117/2000-0-0

117/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 октомври 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на актот на ЈП “Електростопанство на Македонија”-Скопје, Подружница”Електродистрибуција”-Куманово, или на Советот на општината Куманово врз основа на кој ова претпријатие, со сметката за електрична енергија наплаќало комунална такса за користење и одржување на јавно осветлување.

2. Денковски Лазо од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата подносителот наведува дека иако неколку пати барал наведеното Јавно претпријатие да му ја презентира одлуката врз основа на која ја наплаќа оваа јавна давачка, истата не му била ставена на увид поради што и не бил во можност да ја достави на Уставниот суд.

Инаку, според наводите во иницијативата комуналната такса за користење и одржување на јавното осветлување што ја наплаќала Јавното претпријатие “Електростопанство”-Скопје, Подружница “Електродистрибуција”-Куманово преставувала јавна давачка, а нејзиното наплатување било неуставно бидејќи истата не била утврдена од Собранието на Република Македонија, кое согласно член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија било и единствено надлежно да ги утврдува јавните давачки, поради што во иницијативата се бара Уставниот суд да ја укине оспорената одлука, односно наплатата на оваа давачка, како неуставна.

3. Во претходната постапка Судот утврди дека Јавното претпријатие “Електростопанство”-Скопје, Подружница “Електродистрибуција”-Куманово наплатата на комуналната такса за користење и одржување на јавно осветлување ја вршело

врз основа на Законот за комуналните такси (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/97-пречистен текст, кој инаку ги опфаќа Законот за комуналните такси објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.45/72 и изменувањата и дополнувањата на овој закон објавени во “Службен весник на Република Македонија” бр.39/77, 42/80, 51/88, 11/91, 28/91, 34/92, 4/93, 17/93, 45/93, 33/95 и 71/96).

Имено, во член 3 став 1 точка 11 од наведениот закон е утврдено дека комунална такса се плаќа за користење и одржување на јавно осветлување, а во членот 19 со кој се утврдува Тарифата на комуналните такси, со Тарифниот број 11 е одредено дека за користење и одржување на јавно осветлување се плаќа комунална такса во висина на противредност од 15 КЊЦ по цена за јавно осветлување за секое броило за мерење на електрична енергија.

Во забелешката од Тарифниот број 11 стои “Наплатата на таксата за користење и одржување јавно осветлување од имателите на броило ја врши Јавното претпријатие за производство, пренесување и дистрибуција на електрична енергија и ја уплатува на соодветна сметка кај институцијата за платен промет, во рок од 15 дена по извршената наплата.

Од изнесеното произлегува дека ЈП “Електростопанство на Македонија”-Скопје не донело акт со оспорената содржина, и дека наплатувањето на таксата за користење и одржување на јавно осветлување ја врши врз основа на Законот за комуналните такси, со кој е утврдена обврската на граѓаните да ја плаќаат оваа јавна давачка, што е во согласност со член 33 и 68 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

4. Имајќи предвид дека таксата за користење и одржување на јавно осветлување е воведена со закон и дека Јавното претпријатие “Електростопанство”-Скопје, Подружница “Електродистрибуција”-Куманово наплатата на оваа давачка ја врши врз основа и во согласност со Законот за комуналните такси од што произлегува дека не постои посебен акт ниту на ова претпријатие ниту на Советот на општината Куманово за воведување на таква давачка, Судот утврди дека не постојат процесни претпоставки за постапување по иницијативата поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.117/2000
18 октомври 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply