52/2000-0-0

52/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 октомври 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата на Владата на Република Македонија за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за промана на организацијата на ЈП за комунални дејности “Комуналец” – Кичево, донесена од Советот на Општина Кичево на 30 ноември 1999 година (“Службен гласник на Општина Кичево” бр.7/99).

2. Владата на Република Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со Уставот, Законот за уредување на односите помеѓу новите единици на локалната самоуправа и единиците на локалната самоуправа од кои произлегуваат (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/96) и Законот за комуналните дејности (“Службен весник на Република Македонија” бр.45)/), затоа што Општината Кичево и Општината Другово не склучиле спогодба со која требало да ги уредат меѓусебните односи во вршењето на комуналните дејности, поради што Владата ја преземала грижата за водоснабдувањето и дистрибуцијата на вода за овие општини, а со оспорената одлука Општината Кичево извршила промена во организацијата на постојното претпријатие за комунални дејности и основало две јавни претпријатија.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се врши промена на организацијата на ЈП за комунални дејности “Комуналец” – Кичево и се утврдуваат дејностите на јавните комунални претпријатија, основните услови и начинот на вршење на дејноста за кои се основаат, начинот на финансирање и други прашања од значење за јавните комунални претпријатија. При тоа, Советот на Општината Кичево основа две јавни претпријатија и тоа: Јавно претпријатие за водоснабдување “Водовод” – Кичево и Јавно претпријатие за комунални дејности “Комуна” – Кичево.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, а според алинеја 2 на овој член одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Оспорената Одлука претставува основачки акт со кој од постојаното ЈП “Комуналец” се основаат нови две претпријатија “Водовод” – Кичево и “Комуна” Кичево, што според мислењето на Судот не претставува пропис (општ акт) во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, но поединечен акт, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Доколку иницијаторот смета дека оспорената Одлука (како основачки акт) е спротивна на Законот за јавни претпријатија кој ги регулира условите и постапката за основање на јавни претпријатија и на други закони на кои се повикува во иницијативата може во редовна судска постапка тие права да ги остварува.

Со оглед на горното, а во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ја отфрли иницијативата и одлучи како во точката 1 на решението.

Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.52/00
18 октомври 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply