207/2000-0-1

207/2000-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 април 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 9 став 1 во делот “решавањето на правата на осигурениците и корисниците на пензија во втор степен” од Статутот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 50/94, 34/95, 46/99).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 2 став 1 и член 15 во деловите “овој статут и други акти на Фондот” и на член 53 од Статутот означен во точката 1 од ова решение.
3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од Статутот означени во точките 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорените делови на членовите 2 став 1 и 15 од Статутот не биле во согласност со член 34 од Уставот на Република Македонија, ниту со членовите 4 и 160 точка 6 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, а причините за нивното оспорување не се наведуваат во ининицијативата, но подносителот се повикува на истите причини поради кои Уставниот суд со Одлука У.бр.178 / 96 од 11 декември го укинал членот 160 точка 6 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, во делот кој гласел: “општи акти за поблиску определување на правата од пензиското и инвалидското осигурување.
Оспорениот дел на членот 9 став 1 не бил во соглас-ност со член 15 од Уставот и со член 141 став 1 од Законот за пензис-кото и инвалидското осигурување, бидејќи во него била предвидена надлежност на Фондот да формира комисија за решавање на пра-вата на осигурениците и корисниците на пензија во втор степен, а согласно наведените уставни и законски одредби ваквото овластување на Фондот не било основано, односно не можело да опстои.

Оспорениот член 53 од Статутот не бил во согласност со член 15 од Уставот, ниту со член 160 точка 11 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување бидејќи со предвидувањето дека за извршеното усогласување на пензиите и другите парични примања по прописите за пензиското и инвалидското осигурување не се донесува решение, туку се дава само писмено известување на чекот со кој се врши првата исплата на усогласеното парично давање, се повредувало уставно загарантираното право на жалба. Истовремено, овој член од Статутот не бил во согласност ниту со членовите 213 и 214 став 3 од Законот за општата управна постапка.
4. Судот на седницата утврди дека во ставот 1 на член 2 од Статутот утврдено е дека во Фондот се обезбедуваат средства за пензиското и инвалидското осигурување и се остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување во согласност со Законот, овој статут и други акти на Фондот.
Според ставот 1 на ч лен 9, Управниот одбор на Фондот формира постојани и повремени комисии и други работни тела за следење на одделни прашања од развојот и спроведувањето на пензиското и инвалидското осигурување, решавањето на правата на осигурениците и корисниците на пензија во втор степен и разгледување на прашања од делокругот на Управниот одбор.
Во членот 15 утврдено е дека правата од пензиското и инвалидското осигурување се остваруваат под условите, во обем и на начин утврдени со Законот, овој статут и други акти на Фондот.
Според членот 53 од Статутот, за извршеното усогласу-вање на пензиите и другите парични примања по прописите за пензиското и инвалидското осигурување не се донесува решение, туку се дава писмено известување на чекот со кој се врши првата исплата на усогласеното парично давање.
По исклучок од ставот 1 на овој член корисникот на правото може да бара да му се донесе писмено решение за усогласувањето.
5. Со оглед дека деловите на член 2 став 1 и член 15 од Статутот кои гласат “овој статут и други општи акти на Фондот” подносителот на иницијативата ги оспорува од истите причини пора-ди кои Судот со Одлука У.бр.178/96, од 11 декември 1996 година, го укинал членот 160 точка 6 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Судот изврши увид во наведената одлука и при тоа констатира дека во тогаш оспорената одредба на член 160 точка 6 од Законот, оспорена од истиот подносител, било предвидено во Фондот да се донесуваат статут и општи акти за поблиску уредување на правата од пензиското и инвалидското осигурување.
Укинувајќи ја оваа одредба од Законот, Судот изразил став дека, според член 34 од Уставот не е допуштена можност со општи акти на Фондот поблиску да се уредуваат правата од пензиското и инвалидското осигурување, а со оглед дека со оспо-рениот член 160 точка 6 од Законот, Фондот на пензиското и инва-лидското осигурување бил генерално овластен да донесува општи акти со кои поблиску ќе се уредуваат правата од пензиското и инвалидското осигурување, кои според Уставот можат да се уредуваат само со закон и колективен договор, Судот оценил дека оваа одредба не е во согласност со член 34 од Уставот, поради што и ја укинал.
Од содржината на укинатата законска одредба произ-легува дека нејзината смисла е Фондот, со Статутот и други општи акти поблиску да ги уреди, односно да ги доуреди условите кои што осигуреникот треба да ги исполнува за стекнување на определни права од пензиското и инвалидското осигурување, а не да го уреди само начинот, како техника и постапка, на кој ќе се остваруваат овие права кои по вид, содржина и обем, како и условите под кои се стекнуваат и користат веќе се утврдени со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Од друга страна, за Судот не е спорно дека одделни технички прашања во врска со начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување можат да се уредуваат и со статутот и другите општи акти на Фондот. Таков став Судот има заземено во повеќе предмети, а меѓу нив повторно е У.бр.178/96, во кој што покрај член 160 точка 6, предмет на оценување биле и членовите 163 точка 1 и 169 точка 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по кои што членови Судот не поведол постапка за оценување на нивната уставност бидеј?и оценил дека овластувањата на Фондот, утврдени во овие членови од Законот, со статут и други општи акти да го уредува начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување во согласност со Законот, не е во несогласност со Уставот.
Судот од истите причини не поведе постапка и кога одлучуваше по предметот У.бр.209/2000, кога повторно го оцену-ваше членот 169 став 1 точка 2, како и член 136 став 3 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување во кој што исто така е утврдено дека “Фондот, односно работодавецот со општ акт, во согласност со одредбите на овој закон, поблиску го уредува начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување” (Решение У.бр.209/2000 од 28.02.2001 година).
И во однос на овластувањето на Фондот утврдено во член 34 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигуру-вање, тој со општ акт да го утврдува најнискиот износ на старосната пензија од просечната плата остварена во Републиката во претход-ната година, Судот утврдил дека не е во несогласност со Уставот на Република Македонија, бидејќи во предметот У.бр.6/94 од 25 октом-ври 1994 година оценил дека овој општ акт со кој Фондот ја регулира само техниката на пресметувањето на овој вид на пензија врз основа на критериумите утврдени во законот нема нормативен карактер.
Имајќи ја предвид напред наведената уставно-судска практика, како и одредбите на членовите 136, 163 и 169 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, од кои произлегува овла-стувањето на Фондот, со статут и други општи акти, покрај другото поблиску да го утврдува и начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување, во согласност со Законот, Судот утврди дека и во конкретниот предмет не може да се постави прашањето за согласност на оспорените делови од член 2 став 1 и член 15 од Статутот, од истите причини, како и во предметите наведени од уставно – судската практика.
Имено, со оглед на тоа што согласно членовите 8 и 9 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Фондот има својство на правно лице чија дејност е од јавен интерес и дека според членовите 136 став 3, 163 точка 1 и 169 точка 2 исто така од Законот, Фондот е овластен со Статутот и другите општи акти, покрај другите прашања да го уредува и начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување, произлегува дека и оспорените делови од член 2 став 1 и член 15, кои по својата содржина се општи и упатувачки одредби, се однесуваат само во поглед на начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување уреден со овој вид на акти, а не и во поглед на видот на правата и условите и обемот на нивно оства-рување утврдени во Законот за пензиското и инвалидското осигуру-вање, во согласност со кои и се остваруваат овие права. Впрочем, ваквата содржина и смисла на оспорените делови од овие одредби произлегува и доколку истите се толкуваат во контекст и на самиот член 1 од Статутот на Фондот, според кој предмет на уредување на овој статут, освен организационит е и другите прашања од значење за работењето на Фондот, е и начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување.
6. Во врска со оспорениот дел на членот 9 став 1 од Статутот, Судот утврди дека со Одлука У.бр.193 / 97 од 29.04.1998 година го укинал член 47 од Статутот на Фондот, со кој било пред-видено решение за право од пензиското и инвалидското осигуру-вање во втор степен да донесува комисија на Управниот одбор на Фондот.
Имајќи ја предвид оваа интервентна одлука на Судот, како и одредбите на член 15 од Уставот на Република Македонија и член 141 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигу-рување, според кој против решението донесено во прв степен на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, односно кај работодавецот, осигуреникот, корисникот на пензија или член на семејството има право на жалба до Комисијата на Владата на Република Македонија, односно кај работодавецот во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, произлегува дека надлежноста на Фондот да образува комисија за решавање на правата во втор степен, утврдена во оспорениот член 9 став 1 од Статутот на Фондот, нема основ во наведените уставни и законски одредби, поради што пред Судот и основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од член 9 став 1 со тие одредби.
7. Во однос на оспорениот член 53 од Статутот на Фондот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со член 15 од Уставот само затоа што за извр-шеното усогласување на пензиите и другите парични примања, кои согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување го врши Фондот по службена должност, по правило не се донесува решение, но се дава само писмено известување на чекот со кој се врши првата исплата на усогласеното парично давање. Ова од причини што во самиот став 2 на истиот член од Статутот не е исклучена можноста корисникот да бара да му се издаде и писмено решение за извршеното усогласување против кое тој може согласно член 141 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување да поднесе жалба до второстепениот орган заради заштита на своите права. Или, со други зборови кажано, од содржината на овој член од Статутот не произлегува дека со него се уредува прашањето за правото на жалба против решението донесено во прв степен, кое инаку е уредено во самиот Закон за пензиското и инвалидското осигурување, но напротив со него се уредува поефикасен начин на исплата на пензиите и другите парични примања во случаи кога се врши нивно усогласување при тоа не повредувајќи го правото на жалба и во овие случаи, бидејќи решението од ставот 2 на овој член е во функција токму на остварувањето на ова право.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами,
д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски, со тоа што во делот под точката 1 го донесе со мнозинство гласови, а во делот под точката 2 едногласно.
У.бр. 207/2000
18 април 2001 год.
Скопје
л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply