Решение У.бр.44/2001

У.бр.44/2001-2

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 47 и 71 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 31 октомври 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување законитоста на членовите 2 и 3 од Одлуката за остварување право на плата по престанок на функцијата бр.0701-83/1 0д 18.12.2000 година, донесена од Советот на Општина Пехчево.

2. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесената иницијатива од Владата на Република Македонија, со решение У.бр.44/2001 година од 4 јули 2001 година, поведе постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, во целина, од причини што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за платите и другите надоместоци на пратениците на Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Република Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.36/90, 38/91 и 23/97).

3. На седницата Судот утврди дека во членот 2 од Одлуката е наведено дека на Ванчо Мустачки избран за градоначалник на општина Пехчево, по негово барање му се одобрува правото на личен доход (апанажа) по престанокот на функцијата, а во членот 3 е наведено дека Одлуката е на сила од денот на објавувањето во Службен гласник на Општина Пехчево.

4. Од содржината на одредбите означени во точката 1 од ова решение, Судот оцени дека истите немаат генерален карактер и дека не уредуваат прашања на општ начин. Имено, според мислењето на Судот, членот 2 од Одлуката уредува одредено право (право на личен доход – апанажа) на определено индивидуално лице, поранешен градоначалник на Општина Пехчево. Одредбата од членот 3 на Одлуката го уредува прашањето на нејзиното стапување во сила.

5. Со оглед на тоа што одредбите означени во точката 1 од ова решение уредуваат прашања од поединечен, индивидуален карактер за кои Судот не е надлежен да одлучува, Судот оцени дека се исполнети условите за запирање на постапката и одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.44/2001
31 октомври 2001 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply