2/2001-0-0

2/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 март 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на измената на дел од Деталниот урбанистички план за село Пештани – Охрид, донесена од Советот на општина Охрид на 5 февруари 1999 год.

2. Никола Толески од с. Пештани – Охрид, преку полномошникот Никола Мујоски адвокат од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што оспорената одлука не била донесена во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање бидејки не биле правилно применети одредбите за нејзино донесување, по спроведената јавна анкета не бил изготвен извештај со образложение за неприфаќање на забелешките и не била издадена согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот и членовите 2, 7, 17, 18, 20 и 22 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се уредува дека се усвојува измената на дел од Деталниот урбанистички план за село Пештани и дека составен дел на оваа одлука е графичкиот приказ број 29/98 изработен од Институтот за урбанизам и архитектура “План” од Охрид, стручната ревизија и одговорот на стручната ревизија.

4. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Просторното и урбанистичкото планирање, според член 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр. 4/96, 8/96, 28/97 и 18/99), е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат, а согласно член 7 од овој закон, Деталниот урбанистички план е еден од видовите на урбанистичките планови.

Според член 17 став 1 од Законот, урбанистичкиот план се изработува како нацрт и предлог на план. По нацртот на деталниот урбанистички план, согласно став 3 од овој член, се спроведува јавна анкета, која според став 4 од овој член на Законот, ја организира општината.

Јавната анкета, според член 18 став 1 од Законот, се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатени со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови, до организаторот на анкетата. Според став 2 на овој член од Законот, за времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила, а според став 3 од овој член на Законот, за јавната анкета се изготвува извештај со образложение за неприфатените забелешки, кој се доставува заедно со предлогот на планот на усвојување.

Според член 20 од Законот, измените и дополнува-њата на урбанистичкиот план се вршат по иста постапка пропишана за нивно донесување.

Деталниот урбанистички план, согласно член 22 став 3 од Законот, го донесува општината, а според став 6 од овој член, планот може да се спроведува по издавање на согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот. Со согласноста, според член 23 став 1 од Законот, се потврдува дека планот е донесен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон, а според став 2 од овој член на Законот, согласноста се издава во рок од 30 дена од поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот, а доколку не се издаде во овој рок, ќе се смета дека истата е издадена.

Тргнувајки од содржината на наведените одредби, а имајки предвид дека Одлуката за усвојување на измената на дел од Деталниот урбанистички план на село Пештани – Охрид, Советот на општината ја донел во две фази, како нацрт и како предлог, односно дека по нацртот на одлуката утврден од Советот на општината на седницата одржана на 1 јули 1998 година, е спроведена јавна анкета во периодот од 23 октомври до 9 ноември 1998 година, по која е поднесен извештај во кој е дадено образложение за неприфатените забелешки, дека изме-ните на дел од урбанистичкиот план се изработени во форма на предлог на одлука, што Советот ја донел на седницата одржана на 5 февруари 1999 година и дека по истата е побарано од Министерството надлежно за работите на урбанизмот да даде согласност, кое во рок од 30 дена по поднесувањето на барањето не издало согласност, што според член 23 став 2 од Законот, се смета дека истата е издадена, според мислењето на Судот, оспорената одлука е донесена во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што не го постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот и одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 2/ 2001
4 април 2001 година.
Скопје
л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply