53/2001-0-0

53/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 септември 2001 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 79 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри (“Службен весник на Република Македонија” бр. 10/97, 54/97 и 13/2001).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Трговското друштво “Лаки 7” – Рафет, Киро и други Д.О.О. експорт-импорт од Скопје, застапувано од Драган Поповски, адвокат од Скопје, и Димитар Савовски, адвокат од Скопје, со Решение У. бр. 53/2001 од 27 јуни 2001 година, поведе постапка за оценување уставноста на член 79 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за согласноста на таа одредба од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 79 став 1 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри (член 61 од измените на Законот), приредувачите на посебни игри на среќа и на забавните игри плаќаат и надоместок во месечен износ, а според став 2 од овој член месечниот паушален износ во одделни видови на игри што се приредуваат на маса, автомати и апарати ќе изнесува:

– за рулет маса во играчница 1.750 евра;
– за други маси во играчница 1.000 евра;
– за автомат за игри на среќа на кој може да учествува само еден играч 220 евра;
– за автомат за игри на среќа на кој истовремено можат да учествуваат повеќе играчи 400 евра и
– за апарат за забава 15 евра.

Според став 3 од овој член од Законот, месечниот паушален износ од став 2 на овој член се плаќа во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија што се применува на денот на уплата, а според став 4 од овој член, платените износи се признаваат како расход.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со Законот за игрите на среќа и за забавните игри, донесен во 1997 година и изменуван и дополнуван во 1997 и 2001 година, се уредуваат видовите, условите, организацијата и начинот на приредување игри на среќа и забавни игри во Република Македонија. Меѓу другото, со овој закон се уредува дека игри на среќа се игрите во кои учествуваат поголем број лица и во кои на учесниците покрај забава им се дава можност да остварат добивка во пари, предмети или права, при што крајниот резултат на играта не зависи од знаењето и од умешноста на учесниците во играта (член 2 став 1 од Законот), дека игрите на среќа и забавните игри се организираат заради забава на учесниците во играта, како и за стекнување средства што се проход на Буџетот кои се користат и за финансирање на одредени годишни програми и задачи на здруженија на граѓани (член 4 став 1 и 2 од Законот), дека приредувањето на игри на среќа е право на Република Македонија, а освен правото кое ќе го задржи за себе, Републиката може да го пренесе на други приредувачи на игри на среќа (член 7 од Законот) и дека за приредување на игрите на среќа на приредувачот му се издава лиценца односно одобрение кои се непреносливи (член 8 од Законот). Понатаму, се уредува дека лиценците врз основа на јавен оглас ги издава Владата по предлог на министерот за финансии, за истите се плаќа надоместок и тие ги содржат правата и обврските на приредувачот на игрите на среќа. Лиценцата, според член 24 став 2 и 3 од Законот, се дава за временски период до шест години, а може да се откаже во отказен рок од шест месеци, без право на враќање на уплатениот надоместок за лиценцата.

Од наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека е уставно право на законодавецот со закон да ги утврдува даноците и другите јавни давачки, дека ова уставно право не е ограничено ниту во поглед на предметот на оданочување, ниту во поглед на субјектите и дека во рамките на остварувањето на ова право со закон може да се воведе одделен вид данок, да се утврди предметот на оданочување, даночните обврзници, даночната основица и даночните стапки, да се утврди начинот и постапката на пресметување и наплатување на данокот, вклучувајќи ги и ослободувањата и другите погодности, административните обврски на даночните обврзници, присилната наплата и друго. Во тие рамки, со закон можат да се утврдат различни видови даноци и да се утврдуваат различни начини на нивно пресметување и наплатување во зависност од природата и карактерот на фактичките и правните ситуации и состојби што претставуваат основа за плаќање на данокот. Така, обврзниците за плаќање на различни даноци со оглед на различната природа на даноците што ги плаќаат се наоѓаат во различна положба, а уставното начело на еднаквост не обврзува во иста положба да се наоѓаат обврзниците на различни даноци туку само обврзниците на еден ист вид данок.

Во конкретниот случај, според мислењето на Судот, приредувачите на посебни игри на среќа и на забавните игри, покрај плаќањето на лиценца и на посебна давачка во висина од 15% за секоја игра одделно, со оспорената одредба од Законот, се задолжуваат да плаќаат и надоместок во месечен износ за одделни видови на игри (месечен паушал) што претставува двојно оданочување. Имено, законодавецот со член 79 од Законот ја утврдил обврската за плаќање на надоместокот одредувајќи ја и неговата висина, која со член 61 од измените на Законот ја зголемува, притоа не е определена неговата природа, ниту, пак, е утврдена услугата за која се плаќа надоместокот, што води до заклучок дека месечениот паушал како надоместок, законодавецот го третира како данок. Тргнувајќи од тоа, а имајќи предвид дека обврската востановена со член 79-а односно член 62 од измените на Законот како посебна давачка во висина од 15%, претставува данок, тогаш, очигледно приредувачите на посебните игри на среќа по ист основ двојно се однаочуваат.

Врз основа на наведеното, според мислењето на Судот, со член 79 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри се востановува обврска за двојно оданочување со што се повредува принципот на владеење на правото, поради што Судот оцени дека таа одредба од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.53/2001
12 септември 2001 година
С к о п ј е
сгј

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply