Одлука У.бр.185/2001

У.бр.185/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 декември 2001 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 146 став 2 во делот “и ако сторил кривично дело во врска со вршењето високообразовна дејност” од Законот за високото образование (“Службен весник на РМ” бр.64/2000).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје поведе постапка за оценување уставност а на член 146 став 2 во делот “и ако сторил кривично дело во врска со вршењето високообразовна дејност” од Законот за високото образование (“Службен весник на РМ” бр.64/2000).

Според наводите во иницијативата оспорениот дел на член 146 став 2 од Законот не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 1 и 3, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 32 став 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот, затоа што во конкретниов случај со оспорениот дел ограничувањето на правото на работа на осудуваните за кривично дело во врска со вршењето високообразовна дејност, настапува автоматски како правна последица од осудата по сила на законот, а не како конкретна казна (забрана) што ја изрекува судот во рамките на видовите на казни односно санкции, што не било во согласност со наведените уставни одредби.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот став 2 на член 146 е предвидено дека “На лицето избрано во наставно-научно, наставно и соработничко звање може да му престане работниот однос и пред истекот на времето за кое е избрано под условите и постапката уредени со статутот, ако се утврди дека подолго време не ги исполнува обврските од ставот 1 на овој член, ако ги попречува законските и статутарните активности на високообразовната установа или ги попречува другите членови во остварувањето на нивните права и извршувањето на должностите на високообразвоната установа ако престанале да постојат основните услови врз основа на кои е извршен изборот и ако сторил кривично дело во врска со вршењето високообразовна дејност.

5. Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а согласно член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Согласно член 32 став 1 и 2 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување и достапност на секое работно место под еднакви услови.

6. Тргнувајќи од изнесеното при оценување на уставноста на оспорената одредба, Судот оцени дека како превенствен критериум на уставноста треба да се одредбите од член 13 и 14 на Уставот кои, меѓу другото, утврдуваат два принципи на казнено-правниот однос, а тоа се, прво, дека за извршеното казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис и второ, дека казната може да се изрече само со судска одлука. Тоа, значи дека казнено правниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот, согласно член 54 став 1 од Уставот.

7. Со оглед на тоа што во конкретниов случај со оспорената одредба по сила на законот, а не како казна (забрана) што ја изрекува судот во рамки на видовите на кривичните санкции, без да се наведат кривичните дела против службената должност за кои лицето е обвинето и му е изречена мерка забрана за вршење на дејност или дејности на лицето му престанува работниот однос Судот оцени дека оспорениот член 146 став 2 од Законот не е во согласност со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.185/2001
26 декември 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply