135/2000-0-0

135/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92) на седницата одржана на 28. 02. 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за организација и делокруг на работа на Кабинетот на претседателот на Република Македонија во целина и член 10 став 1 (“Службен весник на Република Македонија” бр. 30/2000 и 9/2001).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на чл. 9 во делот “други прописи и одредбите на оваа одлука”, член 18 став 2, член 19 став 2 во делот “остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работниците” од Одлуката за организација и делокруг на работа на Кабинетот на претседателот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 30/2000).
3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката и одделни нејзини одредби означени во точките 1 и 2 од ова решение.
Одлуката во целина се оспорува затоа што се смета дека Претседателот на Република Македонија нема уставно овластување ниту во член 84, ниту во другите одредби од Уставот, да донесува ваква одлука, бидејќи тој ги вршел своите права и должности исклучиво врз основа на Уставот и законите, поради што таа не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 79 став 3 и член 84 од Уставот и со член 3 став 1 и 2, член 18 и член 33 од Законот за државните службеници.
Член 10 се оспорува затоа што предвидувањето на дури пет сектори во Кабинетот на претседателот на Република Македонија не било во согласност со Уставот и законите и било спротивно на интенциите за смалување на јавната администрација.
Одредбите од одлуката означени во точка 2 од ова решение се оспоруваат затоа што со нив се овозможува правата и обврските на службениците во Кабинетот да се уредуваат со подзаконски пропис.
4. На седницата Судот утврди дека по поднесувањето на иницијативата Претседателот на Република Македонија донел Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за организација и делокруг на работа на Кабинетот на претседателот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 9/2001) со која оспорените членови 9, 18, 19 став 2 и делот од член 21 од оспорената одлука се избришани и со тоа престануваат да важат. Со оглед на тоа, согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, постојат процесни пречки за водење на постапка за тие одредби од одлуката, па Судот ја разгледуваше само Одлуката во целина и член 10 став 1 кој е неизменет.
Судот утврди дека со оспорената одлука се уредува организацијата и делокругот на работата на Кабинетот и начелата на неговата внатрешна организација; се дефинира видот на работите (аналитички, стручни и т.н.), структурата на секторите и на работните тела (комисија за помилување, одликување, за преставки), раководењето со кабинетот и одделни облици на работа (стручен колегиум и сл.), со што се обезбедува функционирање на Кабинетот како единствена стручна служба која му помага на Претседателот на Република Македонија во извршувањето на неговите функции утврдени со Уставот.
Со член 10 став 1 од Одлуката се формираат следните организациони единици во Кабинетот: генерален секретар; сектор за одбрана и безбедност; сектор за надворешна политика; сектор за уставни прашања и сектор за општи и заеднички работи.
5. Во членовите 79 – 87 од Уставот на Република Македонија се утврдени положбата и функциите на Претседателот на Република Македонија. Во овие одредби од Уставот не е содржано непосредно овластување за Претседателот на Република Македонија да формира стручна служба која би ги вршела неопходните стручни и технички работи за остварување на неговите функции, но тоа, според мислењето на Судот, не ја исклучува ниту потребата, ниту можноста да формира таква служба. И други одредби од Уставот кои се однесуваат на други државни органи не содржат такви одредби, како што се на пример оние во Собранието на Република Македонија, па сепак е незамисливо функционирањето на тие органи без стручна служба.
Од друга страна, во член 3 став 2 од Законот за државните службеници (” Службен весник на Република Македонија” бр. 59/2000) изрично се признава постоењето на стручна служба, помеѓу другите, и на Претседателот на Република Македонија, во која државните службеници ги остваруваат своите права и обврски.
Оттука, Судот оцени дека основањето и уредувањето на организацијата и работата на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија е право на Претседателот на Република Македонија кое произлегува и од природата на неговата уставна положба и функции и од Законот за државните службеници. При тоа Судот оцени дека со оспорена одлука Претседателот на Република Македонија не навлегува во уредување на прашања од сопствена надлежност и положба утврдени со Уставот, ниту во прашања од надлежност на други уставни органи, поради што таа претставува типичен организационен акт. Во тој контекст и оспорената одредба од член 10 став 1 од Одлуката само е израз на процена на потребата од определена организациона структура на службите на Претседателот во интерес на вршењето на неговите функции, при што бројот на секторите е ирелевантен за проценување на уставноста или законитоста.
Врз основа на изнесеното, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука и член 10 став 1 со Уставот и законите.
6. Со оглед на тоа што одредбите од Одлуката означени во точка 2 од ова решение престанале да важат. Судот оцени дека постојат процесни пречки за оценување нивната уставност и законитост, поради што одлучи иницијативата во тој дел да ја отфрли.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У. бр. 135/2000
28 февруари 2001 година
С к о п ј е
сгј

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply