11/2001-0-0

11/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 септември 2001 година, ја донесе следнава

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за преземање на вршење на комуналните дејности во општините Македонски Брод, Самоков и Пласница, донесена од Владата на Република Македонија на седницата одржана на 26 декември 2000 година (“Службен весник на Република Македонија” бр. 112/2000).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, постапувајќи по иницијативата на градоначалникот на општината Македонски Брод, Советот на општината Македонски Брод и Илија Јакимовски од Македонски Брод, со Решение У.бр.20/2001 поведе постапка за оценување на уставноста на одлуката означена во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека согласно членот 1 од Одлуката Владата на Република Македонија ја презема грижата за вршење на комуналните дејности:

– 100310 – производство и дистрибуција на вода,
– 100320 – пречистување и одведување на отпадни води,
– 100352 – изнесување, депонирање и преработка на отпадоци.

Согласно членот 2 од Одлуката, со нејзиното донесу-вање, Владата на Република Македонија ќе преземе активности за изменување и разрешување на органите на управување и раково-дење на Јавното претпријатие “Комуналец” – Македонски Брод.

Според членот 3 од Одлуката, комуналните дејности од член 1 на оваа одлука, Владата на Република Македонија ќе ги врши на товар на средствата на Буџетот на општините Македонски Брод, Самоков и Пласница.
Со членот 4 од Одлуката, кој воедно е и последен, се предвидува Одлуката да влезе во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

5. Согласно член 115 од Уставот на Република Македонија, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

Согласно член 8 став 1 алинеја 9 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок е и локалната самоуправа.

Имајќи ги предвид овие одредби од Уставот, Судот оцени дека Владата на Република Македонија, со оспорената одлука всушност непосредно го презела управувањето со јавните претпри-јатија што ги основала општината, со што ја довела во прашање нејзината самостојност во поглед на организирањето на дејностите што спаѓаат во нејзината изворна надлежност.

Со други зборови, правото на надзор над законитоста на работењето на општината, што според Уставот го има Републиката, не може во себе да го опфати и преземањето на функциите на општината од страна на државните органи и претпријатијата што таа ги формирала, независно од причините поради кои таквите овластувања се предвидуваат во законите.

Од тие причини Судот оцени дека Владата со преземањето на вршењето на комуналните дејности во општините Македонски Брод, Самоков и Пласница, ги пречекорила уставните овластувања, поради што утврди дека оспорената одлука е несогласна со Уставот на Република Македонија.

Со оглед на тоа што одредбата од член 10 од Законот за уредување на односите меѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произле-гуваат и членот 40 од Законот за комунална дејност се укинати, Судот исто така утврди дека и од тој аспект отпаднал основот за егзистирање на оспорената одлука од правниот поредок.

Исто така, согласно член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Во конкретниов случај, оспорената одлука содржи одредба истата да влезе во сила со денот на донесувањето, а да се објави во “Службен весник на РМ”, поради што Судот утврди дека е несогласна и со Уставот на Република Македонија

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.11/2001
12 септември 2001 година
С к о п ј е
л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply