142/2000-0-0

142/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 октомври 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на членовите 144 и 146 од Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.64/2000).

2. Д-р Душан Поповски декан на Техничкиот факултет во Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на оспорените членови од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според иницијаторот, оспорените членови односно нивните оследни ставови не биле во согласност со членот 11 од Законот за високото образование и со членот 123 од Законот за работните односи.

Имено, членот 123 од Законот за работните односи велел дека работникот има право на приговор против отказот до органот на управување. После тоа работникот има право на судски спор. Значи, тука немало место за никаква жалба, особено не за жалба до орган на управување на друго правно лице (факултетот и универзитетот биле посебни правни лица со посебни органи на управување).

Оспорениот дел од членовите 144 и 146 од Законот за високото образование ја нарушувал и академската слобода на факултетите кои согласно член 11 алинеја 8 имале право слободно да одлучуваат за избор во наставно-научни и соработнички звања. Универзитетскиот сенат немал право да врши ревизија на изборот односно престанокот на изборот.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 144 став 3 од Законот за високото образование лицето од ставот 2 на овој член има право на приговор до органот кој одлучувал за изборот. Ако приговорот биде одбиен, лицето има право на жалба до универзитетскиот сенат, кој формира комисија од три члена, составена од редовни професори од иста или сродна научна област од која е подносителот на жалбата, од кои најмалку два члена се од друга високообразовна установа. Комисијата поднесува извештај во кој дава оцена за изборот. Одлуката на универзитетскиот сенат е конечна.

Според членот 146 став 4 од истиот Закон лицето од ставот 3 на овој член има право на приговор до органот кој одлучувал за престанокот на изборот. Ако приговорот биде одбиен, лицето има право на жалба до универзитетскиот сенат, кој формира комисија од три члена, составена од редовни професори од иста или сродна научна област од која е подносителот на жалбата, од кои најмалку два члена се од друга високообразовна установа. Комисијата поднесува реферат во кој дава оцена за изборот. Одлуката на универзитетскиот сенат е конечна.

4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Од оваа уставна одредба произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласноста на членови од ист закон ниту пак за согласноста на членови од два различни закони.

Оттука, согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли иодлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.142/2000
18 октомври 2000 година
С к о п ј е
сд.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply