9/2001-0-0

9/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 март 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на член 16 став 2, член 21 ставовите 4, 5, 6, 8, 9, 10, членот 22 и членот 64 став 2 од Статутот на Реплек А.Д. Скопје, донесен 26.09.1991 година.

2. Слободан Ивановски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот означени во точката 1 од ова решение, од причини што истите не биле во согласност со членот 30 од Уставот на Република Македонија, Законот за претпријатијата и Законот за хартии од вредност во времето на неговото важење. Покрај тоа во иницијативата се упатува на терминолошка неадекватност на одредени одредби, отсуството на статутарна регулатива за одредени законски прашања.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените одредби уредуваат прашања во врска со увидот во акционерската книга, учеството на акционерите во работата на Собранието на друштвото, како и нивно претставување (делегирање), информирањето на акционерите.

Покрај тоа, на 14.12.1998 година е донесен нов Статут на друштвото со кој се дерогира Статутот од 26.01.1991 година чии одредби се оспорени со иницијативата.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорениот акт не претставува пропис за чија уставност и законитост Судот е надлежен да одлучува, од една страна и со оглед на тоа што се оспорува акт кој престанал да важи и како таков не постои во правниот поредок, од друга страна, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки да одлучува по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.9/2001
28 март 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply