121/2000-1-0

121/2000-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 ноември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Уредбата за утврдување на зоните во кои се ограничува слободата на движењето, престојот или населувањето во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.84/92 и 16/96).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се ограничувале слободата на движењето, престојот или населувањето на граѓаните на Република Македонија, што спаѓало во доменот на законодавната регулатива, а не во надлежност на Владата на Република Македонија, како носител на извршната власт.

3. Судот на седницата утврди дека членот 1 од Уредбата предвидува со неа да се утврдуваат зоните во кои, заради заштита на интересите на одбраната се ограничува слободата на движењето, престојот или населувањето.

Согласно членот 2 од Уредбата зони во кои се ограничува слободата на движењето, престојот и населувањето се делови од територијата на Република Македонија (во натамошниот текст: Република), кои согласно Планот за одбрана на Републиката се посебно уредени за потребите на одбраната или се предвидува нивно уредување.

Членот 3 од Уредбата, како зони во кои се ограничува слободата на движењето или населувањето ги утврдува: – зона 1 – Серта – подрачјето ограничено со селата Хаџи Хамзали, Хаџи Реџепли, Чардак, Џидимирци и Мушанци; – зона 2 – Пеколник – подрачјето ограничено со селата Здуње, Тажево, Борова Брезница и Долна Белица; – зона 3 – Плачковица – подрачјето ограничено со Еленски Рид, Мал Лисец, Криво Брдо, Смрекеш, Андова Ридина, Влашка Ридина и Влашки Бачила.

Во членот 4 од Уредбата е предвидено со нејзиното влегување во сила да престане да важи Одлуката за определување на забранети зони во СР Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.5/87) и Одлуката за определување на забранети зони (“Службен лист на СФРЈ” бр.46/85).

Последниот член од Уредбата, односно членот 5 предвидува истата да влезе во сила осмиот ден од нејзиното објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Согласно член 27 став 1 од Уставот секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште.

Согласно став 3 на овој член од Уставот остварувањето на овие права може да се ограничи со закон единствео во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Од наведените одредби произлегува дека Уставот, во начело, предвидел слободно движење на граѓаните на територијата на Република Македонија меѓутоа, од ова правило предвидел исклучок во смисла што правото на движење може да се ограничува во случаите што ќе бидат определени со закон, односно само кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Постапувајќи согласно оваа уставна одредба, донесен е Законот за одбрана. Со овој закон се уредени прашањата сврзани со активностите и мерките што се преземаат заради спречување и отстранување на дејствијата насочени кон поткопување и уривање на општествено-економското и државното уредување, односно заради заштита на со Уставот утврденото државно уредување.

Имено, со овој закон всушност се уредуваат прашања во врска со правата и обврските на граѓаните да учествуваат во одбраната на Републиката; надлежностите на органите на државната власт; се определува статусот на Армијата на Република Македонија со нејзините права и должности; се определуваат обврските на претпријатијата, јавните установи и службите на единиците на локалната самоуправа во смисла што се задолжуваат да преземаат мерки за заштита и спасување на работниците и материјалните добра од воени дејства; се уредуваат прашањата во врска со цивилната заштита; активностите во врска со обучувањето за одбраната и мерките и активностите што се преземаат заради безбедноста во одбраната.

Така, со членот 119 од Законот е предвидено дека безбедноста во одбраната опфаќа мерки, активности и постапки што се преземаат заради заштита на тајноста на податоците, информациите, документите, средствата, објектите и зоните од значење за одбраната на Републиката (тајни податоци).

Како што се гледа од оваа одредба, законодавецот, постапувајќи согласно овластувањата на Уставот, меѓу мерките и активностите што се нужни за заштита на безбедноста во одбраната, генерално определил дека во интерес на безбедноста во одбраната, треба да постојат објекти и зони од значење за одбрана на Републиката, а заради заштита на интересите на одбраната, (во членот 122) определил дека Владата со уредба треба да ги утврди зоните во кои се ограничува слободата на движењето, престојот или населувањето.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека оспорената уредба е согласна со Уставот и поради следното:

Несомнено е дека според Уставот правото на слободното движење на граѓаните на територијата на Република Македонија може да се ограничи, во определени случаи, и тоа само со закон.

Меѓутоа, неспорно е дека во таа смисла Законот за одбрана предвидел генерална одредба со која, меѓу другото, определил дека треба да постојат зони од значење за одбраната на Републиката.

Со други зборови, тоа значи дека правото на постоење на зони од значење за одбраната на Републиката е утврдено со закон, со тоа што законодавецот на Владата и препуштил не да го утврдува ова веќе утврдено право, туку само да ги именува зоните во кои се ограничува слободата на движењето, престојот и населувањето на граѓаните.

Во таа смисла, со оспорената Уредба, не се определува правото на постоење на зони од ваков карактер, туку само при веќе утврдено законско право, се определуваат односно означуваат имињата на овие зони.

Според тоа, Судот оцени дека наводите во иницијативата според кои ограничувањето на слободата на движењето престојот или населувањето на граѓаните на територијата на Република Македонија е извршено со уредба, а не со закон не стојат од причина што со Законот за одбрана меѓу мерките и активностите што, како превентивни се преземаат, се предвидува постоење на зони од значење за одбрана на Републиката, а во оспорената уредба, пак, како што се гледа од нејзината содржина, само поименично се означуваат овој вид зони.

Врз основа на изнесеното, Судот смета дека не може да се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорената Уредба од овој аспект, па одлучи како во точката 1 на ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.121/2000
1 ноември 2000 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply