69/2001-0-0

69/2001-0-0

Вовед

Судија

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за времено запирање на вработувањата кај корисниците и единките корисници на средствата од Буџетот на Република Македонија, локалната самоуправа, јавните установи и јавните претпријатија, донесена од Владата на Република Македонија на 17 октомври 2000 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, постапувајќи по иницијативата на градоначалникот на општина Неготино, Јавното претпријатие “Пазаришта” – Куманово, Јавното претпријатие “Водовод” – Куманово и Јавното претпријатие “Чистота и зеленило”-Куманово, Народниот правобранител на Република Македонија, Заедницата за комунални претпријатија на Република Македонија “МАККОМ”-Скопје и Панче Докузов-адвокат од Штип, со решение У.бр.20/2001 и У.бр.69/2001 од 13 јуни 2001 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.

4. Судот на седницата утврди дека согласно членот 1 од Одлуката времено се запираат нови вработувања, како и пополнување на упразенти работни места кај корисниците и единките корисници на средствата од Буџетот на Република Македонија, во локалната самоуправа, во јавните установи и во јавните претпријатија, сметано од денот на донесувањето на оваа одлука до воведувањето на трезорски систем и негова имплементација.

Согласно членот 2 од Одлуката, по исклучок од член 1 на оваа одлука, во случај на оправдани, итни и неодложни потреби кај субјектите од член 1 од Одлуката, може да се врши вработување само врз основа на претходна писмена согласност од Владата на Република Македонија – Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија.

За новите вработувања, односно за пополнување на упразнетите работни места кај корисниците и единките корисници на средства од Буџетот, пред да се побара согласност од став 1 на овој член, потребно е да се обезбеди позитивно мислење од Министерството за финансии, за обезбедени финансиски средства.

Барањата за нови вработувања, како и за пополнување на упразнетите работни места, во смисла на став 1 од овој член се доставуваат до Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија.

Според членот 3 од Одлуката се задолжува Заводот за вработување на Република Македонија, по донесување на оваа одлука, да не врши пријавување на нови вработувања кај субјектите од член 1 од Одлуката, без приложена писмена согласност од Владата на Република Македонија.

Членот 4 од оваа одлука предвидува истата да влезе во сила со денот на донесувањето.

5. Имајќи ја предвид содржината на оспорената одлука, судот оцени дека таа има темпорален карактер, односно дека терминот на нејзиното важење е определен со временски интервал од нејзиното донесување до воведувањето на трезорскиот систем и неговата имплементација.

Одлуката предвидува во определени случаи исклучок во смисла што може да се отстапи од ова општо правило и да се изврши вработување.

Ова вработување е условено со претходната писмена согласност од Канцеларијата на претседателот на Владата.

Но, поднесувањето на барањето за вработување до Канцеларијата на премиерот на Владата, исто така е условено и со обезбедување позитивно мислење од Министерството за финансии за обезбедени финансиски средства.

Одлуката содржи и еден императив кој се однесува на Заводот за вработување на Република Македонија во смисла да не врши пријавување на нови вработувања без приложена писмена согласност од Владата на Република Македонија.

Согласно член 8 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото. Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, а согласно ставот 2 на овој член од Уставот граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Со членот 32 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на работа, односно секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Во членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот е предвидено дека Собранието на Република Македонија донесува закони.

Исто така, согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Во тој контекст спаѓа и Законот за објавување на законите и другите прописи во “Службен весник на Република Македонија”.

Прашањата, пак, кои се сврзани со размената на трудот, правата и обврските на работодавците, невработените лица и државата, во врска со вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност и други прашања од значење за вработувањето, се уредени со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (“Службен весник на РМ” бр.57/97 и 25/00).

Така, во рамките на законските надлежности Заводот води евиденција за невработените лица според единствениот матичен број на граѓаните, врши бесплатно и непристрасно посредување за вработување под услови и начин утврдени со закон, односно ги врши стручните, организациските, административните и други работи што се однесуваат на вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност. Согласно овие законски одредби работодавецот е должен да го пријави во Заводот секое вработување и осигурување во случај на невработеност.

Во овој контекст Судот го има предвид и Законот за државните службеници во кој се уредени прашања во врска со определувањето на статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници, како и постапката за нивно вработување. Имено, согласно членот 4 на овој закон, за прашањата што не се уредени со истиот закон и за прашањата за кои овој закон не упатува на примена на друг закон, а се однесуваат на државните службеници, се применуваат општите прописи за работните односи.

Според Законот за работните односи и Законот за инспекција на трудот надзор над примената на законите и на другите прописи од областа на работните односи, врши органот на државната управа надлежен за инспекцијата на трудот. Впрочем, инспекторатот е единствен орган што може да му укаже на работодавецот во определен рок да ги отстрани утврдените неправилности и недостатоци.

Имајќи ја предвид содржината на наведените законски одредби, Судот оцени дека независно од тоа што Заводот за вработување, како орган надлежен за посредување за вработување нема инспекциски надлежности, туку е должен да го завери секој склучен договор за работа, односно во својата евиденција да го заведе секое засновање на работен однос и секој престанок на работниот однос и е должен да води евиденција на склучените и заверените договори за работа, со оспорената одлука на Заводот му се утврдува дополнителна инспекциска надлежност со тоа што се предвидува Заводот да цени кога и дали ќе го завери договорот за засновање на работен однос, склучен во постапка и на начин утврден со закон, независно од правото на работодавецот самостојно да оценува за потребата од нови вработувања и за изборот на кандидатите од пријавените, со што, според Судот, се ограничува уставно-загарантираното право на работа и правото на работодавецот да одлучува за прием на нови работници.

Исто така, според Судот, со оспорената одлука се ограничуваат правата на граѓаните по однос на остварување на правото на работа, надвор од случаите дозволени за нивно ограничување, затоа што во случајов, не постои нарушување на општествено-економските односи и останатите односи што би довело до неопходно уставно дозволена потреба за нивно ограничување преку воведување на дополнителни услови надвор од уставно и законски предвидените.

Од изнесеното произлегува дека само законодавецот, односно Собранието на Република Македонија е овластено да уредува прашања од областа на работните односи, па во таа смисла да го уредува и начинот на засновањето на истите.

Од друга страна, пак, Владата на Република Македонија се грижи за извршувањето на законите, односно со цел за нивна операционализација донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки упатства, програми, решенија и заклучоци но, не е овластена да уредува прашања сврзани со остварувањето на правата на вработените и нивната положба.

Имајќи го предвид фактот дека оспорената одлука се однесува само на работодавците – корисници и единките корисници на средства од Буџетот на Република Македонија, а не и за останатите правни субјекти, Судот оцени дека истата не ја запазува уставната обврска граѓаните да бидат еднакво третирани пред законите и недискриминирани.

Исто така, според Судот, Одлуката создава правна несигурност и го повредува принципот на владеење на правото, како една од темелните вредности на правниот поредок на Република Македонија од причина што, надвор од законски определените објективни мерила за вработување, допушта примена на субјективна воља, што се одразува преку претходно давање на согласност од Канцеларијата на претседателот на Владата и Министерството за финансии.

Понатаму, согласно член 37 од Законот за јавните претпријатија, вработените во јавните претпијатија имаат положба, права и обврски од работниот однос, како и вработените во трговските друштва, освен ако со овој или друг закон не е поинаку уредено.

Содржината на оваа одредба наведува на заклучок дека правната положба на вработените во јавните претпријатија треба да биде изедначена со правната положба на вработените во друштвата, а познато е дека ингеренциите на Владата во однос на трговските друштва се утврдени со Законот за трговските друштва во кој, со ниту една одредба, не е утврдено правото на Владата да ги ограничува правата на друштвата во однос на вработувањето.

Од тие причини, Судот смета дека Владата не е овластена со свој акт (оспорената одлука) да ја уредува, односно ограничува правната положба на вработените во јавните претпријатија, поради што оцени дека оспорената одлука е несогласна со Законог за трговските друштва.

Исто така, според Судот, може да се постави прашање дали оспорената одлука е согласна со членот 114 став 5 од Уставот според кој локалната самоуправа се уредува со закон.

Несомнено е дека оваа одредба од Уставот упатува прашањата во врска со локалната самоуправа да се уредат со закон, врз основа на што е донесен Законот за локалната самоуправа.

Во оваа констелација на односи пред Судот се постави и прашањето каде е местото на оспорената одлука, при постоењето на Законот за локалната самоуправа, во правниот поредок на Република Македонија.

Имено, според ставот 2 на член 4 од овој закон на единиците на локалната самоуправа вршењето на работите од став 1 на овој член не може да им се ограничи со акти на органите на Република Македонија, освен во случаите и под услови утврдени со закон во однос на законитоста на нивната работа, во согласност со Уставот.

Вакво овластување за Владата со свој акт (одлука) да се меша во работата на единиците на локалната самоуправа и да ја ограничува нивната надлежност, не е содржано во ниту еден закон што егзистира во правниот поредок на Република Македонија.

Ова дотолку повеќе што согласно член 43 точка 12 од Законот за локалната самоуправа, градоначалникот врши прием во работен однос и дава отказ од работа на лица за извршители на управните, односно административните органи на единицата на локалната самоуправа по претходно добиено мислење од соодветната комисија на советот на единицата на локалната самоуправа.

Исто така, согласно член 35 од Законот за Владата на Република Македонија, за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.

Согласно, пак, членот 36 став 3 од овој закон, Владата со одлука одлучува за одделни прашања и мерки за извршување на законите; основа стручни и други служби за своите потреби и заеднички служби за потребите на Владата и на министерствата и другите органи на државната управа.

Имајќи ја предвид содржината на овие две одредби од Законот, за Судот е неспорно дека истите не можат да претставуваат основ за донесување на оспорената одлука.

Со други зборови, за Судот е неспорно дека оспорената одлука претставува пропис и дека како таква подлежи на обврските од членот 52 од Уставот за нејзино објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

Што се однесува, пак, до содржината на Одлуката, Судот оцени, дека истата не е донесена во функција на операционализација на некој закон.

Имено, според Судот,основот за нејзиното донесување (членот 35 од Законот за Владата на Република Македонија) не може да претставува суштински основ од причина што овој член зборува за видот на актите што ги носи Владата и во никој случај не може да биде основ за времено запирање на вработувањето кај корисниците и единките корисници на средствата од Буџетот на Репубублика Македонија, локалната самоуправа, јавните установи и јавните претпријатија, а од увидот во законодавната регулатива што може да има допирни точки со прашањата регулирани со Одлуката, Судот оцени дека ниту една законска одредба не може да претставува основ за нејзино егзистирање во правниот поредок.

Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека оваа одлука е несогласна со членот 52 од Уставот на Република Македонија како и со: Законот за државните службеници; Законот за јавните претпријатија; Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност; Законот за работните односи; Законот за инспекција на трудот; Законот за Владата на Република Македонија и Законот за локалната самоуправа.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов, судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.20/2001
У.бр.69/2001
18 јули 2001 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply