” категорија.

Полна дневница припаѓа на секои 24 часа поминати на службен пат и за остатокот од време подолго од 12 часа.

Половина дневница припаѓа при службен пат во траење од 8 – 12 часа. По исклучок припаѓа полна дневница и за патување над 6 часови ако целосно е остварена во ноќно патување.

Дневници за службено патување во странство се исплатува во висина што е пропишана за работниците во органите на управа.

Според содржината на член 140, од Колективниот договор “километражата на возниот и локомотивскиот персонал им припаѓа за времето поминато над 10 км од домицилот за работа на воз, односно од тргнувањето од домицилот до враќањето до него на возот вклучувајќи го и времето за прием и предавање на возот и локомотивата како и режи патувањата.

Работните места од возниот и локомотивскиот персонал што остваруваат километража се: машиновозач, помошник машиновозач, кандидат за машиновозач (локомотивски персонал), амбулантна чистачка, кондуктер, кондуктер-домаќин, возоводител, кочничар и манипулант.

Километражата се утврдува од дневницата за службено патување поделено со 24 часа.

Километражата и регресот за исхрана меѓусебно се исклучуваат, односно километражата и регресот за исхрана не може да ја надминат дневницата за службено патување”.

Според член 141 од Колективниот договор, “Паушална дневница за службен пат изнесува 70% од полната дневница. Во саатите за пресметка на паушалните дневници влегуваат сите патувања по налог со прилог над 10 км.

Работните места на кои работниците ќе примаат паушална дневница ги одредува Генералниот директор или работникот кого тој ќе го овласти.

Паушален надомест остваруваат работниците од помошен воз, тековно одржување и ТКД.

Паушалниот надомест се одредува врз основа на паушална дневница сведена на час помножена со остварените ефективни часови во месецот.

Работниците кои ќе примаат паушален надомест ги одредува Генералниот директор или работникот кого тој ќе го овласти”.

5. Според член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија, “Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви”.

Според член 32 став 3 од Уставот “Секој вработен има право на соодветна заработувачка”, а во став 5 од истата одредба предвидено е: “Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори”.

Согласно член 5 од Законот за работни односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95, 53/97, 59/97, 21/98, 25/00, 34/00, 3/01, и 50/01), “Правата од работен однос утврдени со Устав, закон и Колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акт или дејствија на работодавецот”.

Во Законот за работни односи не се регулира прашањето на другите надоместоци помеѓу кои припаѓаат и надоместоците за дневници за службено патување и другите надоместоци кои се предмет на оспорување во иницијативата.

Согласно член 56 став 3 алинеја 3 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр. 39/94), “Висината на одделните примања се утврдува во процент од основицата и тоа 8% за дневници за службени патувања, а за странство во висина што е пропишана за работниците во органите на управата”. Во став 6 предвидено е: “Дневниците за службено патување, регресот за исхрана и теренскиот додаток меѓусебно се исклучуваат”.

Во оспорениот член 139 од Колективниот договор на работодавецот е регулирано прашањето за надомест за дневници за службено патување, кога тоа патување се врши во Републиката и е оддалечено од местото на вработување над 10 км. Висината на надоместот е врзана со 8% од просечната плата во стопанството на Републиката исплатена во претходните три месеци. Оваа одредба ги изедначува и предвидува полна дневница за: секои 24 часа поминати на службен пат, за остатокот на време подолго од 12 часа и по исклучок за патувања над 6 часови ако целосно е остварено во ноќно патување. Во одредбата е предвидена и категоријата половина дневница за службен пат од 8 – 12 часови како и дневница за службени патувања во странство во висина што е пропишана за работниците во органите на управата.

Оспорениот член 140 го регулира прашањето на друг вид надомест или “Километража на возен и локомотивски персонал”, различен од надоместот за дневница за службено патување. Дека се работи за две различни категории надоместоци произлегува од околноста што “километражата” им припаѓа како надомест на точно определена категорија работни места децидно наведени во став 2, за разлика од дневницата за службени патувања поделено со 24 часа, што помеѓу нив не става знак за равенство по однос на висината. Третата околност што ги прави овие надоместоци различни помеѓу себе е тоа што “километражата” заедно со регресот за исхрана не може да ја надмине дневницата за службено патување, во смисла на ставот 4 од оваа одредба.

Во оспорениот член 141 содржани се две помеѓу себе различни категории надоместоци и тоа: Паушална дневница и паушален надомест. Покрај другите разлики, од аспект на иницијативата, примарно е што паушалниот надомест се одредува врз основа на “паушалната дневница” сведена на час помножена со остварените ефективни часови во месецот. Начинот на пресметка на овие надоместоци е различен и посебно е регулиран во ставовите 1 и 4.

6.Тргнувајќи од содржината на цитираните одредби произлегува дека работодавецот предвидел повеќе различни надоместоци како што се: дневница за службено патување во Републиката и надвор од неа, километража на возен и локомотивски персонал, паушална дневница и паушален надомест, кои вработените можат да ги остварат во зависност од тоа на кое работно место се вработени и какви работни задачи извршуваат. Поради ова Судот оцени дека не може да се постави прашањето за повреда на принципот за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите од член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија.

Воедно, соодветната заработувачка е во директна врска со работното место на кое се наоѓа работникот и работните задачи што ги извршува со сите специфичности што ги бара процесот на работа во железничкиот сообраќај, па Судот оцени дека оспорените одредби го запазуваат и принципот на соодветна заработувачка на секој вработен од членот 32 став 3 од Уставот на Република Македонија.

Судот оцени дека нема ни повреда на остварувањето на правата на вработените и нивната положба уредена со закон и колективни договори од членот 32 став 5 од Уставот на Република Македонија. Ова уште повеќе што оспорениот член 139 од Колективниот договор на работодавецот воопшто не прави разлика помеѓу различни категории на работни места и право на надомест за дневница за службено патување има секој вработен само под услов да таквото патување е над 10 км од местото на вработување кога се патува службено во Републиката, а за патувањата вон Републиката нема никакви ограничувања. Дали вработеното лице ќе оствари ваков надомест зависи само од потребата да патува службено во работниот процес.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Оспорените членови 140 и 141, веќе биле предмет на оценка од овој суд, при што истите биле нумерирани како член 143 и 144 пред настанатите измени и дополнувања на Колективниот договор на ЈП “Македонски железници” – Скопје, број 02-741/1-2 од 26.06.1998 година.

Судот ги оценил овие одредби како уставни и законити и не повел постапка, бидејќи со нив не се нарушувал принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, ниту пак, се одземале или ограничувале правата од работен однос утврдени со Уставот, со закон и со колективни договори. При тоа Судот утврдил дека специфичниот карактер на вршење на дејноста на железнички сообраќај нужно бара вработените да работат во различни услови на работа и со различни работни задачи кои ги извршуваат како станичен и возен персонал. Тие две категории на работници не се наоѓаат во еднаква положба, а посебностите на одделни сегменти што произлегуваат од работниот однос, се резултат на таквата нивна положба, па Судот оценил дека не може да се постави прашање за согласноста на членовите 143 и 144 или сега оспорените 140 и 141 од Колективниот договор со член 9 став 2 од Уставот и член 5 од Законот за работни односи.

Имајќи предвид дека тогаш оспорените членови 143 и 141 или сега оспорените членови 140 и 141 од Колективниот договор биле предмет на оцена од наведените аспекти при донесувањето на решението У.бр. 45/98 од 08.04.1998 година, како и дека сега нема основи за поинакво одлучување Судот, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, одлучи по однос на овој дел иницијативата да ја отфрли.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У. бр. 18/2002
20. 03. 2002 год.
С к о п ј е

дб

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply