Решение У.бр.154/2001

У.бр.154/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” 6р.70/92), на седницата одржана на 28 ноември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 5 во делот “а ќе се применува од 1 јули 2001 година” од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност (“Службен весник на РМ” бр.50/01).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот во целина, означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниотсуд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што истиот не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, 51 и 52 од Уставот, бидејќи во член 5 од Законот било предвидено овој закон да се применува од 1 јули 2001 година, а со оглед дека истиот бил објавен во “Службен весник на РМ” бр.50/2001 од 2 јули 2001 година значело дека оспорениот закон се применувал, односно влегол во сила пред неговото објавување,што било во спротивност со член 52 од Уставот.

При тоа, за одбележување е дека подносителот Законот не го оспорува поради неговото повратно дејство.

4. Судот на седницата утврди дека оспорениот закон има пет члена, со тоа што во член 1 до член 4 се извршени изменувања и дополнувања на одредбите од истоимениот закон (“Службен весник на РМ” 6р.37/97, 25/2000 и 101/2000) што се однесуваат на наплатата на придонесот за вработување и висината на паричните казни за прекршоците предвидени со тој закон. Во членот 5, кој е и последен, предвидено е дека овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на РМ”, а ќе се применува од 1 јули 2001 година.

5. Во член 52 од Уставот утврдено е дека законите и другите прописи пред да влезат во сила се објавуваат во “Службен весник на РМ” најдоцна во рок од седум дена од нивното донесување, а влегуваат во сила најдоцна осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.

Исто така, во овој член од Уставот утврдено е дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните. Од наведените уставни одредби произлегува дека законите мора најнапред да се објават за да влезат во сила и дека не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок кога тоа е поповолно за граѓаните.

Имајќи ги во предвид наведените уставни одредби, како и делот на одредбата на членот 5 од Законот, според кој овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, Судот утврди дека со ваквата одредба од Законот не е повредено уставното начело за влегување во сила на законите утврдени во член 52 став 1 и 3 од Уставот, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорениот Закон во целина со Уставот.

Меѓутоа, иако во конкретниот случај формално правно е запазен принципот за објавување на законите пред нивното влегување во сила, сепак со самото предвидување дека оспорениот закон ќе се применува од 1 јули 2001 година и со оглед на фактот што истиот е објавен на 2 јули 2001 година, (поради кои факти и се оспорува неговата уставност), произлегува дека е создадена правна ситуација односно можност овој закон да се применува и наназад, пред неговото објавувње, односно влегување во сила, што, од друга страна, истовремено би значело и негово повратно дејство. Според тоа, наведената правна и фактичка состојба принципиелно го наметнува прашањето и за повратното дејство на оспорениот закон, независно што во иницијативата директно не се оспорува од овој аспект.

Оттука, разгледувајќи го оспорениот закон и од аспект на неговото повратно дејство, а при тоа имајќи го предвид ставот 4 на член 52 од Уставот, според кој законите само по исклучок, и тоа во случаите кога тоа е поповолно за граѓаните, можат да имаат повратно дејство, како и содржината на Законот, Судот утврди дека решенијата во кои се утврдуваат повисоки казни за прекршоците утврдени со овој закон, се понеповолни од претходните за субјектите (работодавеците и одговорното лице во Заводот за вработување) на кои се однесуваат казнените одредби.

Со оглед на тоа, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на членот 5 во делот “а ќе се применува од 1 јули 2001 година” од Законот со начелото за забрана на повратното дејство на законите утврдено во член 52 став 4 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение во точката 1 Судот го донесе со мнозинство гласови, а во точката 2 едногласно во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.154/2001
28 ноември 2001 година
С ко п ј е

Leave a Reply