125/2000-0-0

125/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 ноември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Законот за радиодифузната дејност според кој Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија” се обврзува на своите потрошувачи да им пресметува и да им наплатува радиодифузна такса и законитоста на Одлуката на “Електростопанство на Македонија” со која е уредено со сметките за електрична енергија да се пресметува и фактурира радио-дифузна такса.

2. Илија Тумбов од Богданци, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста односно законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение. Според иницијаторот, Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија” не вршело никакви радиодифузни услуги врз основа на кои можело да пресметува радио дифузна такса и да ја наплаќа заедно со сметката за потрошена енергија. Надоместоците за потрошена електрична енергија и за радиодифузната дејност биле различен вид давачки кои се утврдувале на различен начин па немало уставно оправдување за опстојвуање на оспорените акти.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 75 од Законот за радиодифузната дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/97), радиодифузната такса се наплатува со сметката за наплата на електричната енергија врз основа на евиденцијата што ја води јавното радиодифузно претпријатие.

Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.88/97 од 5 ноември 1997 година, меѓу другото не поведе постапка за оценување уставноста на членот 75 став 1 од Законот за радиодифузна дејност.

Иницијативата за поведување постапка била поднесена со образложение дека обврската за плаќање на радиодифузната такса заедно со сметката за електрична енергија претставувала законска принуда за што немало уставен основ.

При тоа, Судот оценил дека начинот на наплатата на радиодифузната такса заедно со сметката за електрична енергија утврден во членот 75 од Законот, не претставува прашање на уставноста, туку прашање на техника за која се определил законодавецот во рамките на своите уставни овластувања поради што оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 75 од Законот со членот 33 од Уставот.

Подоцна, Судот со повеќе решенија (У.бр.3/98, У.бр.11/2000) ги отфрлил иницијативите за поведување постапка за оценување уставноста на членот 75 од Законот, како пресудена работа.

Во конкретниот предмет, иницијаторот бара поведување постапка за оценување уставноста на членот 75 од Законот од истите причини по кои Судот расправал и одлучил да не поведе постапка.

Согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли во делот што се однесува на барањето за поведување постапка за оценување уставноста на членот 75 од Законот бидејќи Судот за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

4. Судот на седницата, исто така утврди дека Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија” Скопје нема донесено одлука со која се уредува со сметката за потрошена електрична енергија да се наплатува и радиодифузната такса бидејќи тоа прашање е уредено со членот 75 од Законот за радиодифузната дејност.

Согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорената одлука не постои, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли во делот што се однесува на оспорената одлука од причина што има процесни пречки за одлучување на Судот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Д-р Тодор Џунов, судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков. д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.125/2000
8 ноември 2000 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply