Решение У.бр.14/2001

У.бр.14/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 декември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 56 став 1 точка 3 од Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/2000 и 34/2000).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста:

а) на член 32 став 3 од Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на РМ” бр.25/2000 и 34/2000) и

б) законитоста на Одлуката за висината на учеството на осигурените лица во цените на здравствените услуги (“Службен весник на РМ” бр.1/2001).

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што со оспорените законски одредби а особено со оспорената одлука се повредуваат уставните одредби од член 1 став 1, член 8 став 1 алинеја 8, член 9, член 34, член 35 став 1 и член 39 од Уставот на Република Македонија, и тоа исклучиво на штета на граѓаните и нивната целосна и бесплатна здравствена заштита, социјална правда, солидарноста и потполната еднаквост во остварувањето на уставните права.

4. Судот на седницата утврди дека во член 56 став 1 точка 3 од Законот во делокругот на работи што ги врши управниот одбор на фондот е предвидено дека тој ги донесува општите акти предвидени со овој закон”.

Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 39 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

Имајќи ги предвид уставните одредби од член 34 и 39 од Уставот на Република Македонија, целината на Законот за здравствено осигурување со кој е основан фондот за здравствено осигурување за спроведување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување, Судот оцени дека даденото законско овластување на Управниот одбор на фондот да донесува општи акти предвидени со Законот за здравствено осигурување се во насока на остварување на правата на граѓаните определени со закон. При тоа со општите акти не можат да се востановуваат права и обврски за осигуреници надвор од законот, односно со општи акти треба да се разработат утврдени права и обврски, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Судот утврди дека во член 32 е предвидено дека осигурените лица учествуваат со лични средства при користење на здравствените услуги и лекови, но најмногу до 20% од просечниот износ на вкупните трошоци на здравствената услуга односно лековите.

За здравствените услуги за одобрено лекување во странство, осигуреното лице учествува со 20% од вкупните трошоци.

Во оспорениот став 3 на овој член е предвидено дека “висината на учеството од став 1 на овој член во фиксен износ, обратно пропорционално од цените на услугите ја утврдува фондот со опшпт акт на кој министерот за здравство дава согласност.

Понатаму, Судот утврди дека Уставниот суд на Република Македонија по предметот У.бр.37/2001 од 25 април 2001 не повел постапка за оценување уставноста на член 32 став 3 од Законот за здравственото осигурување. Во образложението на решението се наведува дека од Законот за здравствено осигурување произлегува овластување на фондот поблиску да ги разработи правата утврдени со закон и тоа да го направи во рамките определени со Законот, како и да го определи начинот на остварувањето на законските права, со што всушност фондот е во функција на остварување на законските права, а не произлегува овластување на Фондот да пропишува права кои не се предвидени во законот, што не е во несогласност со член 34 од Уставот.

Со оглед на тоа што оспорениот член 32 став 3 од Законот за здравствено осигурување бил предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија и судот не повел постапка за оценување на неговата уставност, а по повод на новата иницијатива не наоѓа основ за поинакво одлучување, се одлучи како во точката 2-а од ова решение.

6. Судот исто така утврди дека основ за донесување на оспорената одлука бил член 32 од Законот. Во оваа одлука е утврдена висината на учеството на осигурените лица со лични средства при користењето на здравствени услуги и лековите” (член 1). Во членовите 2 и 3 се определувала висината на учеството, а во член 5 став 1 се уредува ослободувањето од плаќањето на учеството.

Понатаму Судот утврди дека по предметот У.бр.74/2001 Уставниот суд на Република Македонија со решение од 21 ноември 2001 година ја отфрли иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за висината на учество на осигурените лица во цените на здравствените услуги, донесени од Управниот одбор, со оглед на тоа што таа престанала да важи.

Со оглед на тоа што оспорената одлука престанала да важи, Судот оцени дека нема процесни претпоставки за постапување по иницијативата и одлучи како во точката 2-б од ова решение.

7. Ова решение под точката 1 Судот го донесе со мнозинство гласови, а под точката 2 едногласно во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.14/2001
26 декември 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply