129/2001-0-0

129/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 септември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Урбанистичкиот план на град Штип, донесена од Советот на Општината Штип на 16 јануари 1998 година, под бр.8736.

2. Никола Митевски од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што оспорената одлука не била донесена во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

3. Судот на седницата, врз основа на писмо бр.07-1128/2 од 23 јули 2001 година и писмо бр.07-1128/3 од 4 септември 2001 година од Советот на Општината Штип, утврди дека Советот на Општината Штип нема донесено акт, како што е наведено во иницијативата.

4. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по неа.

Со оглед на тоа што според известувањето на Советот на Општината Штип бр.07-1128/3 од 4 септември 2001 година, не е донесен акт како што се наведува во иницијативата, што значи таков акт не постои, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов, судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.129/2001
19 септември 2001 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply