Решение У.бр.219/2000

У.бр.219/2000

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 68 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 6 декември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Владо Георгиевски од село Мралино – Општина Илинден, за поведување постапка за заштита на слободите и правата повредени со Одобрение за градење бр. 08-1098 од 13 јуни 2000 година издадено од Подрачната единица Гази Баба на Министерството за урбанизам и градежништво.

2. Владо Георгиевски од село Мралино – Општина Илинден, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за поведување постапка за заштита на слободите и правата повредени со Одобрението означено во точката 1 од ова решение, затоа што со издаденото Одобрение за градење се повредувале слободите и правата на човекот и граѓаните во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот.

3. Секој граѓанин, согласно член 50 став 1 од Уставот, може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија. Според став 2 на овој член од Уставот, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот, што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Врз основа на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби јасно произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да ги штити слободите и правата на граѓаните повредени со Одобрението за градење, како што е во конкретниот случај. Имено, Одобрението за градење бр. 08 – 1098 од 13 јуни 2000 година, со кое на Македонската православна црква – Скопска Митрополија и е одобрено да изгради црква во село Мралино, е поединечен управен акт против кој можат да се користат правни средства во управна и судска постапка, но не и во постапка за заштита на слободите и правата пред Уставниот суд, бидејќи правата што подносителот на барањето смета дека му се повредени не спаѓаат во корпусот на слободите и правата што ги штити Уставниот суд.

4. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.219/2000
6 декември 2000 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply