Решение У.бр.182/2001

У.бр.182/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 27 и 28 февруари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 3 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/2001).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според иницијаторот, оспорената одредба од Законот, не била во согласност со членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4; 15; 51; 68 став 1 алинеја 2; 91 алинеи 1 и 5 и 96 од Уставот. Имено, Агенцијата за државни службеници како второстепен орган кој одлучува по жалби и приговори не може сама за себе да пропишува правила на работењето, туку тоа може да го стори Собранието на Република Македонија или Владата на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 3 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државните слубеници, се менува и дополнува членот 7 од Законот за државните службеници. Според ставот 4 на членот 7 Агенцијата ги пропишува правилата на работењето кога одлучува по жалби, односно приговор како второстепен орган.

4. Владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Членовите 68 и 91 од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата се однесуваат на надлежностите на Собранието на Република Македонија и на Владата на Република Македонија.

Според членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Агенцијата за државни службеници е основана со Законот за државните службеници како самостоен државен орган со својство на правно лице и тоа за вршење на стручни, управни и други работи што се однесуваат на статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници.

Согласно истиот закон, Агенцијата ги пропишува правилата на работењето кога одлучува по жалби односно приговор како второстепен орган.

Врз основа на ова законско овластување, директорот на Агенцијата за државни службеници донесол Деловник за работа на Комисијата на Агенцијата за државни службеници за решавање во втор степен по жалби и приговори на државните службеници. Од содржината на овој акт е видно дека тој се бави со начинот на формирањето и составот на Комисијата (претседател, членови, секретар), итноста на работата на Комисијата по жалбите и приговорите на државните службеници, утврдува задолжително разгледување на побараното мислење од синдикатот, начинот на гласањето во Комисијата (мнозинство гласови од вкупниот број на членови), водењето на записник од седниците на Комисијата и елементите што тој треба да ги содржи, неговото потпишување, како и обврска одлуката на Комисијата да се достави до подносителот на жалбата односно приговорот и до првостепениот орган.

Од наведената содржина на Деловникот очигледно е дека тој претставува технички акт или акт за работење на Комисијата и дека тој не уредува права и обврски за државните службеници. Од ова може да се заклучи дека законското овластување на Агенцијата да ги пропишува правилата на работењето имало за цел токму донесување на ваков вид акт. Уште повеќе што во Законот за општата управна постапка во третиот дел што се однесува на жалба е уредена целата постапка при решавањето на второстепениот орган по жалбата.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека Агенцијата има законско овластување да одлучува по жалби и приговори како второстепен орган со што им е овозможено на државните службеници да го остварат уставно гарантираното право на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен.

Понатаму, согласно законот, Агенцијата ги пропишува правилата на работењето кога одлучува како второстепен орган, но само во техничка смисла имајќи ја предвид содржината на актот (Деловникот) што е донесен и според кој Агенцијата веќе работи, како и фактот дека постапката за решавање на второстепениот орган по жалба е утврден со Законот за општата управна постапка. Тоа значи дека оспорената одредба од Законот се однесува на правила на работењето а не на постапката за решавање на второстепениот орган по жалби и приговори на државните службеници.

Оттука Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 3 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државни службеници со Уставот поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.182/2001
27 и 28 февруари 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply