45/2002-0-0

45/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 13 март 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на

а) Одлуката за вработување кај корисниците и единките корисници на средства од Буџетот на Република Македонија, донесена од Владата на Република Македонија на 24 јули 2001 година.

б) Одлуката за вработување кај корисниците и единките корисници на средства од Буџетите на фондовите, донесена од Владата на Република Македонија на 24 јули 2001 година и

в) Одлуката за вработување кај јавните претпријатија основани од Владата на Република Македонија, донесена на 24 јули 2001 година од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2001).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на одлуките означени под а), б) и в) во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорените одлуки се ограничувало уставно загарантираното право на работа и правото на работодавците за прием на нови работници, со што се повредувале членовите 8 став 1 алинеја 3, член 32 ставовите 1, 2 и 5 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

Оспорените одлуки не ја запазувале ниту уставната обврска за еднакво третирање на граѓаните пред Уставот и законите, затоа што се однесувале само на работодавците-корисници и единките корисници од средствата на Буџетот на Република Македонија, од буџетите на фондовите и јавните претпријатија основани од Владата на Република Македонија, а не и за останатите правни субјекти.

Оспорените одлуки не биле во согласност ниту со членот 52 став 1 и став 2 од Уставот затоа што содржеле одредба според која влегуваат во сила со денот на донесувањето.

3. Судот на седница утврди дека со Одлука У.бр.164/2001 од 24 октомври 2001 година, ги укинал: а) Одлуката за вработување кај корисниците и единките корисници на средства од Буџетот на Република Македонија, донесена од Владата на Република Македонија на 24 јули 2001 година; б) Одлуката за вработување кај корисниците и единките корисници на средства од Буџетите на фондовите, донесена од Владата на Република Македонија на 24 јули 2001 година и в) Одлуката за вработување кај јавните претпријатија основани од Владата на Република Македонија, донесена на 24 јули 2001 година од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2001).

4. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа дека оспорениве одлуки биле предмет на оценка пред Судот и истите се укинати со погоре посочената одлука, а Судот не наоѓа основ за поинакво одлучување, ја отфрли иницијативата за оценување на нивната уставност и законитост.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.45/2002
13 март 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply