Решение У.бр.206/2001

У.бр.206/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 декември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 18 став 2 точка 3 во делот “и единиците на Армијата на Република Македонија” од Законот за ветеринарно здравство (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/98).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Стамен Филипов од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение. Според иницијаторот, оспорениот член не бил во согласност со членовите 79 став 2 и 122 став 1 од Уставот поради тоа што Владата не командувала со Армијата туку со неа командувал Претседателот на Република Македонија и само тој можел да предложи, одобри и нареди учество на единиците на АРМ во вонредна состојба. Според него, уставната функција на АРМ била да го штити – брани територијалниот интегритет и независноста на Републиката, а не да учествува во вонредна состојба бидејќи за тоа постоеле други субјекти (цивилна заштита, МВР и др.).

3. Судот на седницата утврди дека според членот 18 став 1, при појава на големи природни непогоди или епидемии кои можат да предизвикаат заболување на поголем број животни, Владата на Република Македонија може за територијата на Република Македонија или нејзин дел да предложи прогласување на вонредна состојба.

Според оспорениот став 2 точка 3 од Законот, во предлогот од ставот 1 на овој член, Владата на Република Македонија предлага мерки кои се однесуваат на посебни задачи за ветеринарните друштва и други правни и физички лица за извршување на пропишаните мерки за здравствена заштита на животните, како и учество на органите за внатрешни работи, единиците на цивилната заштита и единиците на Армијата на Република Македонија.

4. Согласно членот 125 од Уставот, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Постоењето на вонредни состојби на територијата на Република Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници. Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена. Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Од оваа уставна одредба произлегува дека Владата е еден од субјектите (покрај претседателот на Републиката и најмалку 30 пратеници)кој може да му предложи на Собранието да донесе Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба. Вонредната состобја е временски ограничена на најмногу 30 дена што овозможува постојана контрола врз ситуацијата, а доколку има потреба од продолжување на времето на траењето на вонредната состојба задолжително се минува низ истата сложена процедура.

Најзначаен факт е што конечната одлука за потребата од прогласување на вонредна состојба ја носи Собранието на Република Македонија со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, освен во случај кога тоа не може да се состане па одлука за постоењето на вонредна состојба носи претседателот на Републиката.

Според теоријата, вонредна сотојба е таква состојба која битно отстапува од онаа состојба што е карактеристична за секојдневниот начин на живеење и работа на територијата на целата држава или на нејзин дел.

Оттука битно е прво да се согледаат односно да се утврдат причините кои наметнуваат воспоставување на вонредна состојба и да се предложат адекватни мерки за надминување на таа состојба.

Во конкретниот случај, вонредната состојба треба да се свати како фактичка состојба што може да настане при појава на големи природни непогоди или епидемии кои можат да предизвикаат заболување на поголем број животни.

Владата преку своите ресорни органи ја согледува фактичката положба на теренот и врз основа на прибраните сознанија му предлага на Собрнието да донесе одлука за прогласување на вонредна состојба на територијата на целата држава или на нејзин дел. При тоа, Владата предлага мерки кои треба да се преземат за брзо и ефикасно сузбивање на причините кои предизвикале вонредна состојба како и за ублажување на последиците.

Една од мерките што Владата може да ги предложи е и учеството на единиците на Армијата на Република Македонија.

Доколку државата се најде во вонредна состојба нормално е да се очекува Армијата да ја зголеми будноста, од причина што постоењето на вонредната состојба може да биде искористена од некој потенцијален агресор. Меѓутоа, како активен учесник Армијата може да се појави сао заради помош при отстранување на последиците од вонредната состојба и тоа во разни хумани акции на спасување, давање стручна и техничка помош и слично, но не како носител на вооружена сила.

Од наведеното произлегува дека оспорениот член од Законот за ветеринарно здравство воопшто не наведува дека Владата може да командува со Армијата, туку дека Владата само предлага учество на единиците на Армијата во вонредна состојба, додека, пак, согласно член 40 став 2 од Законот за одбрана, наредба за учество на Армијата во отстранувањето на последиците од вонредна состојба донесува претседателот на Републиката.

Според тоа, Судот оцени дека неможе да се постави прашањето за согласноста на членот 18 став 2 точка 3 во делот “и единиците на Армијата на Република Македонија” со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.206/2001
26 декември 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply