72/2000-0-0

72/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 ноември 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за усвојување Предлог Деталниот урбанистички план за населбата “Железничка”-Охрид, донесен од Собранието на Општина Охрид на 6 декември 1990 година (“Службен гласник на Општина Охрид” бр.9/90).

2. Се става вон сила Решението за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 на оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Приватното претпријатие “Гица” – Охрид, поведе постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 на оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со членот 32 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на РМ” бр.38/90).

5. Судот на седницата утврди дека со оспорениот детален урбанистички план за населбата “Железничка” во Охрид се отстапува од урбанистичките решенија содржани во Основниот урбанистички план за Охрид и тоа просторот наменет за индустрија во оваа населба се пренаменува во зона на становање. Судот на седницата, исто така, утврди дека не била побарана предходна согланост за донесување на оспорениот план од органот на Републиката надлежен за работите на урбанизмот и покрај тоа што бил должен да ја прибави. Ова од причини што обврската урбанистичкиот план, пред донесувањето задолжително да се доставува до републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот на согласност заради оценка на нивната меѓусебна усогласеност, како и усогласеноста со просторните планови и со одредбите на овој закон, произлегува од Законот за изменување и дополнување на Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/90), кој стапил во сила на 27 ноември 1990 година, конкретно ова
а обврска е утврдена со изменетиот член 32 на овој закон. Ако се има предвид дека Одлуката за донесување на оспорениот план е донесена од Собранието на Општина Охрид на 6 декември 1990 година, односно 9 дена по стапување во сила на овој закон, тогаш несоменено Собранието пред донесувањето било должно да ја прибави ваквата согласност.

Според мислењето на Судот предходната согланост од надлежниот орган на Републиката за донесување на урбанистичкиот план е инструмент со кој органот потврдува дека плановите како подзаконски акти се меѓусебно усогласени и претставува интегрален дел на урбанистичкиот план затоа што дури со дадената согласност актот станува полноважен.

Со оглед на тоа што за донесување на оспорениот план не е дадена предходна согласност од надлежниот орган на Републиката, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со член 32 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.

6. Со оглед на конечноста и извршноста на оваа одлука Судот го стави вон сила и Решението означено во точка 2 исто од оваа одлука.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 на оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.72/2000
8 ноември 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply