Решение У.бр.156/2001

У.бр.156/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 февруари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 48 став 3 во делот: “на градоначалникот ќе му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго дело што го прави недостоен за вршење на функцијата градоначалник” од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр. 52/95 и 60/95).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 48 став 3 во делот: “на градоначалникот ќе му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго дело што го прави недостоен за вршење на функцијата градоначалник” од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не бил во согласност со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 104 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/02) со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр. 52/95 и 60/95). Имајќи предвид дека новиот Закон за локалната самоуправа влегол во сила на 5 февруари 2002 година, Законот во кој се оспорува дел од одредбата на член 48 став 3, престанал да важи.

Во постојниот Закон за локалната самоуправа, нема одредба со содржина каква што беше оспорената одредба со предметната иницијатива. За одбележување е дека во член 54 од овој закон, еден од условите за престанок на мандатот на градоначалникот е ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење над шест месеци, меѓутоа, таа одредба битно се разликува од оспорената, која престанала да важи.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорениот дел на одредбата престанал да важи, што значи, постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, согласно наведените одредби од Уставот и Деловникот на Уставниот суд, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.156/2001
13 февруари 2002 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply