27/2001-0-0

27/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 20 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 јуни 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на

а) Член 11 од Законот за народниот правобранител (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/97)

б) Член 158 и член 159 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/98).

2. Душко Чангов, од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 од ова решение.

Како причини за оспорување на наведените законски одредби се наведуваат наводните различни ставови што Судот ги изразил при интерпретација на исти уставни одредби во своите решенија У.бр.155/99 и 60/2000. Имено, според наводите во иницијативата, во првото решение Судот изразил мислење дека судовите не се органи со јавни овластувања, а во второто, дека тие се органи со јавни овластувања. Исто така, Судот во првото решение оценил дека според Уставот се прави разлика меѓу граѓаните и правните лица во однос на начелото на еднаквост пред Уставот и законот, а додека во второто решение изразил став дека според Уставот граѓаните и правните лица се еднакви бидејќи и едните и другите се субјекти на правото и како такви се носители на права и обврски.

Поради наведените причини во иницијативата се бара Судот да ја преиспита уставноста на наведените законски одредби.

3. Судот на седницата утврди дека со решение У.бр.155/99 од 3 ноември 1999 година не повел постапка за оценување уставноста на член 141 став 1, член 158 и член 159 од Законот за парничната постапка, а ја отфрлил иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 11 од Законот за народниот правобранител, поради причините наведени во образложението на тоа решение.

4. Согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценувал уставноста на означените законски одредби, а правната и фактичката состојба од тогаш досега се непроменети, Судот оцени дека во конкретниот случај не постојат основи за повторна оценка на нивната уставност, односно за поинакво одлучување. Ова затоа што прво, ставовите и мислењата на Судот по одделни правни прашања односно институти изнесени во неговите одлуки воопшто не можат да бидат причини за оспорување на уставноста на одделни законски одредби и второ, што од увидот во образложението на Решението У.бр.60/2000 произлегува дека Судот воопшто не се произнел во однос на прашањето дали судовите се органи што вршат јавни овластувања или не, како што тврди подносителот на иницијативата, а додека заклучокот во врска со различниот став на Судот по прашањето за еднаквоста на граѓаните и правните лица пред Уставот и законот е погрешно изведен, бидејќи во наведените две решенија на кои се повикува подносителот се работи за различни законски одредби кои Судот ги оценувал од различни аспекти, односно во однос на различни уставни одредби.

5. Врз основа на изнесеното, а сметајќи дека со иницијативата се бара оценување на уставноста на означените законски одредби и покрај тоа што барањето во суштина се сведува на преиспитување на Решението У.бр.155/99, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.27/2001
21 јуни 2001 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply