Решение У.бр.148/2001, У.бр.153/2001 и У.бр.173/2001

У.бр.148/2001, У.бр.153/2001 У.бр.173/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 31 октомври 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРААТ од извршување дејствијата што ќе се преземаат врз основа на Одлуката за условите и начинот за сервисирање на солидарниот фонд на корисниците на пензија бр.02-3690/1 донесена од Управниот одбор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на 13 јули 2001 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, повеќе здруженија на пензионери, здруженија на инвалидите на трудот, како и повеќе пензионери поединечно, му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативите се наведува дека солидарните фондови на здруженијата на пензионерите се основани пред повеќе од осум години од причина што поради економските проблеми во Републиката се поголем број семејства се соочувале со недостиг на средства за пристоен погреб на починатите пензионери. Целта на основањето на овие фондови била, врз принципите на солидарност и заемност, да се обезбедат лични средства за погребни трошоци преку издвојување на дел од своите пензии за таа намена. Битно е што пензионерите доброволно издвојуваат средства и дека секој пензионер во секој момент може да побара да не му се задржува дел од пензијата за погребни трошоци.

При тоа, било договорено стручната служба на фондот за пензиско и инвалидско осигурување при исплатата на пензиите да задржува дел од пензиите за погребни трошоци и за членарина и тие средства да ги уплатува на сметките на здруженијата на пензионерите односно на нивните солидарни фондови.

Здруженијата на пензионерите пак, исплатата на средстава за погребни трошоци ја вршат непосредно, освен оние здруженија кои исплатата ја вршат преку АДОР “Македонија”.

Во иницијативите се наведува дека фондот на ПИОМ немал уставно или законско овластување со свој акт да ги уредува прашањата во врска со управувањето и користењето на солидарните средства за погребни трошоци од причина што тие средства се во лична сопственост на пензионерите и поради тоа со нив можат да управуваат и за нивното користење да одлучуваат само прензионерите.

Во таа смисла се оспорува основот на оспорената одлука на Фондот, бидејќи фондот може да донесува акти само за прашања од пензиското и инвалидското осигурување што изречно се ставени во негова надлежност.

Понатаму во иницијативите се наведува дека од содржината на членовите 3, 4, 5, 6 и 7 видно било дека намерата на Управниот одбор на фондот била да го преземе управувањето и располагањето со солидарните средства кои се во лична сопственост на пензионерите. Востанувањето на координативно тело кое ќе врши надзор и контрола, составено од 5 члена и нивни заменици од кои освен по еден претставник на асоцијациите на корисниците на пензија ќе има и по еден претставник на Министерството за труд и социјална политика и на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, наведува дека станува збор за државни или општествени средства.

Во иницијативите се укажува дека со оспорената Одлука на фондот не се уредени повеќе прашања од значење за функционирањето на солидарните фондови како на пример стекнувањето и губењето на правото на погребни трошоци, повторно зачленување во солидарниот фонд, членување на пензионери кои оствариле странска пензија, а придонесот го плаќаат лично на благајните на здруженијата, правото на погребни трошоци на брачните другари кои не се пензионери, исплатата на погребни трошоци при сменување на местото на живеење и др.

Од сите наведени причини, иницијаторите сметаат дека оспорената Одлука на фондот не е во согласност со членовите 8 став 1 алинеи 3, 6 и 8, 52 и 58 од Уставот, член 61 од Законот за здруженијата на граѓани и фондации и членовите 160 и 163 од Законот за пензиското и инвалидско осигурување.

На крајот во повеќето иницијативи се предлага Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на дејствијата предвидени со Одлуката, до конечната одлука на Судот поради тоа што можат да настанат тешко отстранливи последици со почетокот на нејзината примена од 1 ноември 2001 година.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена од Управниот одбор на Фондот за ПИО врз основа на член 163 став 1 точка 1 од ЗПИО на 13 јуни 2001 година. Согласно член 1 од оспорената одлука се уредуваат условите и начинот на сервисирање на солидарниот фонд на корисниците на пензија од страна на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија. Според членот 2 од Одлуката, во услови на постоење на солидарен фонд основан од асоцијациите на корисниците на пензија, асоцијациите на инвалидите на трудот, асоцијациите на корисниците на инвалидска пензија и други асоцијации на ниво на општини, фондот сервисирањето ќе го врши на единствен начин. Членот 3 од Одлуката уредува дека Фондот при исплатата на пензија од секој корисник ќе врши задршка на единствен износ наменет за исплата на погребните трошоци што ќе се утврди во одлуките донесени од асоцијациите на корисниците на пензија од член 2 на оваа одлука, а во соработка со Координативното тело од член 5 на оваа одлука. Доколку корисникот на пензија не е согласен да му се врши задршка од пензијата за тоа писмено ќе го извести Фондот. Новите корисници на пензија согласноста за задршката од пензијата по писмен пат ќе ја дадат при поднесувањето на барањето за остварување право на пензија.

Согласно членот 4 од Одлуката, собраните средства ќе се уплатуваат на посебна сметка одвоена од редовното финансиско рботење на Фондот со назнака “Средства за солидарен фонд на корисниците на пензија”. Средствата од став 1 на овој член преку акредитиви ќе бидат дозначувани до подрачните единици на Стручната служба на Фондот преку кои ќе се врши исплатата на погребните трошоци.

Според членот 5 од Одлуката, за собраните и исплатените средства од солидарниот фонд и за други прашања во врска со сервисирањето на солидарниот фонд, се врши надзор и контрола од посебно координативно тело, составено од 5 члена и нивни заменици, односно по еден претставник од асоцијациите на корисниците на пензија, МТСП и Фондот.

Членот 6 од Одлуката уредува дека дозначените, а неискористени средства за исплата на погребните трошоци за корисниците на пензија на денот на почетокот на примената на оваа Одлука, асоцијациите на корисниците на пензија, ќе ги повратат на посебната сметка. Неизвршени обврски за исплата на погребните трошоци настанати пред примената на оваа Одлука ќе ги исплатат подрачните единици од средствата за солидарниот фонд на корисниците на пензија, со исклучок на обврските настанти спрема брачните другари на корисниците на пензија.

Според членот 7 од Одлуката, до донесување на одлуки за единствен износ на задршка од пензијата за солидарен фонд и до истекот на крајниот рок на склучени договори на асоцијациите на корисниците на пензија со осигурителните компании, Фондот задршкатаа ќе ја врши спроед постојните одлуки и склучените договори.

Според членот 8 од Одлуката, работите во врска со задршките од пензиите на име членарина ќе ги сервисира Фондот под услови и начин што ќе се утврдат со договор со асоцијациите на корисниците на пензија.

Со членот 9 од Одлуката се овластува директорот на Фондот, да донесе упатство со кое ќе ги уреди сите конкретни прашања во врска со сервисирањето на Солидарниот фонд. Според член 10 од Одлуката, оваа Одлука стапува во сила по нејзиното донесување, а ќе се применува од 1.11.2001 година.

4. Уставниот суд, врз основа на подготвениот реферат и расправата на седницата по предметот заклучи Судот да одржи подготвителна седница заради разјаснување на фактичката и правната состојба по предметот.

Меѓутоа, со оглед на тоа што со стапувањето во сила и примената на оспорената Одлука од 01.11.2001 година, можат да настапат тешко отстранливи последици, Судот одлучи до донесувањето на конечната одлука да ги запре од извршување дејствијата што ќе се преземат врз основа на Одлуката на Фондот.

Имено, со оспорената Одлука се менува режимот на исплата на средствата за погребни трошоци на семејствата на починатите пензионери, односно Фондот за пензиско и инвалидско осигурување според оваа Одлука врши комплетно сервисирање на овие средства. Притоа, може да настанат одредени последици околу исплаќњето на средствата што се сеуште на сметките на здруженијата и исплаќањето на средствата што ќе го врши Фондот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.148/2001
У.бр.153/2001
У.бр.173/2001
31 октомври 2001 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply