155/2000-0-0

155/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 6 декември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Член 475 став 2 од Законот за парничната постап-ка ( “Службен весник на Република Македонија” бр. 33/98).

2. Никола Прелиќ – адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се создавала нееднаквост помеѓу граѓаните и се предвидувало нејзино повратно дејство, поради што член 475 став 2 од Законот не бил во согласност со член 9 став 2 и со член 52 став 4 од Уставот.

3. На седницата Судот утври дека во член 475 став 1 од Законот се определува “ако пред влегувањето во сила на овој закон (тоа е 19 јули 1998 година) е донесена првостепена пресуда или решение со кое постапката пред првостепениот суд се завршува, натамошната постапка ќе се спроведе според дотогашните прописи”. Исто така, Судот утврди дека според член 475 став 2 од Законот, кој се оспорува, “ако по влегувањето во сила на овој закон биде укината првостепената одлука од ставот 1 на овој член, натамошната постапка ќе се спроведе според овој закон”.

Значи, во случаи кога е донесен првостепен судски акт, пред 19 јули 1998 година (било (1) пресуда или (2) решение со кое се завршува таа постапка) и после 19 јули 1998 година овие акти не бидат укинати, ќе се применуваат старите правила на процедурата при парница, а тоа значи дека на крајот на постапката е можна и ревизија за спор чија вредност е над 800,00 денари според член 382 став 2 од стариот Закон за процесна постапка (тоа е значењето на член 475 став 1 од новиот Закон). Во случаи, пак, кога е донесен првостепен судски акт пред 19 јули 1998 година, но после 19 јули 1998 година тој акт ќе биде укинат, ќе се применуваат новите правила на процедурата при парница, а тоа значи на крајот на постапката не е можна ревизија за спор под 1.000.000,оо денари според член 368 став 2 од новиот Закон за парничната постапка (тоа е значењето на член 475 став 2 од новиот Закон).

Со други зборови, старите правила ќе се применуваат само на правосилни судски акти (донесени судски акти потврдени во втор степен), а новите правила ќе се применуваат на сите други случаи (како на случаи кога првостепен судски акт не станал правосилен поради укинување од второстепен суд, така и на случаи кога пред 19 јули 1998 година не е донесен првостепен судски акт).

Значи, за правосилни акти важи старата процедура, а за незавршени постапки важи нова процедура.

4. Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, а според член 52 став 4 од Уставот, законите и дригите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

5. Според мислењето на Судот, законската одредба воспоставува објективна мерка за тоа кои правила во процедурата при парница ќе се применуваат после 19 јули 1998 година (на правосилните, старите, а на незавршените постапки, новите правила). Притоа, тоа што граѓаните кои добиле правосилни судски акти и на кои се применуваат старите правила односно кои имаат можност да користат ревизија, за разлика од граѓаните кои немаат правосилни судски акти и на кои се применуваат новите правила односно немаат можност да користат ревизија, не може да се смета за нееднаквост, бидејќи тоа се очигледно различни правни и фактички ситуации, па можат да имаат и различен правен третман.

Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност оспорената законска одредба со член 9 став 2 од Уставот.

6. Што се однесува, пак, до наводот во иницијативата за повратното дејство на наведената законска одредба, Судот смета дека повратно дејство има ако една норма се однесува на односи кои се завршени пред влегувањето во сила на нормата, а нема повратно дејство ако нормата регулира незавршени односи или односи кои се во тек.

Оттука, произлегува дека член 475 став 2 Законот нема повратно дејство со оглед дека регулира понатамошна (во иднина) процедура по односи помеѓу граѓаните (предмети) кои се незавршени, поради што Судот оцени дека законската одредба не е во несогласност со член 52 став 4 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У. бр. 155/2000
6 декември 2000 година
Скопје
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply