3/2001-0-0

3/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 април 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Упатство за организација и начинот на вршење на работите во постапката за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување со користење на податоците од матичната евиденција по автоматски пат, донесено од директорот на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македо-нија, во јануари 1995 година.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспореното упатство му служело на Фондот, без писмено решение, на определен корисник да му ја намали исплатата на пензијата што дотогаш ја примал, ако се утврдело дека, по грешка на Фондот, му се исплатувала пензија во поголем износ.

Исто така, Упатството се оспорува и затоа што не било објавено во “Службен весник на Република Македонија”, што го правело несогласно со член 52 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со Упатството се пропишува организацијата на обработените податоци од матичната евиденција на осигурениците и корисниците на правата во системот за автоматска обработка на податоците; организацијата на работата на стручната служба на Фондот во постапката за остварување на правата со претходно комплетирање и ажурирање на подато-ците во матичната евиденција по автоматски пат; подготвување на автоматските и рачните решенија; начинот на пополнување на пропишаните пријави за корисниците на пензијата и внесување на податоците во системот за автоматска обработка на податоците заради исплата на пензиските примања.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи ја предвид содржината на оспореното упатство, (од која се гледа дека со истото се уредуваат работните постапки на извршителите во постапката за остварување на правата, вклучувајќи ги и работните постапки на извршителите во службата за исплата на пензиските примања со цел да се спречат незакон-ските исплати на пензиските примања), Судот оцени дека истото претставува акт на работење, односно дека како такво не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, па не може да биде ниту предмет на уставно-судска оценка.

Како акт на работење, Упатството не подлежи ниту на обврската од членот 52 од Уставот за објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски,д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 3/2001
18 април 2001 година
Скопје
л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply