100/2001-0-0

100/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 јуни 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста член 32 во делот “Покрај остварување на правдата” од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/96 и 80/99).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на дел од одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение.

Иницијаторот наведува дека оспорениот член 32 од Кривичниот законик не бил во согласност со член 98 став 2 од Уставот според кој судовите се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. При тоа ја наведува Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.20/96 со која е укинат член 4 став 2 во делот “водејќи сметка за приницпот на правда и правичност” од Законот за судовите како несогласен со членот 98 од Уставот. Според него, остварувањето на правдата не можело да биде цел на казнувањето бидејќи се создавало субјективистичко и необјективно толкување на принципот “остварување на правдата”.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 32 од Кривичниот законик, покрај остварување на правдата, цел на казнувањето е:

1) спречување на сторителот да врши кривични дела и негово превоспитување и
2) воспитно да се влијае врз другите да не вршат кривични дела.

4. Според член 98 став 2 од Уставот, судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Ставот 2 на членот 98 го определува статусот на судовите како самостојни и независни и ги определува основите врз кои судат судовите.

Членот 32 од Кривичниот законик, пак, изично ги определува целите на казнувањето.

Според кривично правната теорија казната претставува реакција на општеството спрема сторителите на казниви дела за нивното кршење на општите правила на однесување. При тоа, казнивото дело и казната мораат да бидат определени со закон, а казната ја изрекува надлежен орган (суд) само по утврдена вина на сторителот. Оттука, со закон се пропишуваат сите казни и тоа по вид и висина, се определуваат соодветни казнени рамки за секое кривично дело и за изрекување на определена казна врз основа на исто така, законски определни основи и услови. На тој начин се исклучуваат обичаите, подзаконските акти и аналогијата како извори за востановување на казните, а исто така се спречува волунтаризмот и судското самоволие.

Сето ова е во функција праведно да се одмери казната сразмерно на стореното кривично дело, а се со цел да се постигнат саканите ефекти и цели од казнувањето.

Врз основа на изнесеното, употребените термини “Покрај остварување на правдата” во членот 32 од Кривичниот законик имаат за цел да ги потенцираат токму условите и законските детерминирања на кривичните дела и казните што треба задолжително да се имаат предвид при изрекувањето на казните и постигнувањето на целите на казнувањето.

Оттука, Судот оцени дека нивната употреба во оспорениот член не е во спротивност со членот 98 став 2 од Уставот, поради што не може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.100/2001
30 јуни 2001 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов