Решение У.бр.242/2001

У.бр.242/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 6 февруари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 142 став 6 во деловите: “во кривичната пријава не се внесува содржината на изјавите што одделни граѓани ги дале при собирањето на известувањата” и “изјави” од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр. 15/97).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 142 став 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 142 ставовите 5 и 6 во деловите: “во кривичната пријава не се внесува содржината на изјавите што одделни граѓани ги дале при собирањето на известувањата” и “изјави” од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што известувањата односно изјавите содржани во оспорените одредби, не можеле да служат како извори на податоци за одредени факти кон кривичната пријава и затоа тие не можело ниту да се спомнуваат во Законот за кривичната постапка, како такви. Според подносителот на иницијативата оспорените одредби не биле во согласност со член 12 став 3 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 142 став 5 од Законот за кривичната постапка, Министерството за внатрешни работи, со дозвола на истражниот судија односно на претседателот на советот, може да собира известувања и од лица кои се наоѓаат во притвор, ако тоа е потребно заради откривање на други кривични дела на исто лице, на негови соучесници или кривични дела на други сторители. Овие известувања ќе се собираат во времето што ќе го определи истражниот судија и во негово присуство, или во присуство на лице кое ќе го определи истражниот судија односно претседателот на советот.

Според ставот 6 на овој член од Законот, врз основа на собраните сознанија, Министерството за внатрешни работи составува кривична пријава во која ги наведува доказите за кои узнал. Во кривичната пријава не се внесува содржината на изјавите што одделни граѓани ги дале при собирањето на известувањата. Кон кривични пријави се доставуваат и предмети, скици, фотографии, прибавени извештаи, списи за преземените мерки и дејствија, службени забелешки, изјави, и други материјали кои можат да бидат корисни за успешното водење на постапката. Ако органите за внатрешни работи по поднесувањето на кривичната пријава узнаат за нови факти, докази или траги на кривичното дело должни се да ги собират потребните известувања и извештајот за тоа, како дополнение на кривичната пријава, да го достават до јавниот обвинител.

5. Според член 12 став 3 од Уставот, лицето повикано, приведено или лишено од слобода мора веднаш да биде запознато со причините за неговото повикување, приведување или лишување од слобода и со неговите права утврдени со закон и од него не може да се бара изјава. Лицето има право на бранител во полициската и судската постапка.

Со Законот за кривичната постапка се утврдуваат правилата со кои се осигурува никој невин да не биде осуден, а на виновникот да му се изрече кривична санкција под условите што ги предвидува Кривичниот законик и врз основа на законито спроведената постапка. Со член 142 од овој закон, поместен во главата за кривичната пријава се определуваат обврските на Министерството за внатрешни работи во преткривичната постапка. Така, ако постојат основи за сомневање дека е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност, ова министерство е должно, меѓу другото, да собира известувања што би можеле да бидат од корист за успешното водење на кривичната постапка. Според став 6 од овој член на Законот, врз основа на собраните сознанија, Министерството за внатрешни работи составува кривична пријава во која ги наведува доказите за кои узнал. Со оспорениот дел од оваа одредба се упатува дека во кривичната пријава не се внесува содржината на изјавите што одделни граѓани ги дале при собирањето на известувањата.

Тргнувајќи од содржината на наведените одредби, според мислењето на Судот, со оспорениот дел од одредбата на член 142 став 6 од Законот, според која во кривичната пријава не се внесува содржината на изјавите што одделни граѓани ги дале при собирањето на известувањата, со ништо не се ограничува слободата на човекот загарантирана со член 12 од Уставот. Имено, собирањето на известувањата за сторено кривично дело и ред други активности што ги преземаат органите што учествуваат во кривичната постапка, се со цел за вистинито и наполно утврдување на фактите што се од важност за донесување на законита одлука, па во таа смисла и известувањата што ги собира Министерството за внатрешни работи во преткривичната постапка се од корист за успешно водење на кривичната постапка и тие не навлегуваат и со нив не се ограничуваат правата на лицето повикано, приведено или лишено од слобода да мора веднаш да биде запознато со причините за неговото повикување, приведување или лишување од слобода и со неговите права утврдени со закон и од него не може да се бара изјава.

Понатаму, уставната гаранција од лицето повикано, приведено или лишено од слобода да не може да се бара односно изнудува изјава, не значи забрана за собирање на известувања од граѓаните за сознанија по повод сторени кривични дела, меѓутоа, содржината на таквите сознанија односно известувања дадени доброволно од одделни граѓани, не се елемент на кривичната пријава, како што е определено во оспорената одредба. Напротив, доколку во кривичната пријава беше предвидено да се дава содржината на изјавите што одделни граѓани ги дале при собирањето на известувањата, ќе можеше да се постави прашањето што го дава подносителот на иницијативата.

Врз основа на наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел на одредбата на член 142 став 6 со член 12 став 3 од Уставот.

6. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по неа или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што во оспорената одредба на член 142 став 5 од Законот за кривичната постапка се оспорува дел кој не е содржина на одредбата, согласно наведените одредби од Уставот и Деловникот на Уставниот суд, Судот ја отфрли иницијативата во тој дел.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.242/2001
6 февруари 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply