25/2001-0-0

25/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 март 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на

а) Одлуката бр.08-5999/3 од 28.12.1989 година за организирање на Автотранспортната организација на здружен труд “Полет” – Тетово како јавно претпријатие, донесена од Соборот на здружен труд на општина Тетово.

б) Одлуката бр.08-120/1 од 8.02.1999 година за именување директор на Јавното претпријатие АТП “Полет” – Тетово, донесена од повереникот на Владата на Република Македонија за вршење на работите градоначалникот и Советот на Општина Тетово.

в) Одлуката бр.08-123/1 од 8.02.1999 година за разрешување од должноста директор на јавното претпријатие АТП “Полет” – Тетово, донесена од повереникот на Владата на Република Македонија.

2. Васил Димитровски од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение, затоа што тие не биле во согласност со Уставот, Законот за јавните претпријатија и со Законот за локалната самоуправа, затоа што АТП “Полет” никогаш не било јавно претпријатие, па Општината не можела да донесе одлука да го оргнаизира како такво, бидејќи во него не вложила ниту средства, ниту труд.

Освен тоа, АТП “Полет” било во постапка за трансформација односно приватизација, па Општината ниту повереникот на Владата не можеле да донесуваат вакви одлуки.

3. Разгледувајќи ги оспорените одлуки Судот утврди дека тие не претставуваат прописи, туку акти со конкретен односно поединечен карактер. Имено, првооспорената одлука претставува основачки акт, а другите две претставуваат поединечни акти за именување односно разрешување на директор на јавно претпријатие.

Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите, но не и за акти со кои се одлучува за статусни прашања односно за конкретни правни ситуации.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за уставноста и законитоста на оспорените одлуки и, согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.25/2001
28 март 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply