Решение У.бр.55/2001

У.бр.55/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 ноември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 123-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 14/95).

2. Не се уважува барањето за донесување решение со кое Судот, до донесување на конечна одлука, ќе ги запре од извршување поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот член од Законот.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Едновремено, поднесе барање Судот, до донесување на конечна одлука, да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената одредба од законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од Законот се повредувал членот 9 од Уставот според кој граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичко и верско уверување и имотната и општествената положба, а исто така им се одземало и веќе стекнатото право на задолжително пензиско и инвалидско осигурување.

Подносителот на иницијативата се повикува и на членот 34 од Уставот според кој граѓаните имаат право и на социјална сигурност и социјално осигурување, утврдени со закон и со колективен договор, како и на членот 35 став 1 од Уставот според кој Републиката се грижи за социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелата на социјална праведност.

Имено, подносителот на иницијативата смета дека платениот придонес за пензиско и инвалидско осигурување не треба да биде услов за признавањето на стажот на осигурување на осигуреникот.

4. Судот на седницата утврди дека согласно членот 123-а од Законот, во стаж на осигурување се смета времето поминато во задолжително осигурување под услов да е платен придонесот за пензиско и инвалидско осигурување.

5. Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Исто така, согласно членот 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор.

Членот 1 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување го уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капитално финансирано пензиско осигурување како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Согласно член 3 од овој закон со задолжително пензиско и инвалидско осигурување по основ на работа, а врз основа на начелата на социјална праведност се остварува право во случај на старост, намалување или губење на работната способност, смрт, телесно оштетување и потреба од помош и нега.

Согласно член 4 од Законот правата од пензиско и инвалидско осигурување се стекнуваат и остваруваат во зависност од должината и обемот на вложувањето на средства за пензиско и инвалидско осигурување под услови утврдени со овој закон.

Според членот 11 од Законот како осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување, меѓу другите, се сметаат работниците во работен однос во претрпијатие и друго правно лице кое врши стопанска дејност, установа, друго правно лице кое врши дејност на јавна служба, државен орган и орган на единиците на локалната самоуправа и домашно и странско физичко и правно лице (работодавец).

Согласно членот 117 од Законот во пензиски стаж во смисла на овој закон врз основа на кој се здобиваат и остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување се смета 1) времето поминато во осигурување кое според овој закон се смета во стаж на осигурување и 2) времето поминато во осигурување до денот на почетокот на примената на овој закон што според прописите што важеле до тој ден, се утврдува во пензиски стаж.

Согласно членот 118 од Законот во стаж на осигурување се смета и времето што осигуреникот го поминал во работен однос, односно врз основа на работа на која бил задолжително осигуран.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека:

– Уставот упатува остварувањето на правата на вработените од работен однос да се уредува со закон и колективен договор.

Еден од тие леџ специалис е Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Овој закон го уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од овој вид осигурување.

Законот не го исклучува ни начелото на социјална праведност определувајќи ги случаите кога тоа може да се применува (старост, намалена работна способност и сл.).

Законот го уредува и прашањето за правата од пензиското и инвалидското осигурување кои ги условува со должината и обемот на вложувањето на средствата за овој вид осигурување.

Во тој контекст, одредбата од членот 117 од Законот го дефинира пензискиот стаж кој во себе опфаќа два елементи: стажот на осигурување (за кој задолжително се плаќа придонес) и пензискиот стаж во кој, според поранешните прописи, се утврдува времето поминато во осигурување до денот на почетокот на примената на овој закон.

Имено, оваа одредба се однесува на стажот на осигурување на борците од НОВ за кои, за тој период, не се плаќал придонес за пензиско и инвалидско осигурување, за членовите на СРЗ (Селските работни задруги) за кои, исто така, не се плаќал придонес за пензиско и инвалидско осигурување и кои добиваа само решенија за работен стаж, кој подоцна се трансформираше во стаж на осигурување за исполнување услови за остварување правото на пензија. Во оваа категорија спаѓаат и осигурениците од ЈНА. Со други зборови, со одредбата на членот 117 точка 2 Законот, всушност има цел да го обезбеди овој вид осигуреници кои се уште ги има.

Инаку, што се однесува до наводите во иницијативата според кои со ваквата формулација на оспорениот член од Законот, се губеле веќе стекнатите права во смисла дека со самото вработување осигуреникот се стекнал со правото на задолжително осигурување, Судот оцени дека истите се неосновани од веќе изнесените причини.

Исто така, според Судот, не држат наводите во иницијативата дека покрај погоре наведената, еден вид, привилегирана категорија на осигуреници (се мисли на член 117 точка 2) во истата треба да се вклучат сите осигуреници без исклучок, односно дека условот плаќање на придонес за пензиско и инвалидско осигурување да не биде одлучувачки за стекнување на правата на осигурениците од пензиското и инвалидското осигурување.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека, не постои уставен основ во остварувањето на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување, загарантирани со Уставот, осигурениците да можат да остваруваат права врз основа на задолжителното осигурување без, притоа, да плаѓаат придонес за пензиското и инвалидското осигурување.

Уште помалку како основ може да послужат одредбите од членовите 34 и 35 од Уставот според кои граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а Републиката се грижи за социјалната сигурност на граѓаните, им гарантира помош на немоќните и неспособните за работа и им обезбедува заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Тоа, пак, што во практиката постојат случаи кога работодавецот не го исплаќа придонесот на работникот, по основ на задолжително осигурување, според Судот, е фактичко прашање за чие решавање тој не е надлежен.

6. Што се однесува до барањето, до донесување на конечна одлука, Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на овој закон, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на овој Суд за изрекување на ваква мерка.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.55/2001
28 ноември 2001 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply