Одлука У.бр.68/2000

У.бр.68/2000-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 ноември 2000 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за усвојување на Деталниот урбнаистички план за VI -та станбена заедница и дел од Централното градско јадро кој и припаѓа на VI -та станбена заедница, донесен од Советот на општина Тетово на седницата од 29 август 1997 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Вујисиќ Зорица од Тетово, со Решение У.бр.68/200 поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 на оваа одлука затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.

4. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена на 29 август 1997 година.

Истата не содржи решение за катастарските парцели КП.3700/1 и КП.3701/3.

Во одлуката посебно се нагласува дека измените и дополнувањата не се однесуваат на КП.3700/1 и КП.3701/3, односно дека во тој дел важи постојниот урбанистички план во кој овие парцели остануваат во истата форма и димензија.

Инаку, од увидот во документацијата се гледа следново:

Прво е поднесено барање од општината Тетово до Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина за издавање согласност за спроведување на измена и дополнување на дел од Деталниот урбанистички план за VI станбена заедница и дел на Централното градско јадро – Тетово.

Со барањето е приложена Одлука за усвојување на дел на Деталниот ургбанистички план за VI станбена заедница и дел на Централното градско јадро кој и припаѓа на VI-тата станбена заедница – Тетово со број 08-491/5 од 3 септември 1997 година;

Доставен е Предлог за измена и дополнување на дел од Деталниот урбанистички план за VI -та станбена заедница и дел од Централното градско јадро – Тетово, изготвен од “Комунапроект” АД Тетово, со техн.број 23/94 од 1997 година;

Во овој предлог за измена и дополнување на Планот е содржано решение за парцелите КП.3700/1 и КП.3701/3 според кое КП.3700/1 се проширува за сметка на КП.3701/3.

Доставена е Стручна ревизија на нацрт измената и дополнувањето на дел од Деталниот урбанистички план за VI-та станбена заедница и дел од Централното градско јадро-Тетово, изготвена од Заводот за урбанизам и архитектура – Скопје, од мај 1997 година;

Доставен е Извештај од спроведениот јавен увид и јавна расправа за измена и дополнување на дел од Деталниот урбанистички план за VI-та станбена заедница и дел од Централното градско јадро – Тетово, изготвен од ПОЕ на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина Тетово, со број 08-197 од 3 април 1997 година.

Согласност за неа, односно спроведување на измените и дополнувањата на оспорениот детален урбанистички план од 1997 година дало Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина на 22 јуни 1998 година, меѓутоа од нејзиниот диспозитив се гледа дека истата не се однесува на КП.3700/1 и КП.3701/3 со образложение дека за нив водената постапка не била во согласност со законските прописи и во тој дел останува во важност постојниот урбанистички план.

5. Согласно член 8 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизација на просторот.

Согласно член 2 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (” Службен весник на РМ” бр.4/96, 28/97 и 18/99) просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.

Согласно членот 7 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирање се донесуваат, меѓу другото, генерален урбанистички план и детален урбанистички план.

Согласно член 17 став 1 од Законот, плановите од член 7 на овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план, а согласно став 3 и 4 на овој член од Законот, по нацртот на деталниот урбанистички план општината спроведува јавна анкета.

Согласно член 18 од Законот јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правните лица од конкретното подрачје опфатено со планот, на анкетни листови, доставуваат писмени забелешки до организаторот на анкетата, а извештај за јавната анкета за планот, со образложение за неприфатените забелешки изработува општината, односно Градот Скопје.

Имајќи го предвид изнесеното наспроти одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Судот оцени дека во конкретниов случај при донесувањето на оспорениот детален урбанистички план не е целосно запазена законски предвидената постапка од овој аспект.

Имено, во согласноста на Предлог-планот за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за дел од VI-та станбена заедница на град Тетово издадена од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, во точката 2 изречно се наведува дека истата не се однесува на двата индивидуални станбени објекти (се мисли на објектите предвидени на КП.3700/1 и КП.3701/3) и во тој дел останува во важност постојниот урбанистички план.

Со оглед на тоа дека согласноста на Министерството за урбанизам и градежништво е составен и задолжителен елемент на постапката за донесување на плановите (“плановите за кои не е дадена согласност, се сметаат дека не се донесени” – член 22 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање), Судот оцени дека, во конкретниов случај, со делумното давање согласност на оспорениот урбанистички план, Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина всушност врши негова измена што излегува надвор од доменот на неговата надлежност, поради што оцени дека основано може да се постави прашањето за законитоста на Планот од овој аспект.

6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.68/2000)

Leave a Reply