107/2001-0-0

У.бр.107/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 20 февруари 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКУНУВА Одлуката за измена и дополна на ДУП за МЗ “Гоце Делчев” Куманово ул.”Васко Карангелески” бр. 07 – 766/1 донесена од Советот на Општината Куманово на 30 март 2000 година.

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА решението со кое запира донесувањето односно извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени односно преземни врз основа на актот означен во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Слободан Крстевски, Благе Ристевски, Тихомир Цветановски, Кирил Анчевски и Цане Спасовски од Куманово со решение У.бр.107/2001 од 5 декември 2001 година поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

5. Судот на седницата утврди дека согласно членот 1 од Одлуката, се донесува измената и дополна на ДУП за МЗ “Гоце Делчев” Куманово – ул.”Васко Карангелески”. Членот 2 уредува дека составен дел на измената и дополна на планот е текстуалниот дел со одредба за реализација, графички дел во М = 1 : 1000 со следните фази: катен, висински и наменски план, инфраструктурен план, синтезна карта и извод од ГУП. Според членот 3, документацијата од членот 2 на Одлуката ја потпишува градоначалникот на Општина Куманово и началникот на Министерството за урбанизам и градежништво ПЕ Куманово со назначување на бројот и датумот на седницата на која е донесена и се заверува со печатот на градоначалникот. Заверената копија од документацијата останува во архивата на единицата на локалната самоуправа, а оригиналната документација се предава на реализирање во ПЕ на Министерството за урбанизам и градеж-ништво – Куманово. Согласно членот 4, Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Куманово”.

6. Со Законот за просторно и урбанистичко планирање се уредува, меѓу другото, изработувањето и постапката за донесување на плановите.

Согласно членот 2 од овој закон, просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.

Според членот 17 на овој Закон, плановите се изработуваат како нацрт и како предлог план, а по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета.

Јавната анкета, пак, се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета со образложение за неприфатените забелешки изработува општината (член 18).

Согласно член 20 од овој закон, измените и дополнувањата на плановите се вршат по иста постапка пропишана за нивно донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.

Според членот 22 став 6 и 7 од овој закон, урбанистичките планови можат да се спроведуваат по издавање на согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот. Плановите за кои не е издадена согласност, се сметаат дека не се донесени.

Во конкретниот случај според документацијата со која располага Судот произлегува дека има: Одлука за измена и дополна на ДУП за МЗ “Гоце Делчев” Куманово – ул.”Васко Карангелески”; согласност од Министерството за урбанизам и градежништво; заклучок на Советот на Општината Куманово за организирање на јавна анкета по Нацртот на измената и дополната на планот; соопштение од канцеларијата на главниот архитект на градот за времето и местото на изложувањето на нацртот на планот; извештај од јавната анкета по Нацртот на планот; стручно мислење од главниот архитект на град Куманово, известување за постапување по извештајот од јавна анкета, програми за изработка на урбанистички планови за град Куманово за 1998 и 1999 година, во кои е утврдено дека врз основа на поднесени барања, а по направени анализи, услови за покренување иницијатива за измена и дополна на ДУП има меѓу другите и МЗ “Гоце Делчев” ул. “Васко Карангелески” и е зацртана дека е потребата да се изврши финансирање од страна на Општината за измените и дополните на ДУП за МЗ “Гоце Делчев”; извештај од извршена стручна ревизија на планот, изготвен од Институтот за просторно планирање, урбанизам, сообраќај и екологија на Македонија “ИН ПУМА” – Скопје и Одговор на стручна ревизија од изготвувачот на планот претпријатието “Простор” ДОО Куманово.

Според приложената документација која претходела на донесувањето на оспорениот акт, произлегува дека недостасува одлука за пристапување кон изменување и дополнување на урбанистичкиот план и одлука за усвојување на нацртот на планот.

Со оглед на тоа што овие одлуки се дел од постапката за донесување на урбанистички планови и дека требало да бидат донесени, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 на оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.107/2001
20 февруари 2002 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply