53/2000-0-0

53/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од
Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на
Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија”
бр.70/92), на седницата одржана на 13 септември 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за начинот на изградба во населените места во
Општина Чучер-Сандево кои немаат урбанистичка документација бр.07-29/8,
донесена од Советот на Општина Чучер – Сандево на 18.02.2000 година, а објавена
во “Службен гласник на Општина Чучер-Сандево” бр.1/2000.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во
“Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.53/2000 од 5
јули 2000 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на
одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што истата била донесена
без да биде дадена претходна согласност од Министерството надлежно за работите
на урбанизмот, поради што се постави прашањето за нејзината согласност со член
8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија и член
25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на
Република Македонија” бр.4/96, 28/97, 18/99).

Исто така, Судот поведе постапка и за графичките прилози кои се
составен дел на одлуката.

4. Судот на седницата утврди дека според член 1, со оваа одлука се
уредува начинот на изградба во населените места Глуво и Бразда во Општина
Чучер-Сандево кои немаат урбанистичка документација.

Од членот 3 до 15 од Одлуката поконкретно се уредува начинот на
изградба на објектите во наведените населени места, и тоа во смисла на
предвидување зони за стопанска активност и услови за изградба на објекти за
земјоделски, сточарски и други производни активности; за објекти за живеење,
јавни објекти, стопански објекти; објекти за одмор, спорт и рекреација; се
утврдува организацијата на сообраќајната, водоводната, канализационата и
електричната мрежа; организацијата на дворното место и станбените објекти и сл.

Според член 17, надзор над примената на одлуката врши урбанистичко-
градежната инспекција, а според членот 18, одлуката се применува до
донесувањето урбанистичка документација за соодветното населено место.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република
Македонија, владеењето на правото претставува една од темелните вредности на
уставниот поредок на државата.

Според член 51 став 1 од Уставот, законите мораат да бидат во
согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Оспорената одлука е донесена врз основа на член 25 од Законот за
просторно и урбанистичко планирање, според кој изградба во населено место, кое
нема урбанистичка документација за населено место во општина, може да се врши
до нејзино донесување, под услови и на начин што со општ акт ќе ги утврди
општината. При тоа, општиот акт се донесува по претходна согласност на
Министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Во конкретниот случај, Министерството надлежно за работите на
урбанизмот дало согласност на оспорената одлука со акт бр.10-2234 од 29.03.2000
година, т.е. по донесувањето на одлуката.

Со оглед на тоа што одлуката фактички е донесена и објавена во
Службениот гласник на општината, таа произведува правно дејство. Отсуството на
законски поставениот услов (претходно дадена согласност) претставува пречка за
донесувањето на одлуката. Подоцна добиената согласност не го конвалидира
пропустот сторен пред донесувањето на одлуката, како законски императив.

Со оглед на тоа што не е почитувана целокупната постапка за донесување
на оспорената одлука, односно не е добиена претходната согласност од
Министерството надлежно за работите на урбанизмот, Судот оцени дека истата не е
во согласност со член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, а со
тоа и со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Со оглед на тоа што графичките прилози претставуваат составен дел на
одлуката, ставот на Судот изнесен во точката 1 од оваа одлука се однесува и на
графичките прилози.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа
одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-
р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р
Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р
Јосиф Талевски.

У.бр.53/2000
13 септември 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply